Јанaкиески нема скршеници, дали има затворската контрола? | Северна Македонија | DW | 22.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јанaкиески нема скршеници, дали има затворската контрола?

Многу шпекулации околу инцидентите во истражниот затвор - од обид да се издејствува домашен притвор, да се потврди тезата на Груевски дека избегал зашто во затвор животот би му бил загрозен, до тврдења за груб реваншизам

Mile Janakieski (DW/P. Stojanovski)

Кај Јанакиески не биле евидентирани никакви повреди, соопшти директорот на болницата „Осми септември“

Нема скршеници, туку дезинформации, кои предизвикаа тешки политички обвинувања. Ова е епилогот од двата одвоени инцидента во кои вчера учествувале поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои од завчеравечер издржуваат мерка притвор во истражниот затвор „Скопје“. Директорот на затворот, Ѓоко Котески, повикувајќи се на изјавите на очевидци на инцидентите, вели дека Јанакиески и Ристовски во различни инциденти прво почнале вербална расправија со осуденици за „Диво насеље“, која потоа преминала во физичко кошкање и туркање.  

„Сите очевидци го потврдија истото. Немавме индиции дека може да се случи каков било инцидент. Од моментот кога беше јавено дека се случил инцидент, до неговото спречување помина една минута. Симпоматично е тоа што Јанакиески претходно беше три недели во притвор во иста соба со лице осудено во 'Диво насеље' и тогаш немаше никаков проблем“, вели Котески за ДВ.

И двата одвоени инцидента се случиле за време на прошетката кој трае два часа во денот. Секој затвореник тоа право го користел според утврден распоред во различни, ротирачки термини. Како што објаснува директорот, за време на прошетката правилото било никогаш да не бидат во иста група лица притворени за ист предмет. Тоа значи дека Јанакиески и Ристовски во различни термини го користеле правото на прошетка и во различни термини се случиле инцидентите.

Symbolbild Jugendgefängnis (picture-alliance/dpa)

Притвореници за ист предмет не излегувале во исто време на прошетка, тврди директорот на истражниот затвор „Скопје“

Преместени во хашкото одделение

Сеад Реџепагиќ, судијата на претходна постапка, кој одлучуваше за притворот на Јанакиески и Ристовски, за ДВ изјави дека веднаш бил усно информиран за инцидентите. Притоа затворските власти го известиле дека Јанакиески се жали на болки и побарале судско одобрение за негов преглед во здравствена установа. Заради што побрза реакција, судијата усно веднаш издал таква наредба. Здравствен преглед не бил побаран за Спиро Ристовски. Судијата денеска треба да добие комплетен писмен извештај од затворски власти за вчерашните два одвоени инцидента.  

По прегледите од страна на специјалисти, директорот на болницата „Осми септември“, Христијан Костов изјави дека кај Јанакиески не биле евидентирани никакви повреди. Биле направени анализа на крвната слика, ехо и компјутерска томографија. Тој рече дека не била утврдена потреба од хоспитализација, но препорачале во наредните 24 часа да биде под надзор на медицинско лице. Заради превенирање на опасност од инциденти, директорот на затворот изјави дека Јанакиески и Ристовски од синоќа се префрлени во т.н. хашко одделние. „Ќе бидеме будни“, вели Котески.

Повеќе: 

Вељаноски, Ристовски и Јанакиески приведени за „крвавиот четврток“

Унгарските власти го прифатиле барањето за азил на Груевски

ВМРО-ДПМНЕ: Европа или Северна Кореја?

Овие инциденти ја вжештија реториката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. И покрај јасниот протокол за контакт со притворени лица, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја посети болницата и се пожали дека не му било доволено да го види Јанакиески. Претходно истото не било дозволено и за членови на неговото семејство.  

Symbolbild Neonazis Gefängnis Netzwerk Deutschland (Getty Images)

Денеска се очекува комплетен писмен извештај од затворски власти за вчерашните два одвоени инцидента

„Денеска се жртви Спире и Миле, утре ќе биде секој еден од вас. Државата не успеа да ги заштити животите на двајцата притвореници и за ова треба да има одговорност. Рацете на Зоран Заев се крвави и не постои вода која што ќе може во периодот што следува да ги испере“, обвини Мицкоски.

Тој побара оставки и најави дека за овие случаи ВМРО-ДПМНЕ ќе ги информира меѓународниот фактор, Комитетот за заштита и превенција од тортура при Советот на Европа и сите релевантни меѓународни институции. И утрово ВМРО-ДПМНЕ го испрати истото барање.

„Тепани и линчувани луѓе во притвор, како да се наоѓаме во Северна Кореја, а не на тлото на Европа. Миле и Спиро, како и сите граѓани кои се влечат по затвори врз основа на рекла-казала муабети и заради спротивни политички гледишта од тие на власта се жртви на политички прогон. Зоран Заев, Рената Дескоска и директорите на Управата за извршување на санкции и притворскиот затвор треба да понесат одговорност веднаш“, се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ синоќа одговорија дека сценаристи на инцидентот во затворот се Христијан Мицкоски и Никола Груевски.

„Мицкоски и Груевски очајно се обидуваат преку нови насилнички сценарија да ја дефокусираат јавноста од водечката улога на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, како осомничен организатор за насилствата на крвавиот 27-ми април. Однесувањето на Мицкоски и неговиот театар во болницата е само уште една потврда за тоа. Особено имајќи предвид дека лицето М.Ј воопшто немало никакви повреди, што е потврдено со прегледот. СДСМ најостро осудува било какво насилство и го осудува инцидентот во затворот. Очекуваме сите надлежни институции до крај да го расчистат овој инцидент“, соопшти СДСМ.

Во денешното соопштение партијата констатира дека „благодарение на брзата и професионална реакција на институциите, не успеало смисленото сценарио на Мицкоски и Груевски, ниту театарот на Мицкоски во болницата, ниту лажните вести на медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ“.

Во јавноста се вртат многу шпекулации за вчерашниот настан - дел се сомневаат во планирано сценарио со цел да биде издејствуван домашен притвор, други сметаат дека Јанакиески и Ристовски се изманипулирани само за да се потврди тезата на Груевски дека избегал затоа што во затвор животот би му бил загрозен, а трети - дека станува збор за груб реваншизам.

Адвокатот на Јанакиески најави дека денеска ќе го обжали решението за затворски притвор и дека ќе побара да биде заменет со домашен. 

DW.COM

Реклама