Јан Палах- Факелот број 1. | Свет | DW | 16.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Јан Палах- Факелот број 1.

Во 1969, чешкиот студент Јан Палах се самозапали во знак на протест. Себеси се нарече „Факел број 1“ и ги предупреди лидерите на Чехословачка дека по него ќе следуваат и други доколку не се случат промени.

На 16 јануари 1969 година, 20-годишниот чешки студент Јан Палах се самозапали во обид да ги разбуди своите сонародници од колективната депресија по советската инвазија со која и беше ставен крај на Прашката пролет.

Себеси се нарече „Факел број 1.“ и ги предупреди чехословачките лидери дека ќе следуваат и други доколку не се случат промени.

Вообичаеното гледиште е дека Палах се самозапали во знак на протест поради инвазијата врз Чехословачка од земјите на Варшавскиот пакт. Всушност, неговиот протест имаше за цел да ги инспирира сонародниците да им се спротивстават на окупаторите.

„На Палах му пречеше рамнодушноста на луѓето, и тоа што се адаптираа на новата реалност“, вели словачкиот новинар и писател Мартин Милан Симецка.

Палах почина на 19 јануари, три дена откако се самозапали. Демонстранти и почитувачи отидоа во Каролинум, седиштето на ректоратот на Универзитетот во Прага, за да се поклонат пред ковчегот на Палах. Подоцна, повеќе од 200 илјади луѓе присуствуваа на неговиот погреб.

Tschechoslowakei 1969, Beerdigung Jan Palach, Selbstverbrennung (picture-alliance/CTK Photo)

На погребот на Палах присуствуваа над 200 илјади луѓе

„Неговото самозапалување воопшто не беше форма на протест“, вели Лукаш Камински, историчар на Универзитетот во Вроцлав. „Ужасната смрт на Палах имаше за цел да ги охрабри Чесите и Словаците да и се спротивстават на окупацијата“, вели Камински.

Тоа и се случи. По смртта на Палах, бројни Чеси и Словаци започнаа штрајк со глад; други излегоа на улиците. Тие инсистираа на барањата на Палах, набројани во неговото проштално писмо, да се стави крај на цензурата и да се престане со објавувањето на советскиот пропаганден весник Зправи.

Но нивните барања не беа прифатени. Цензурата остана, а продолжи и објавувањето на советскиот весник. Ништо не се смени, а Чесите и Словаците станаа апатични.

Замаец на промените

Но Палах не умре залудно. Две децении подоцна, група наречена Движење на децата на Бохемија- самопрогласена монархистичко-анархистичка иницијатива- се инспирираше од неговиот активизам и повика на нови протести.

Kalenderblatt Selbstverbrennung von Jan Palach in Prag (dpa)

Палах имаше 20 години кога се самозапали

Овие активисти, како и илјадници други кои се покажаа клучни во уривањето на советското владеење во Чехословачка, беа уште деца кога Палах се самозапали во 1969. Но, на 15 јануари 1989, тие излегоа на плоштадот Венцеслас за да ја одбележат годишнината од неговата саможртва. Доаѓаа на плоштадот секој ден цела недела, а настанот подоцна стана познат како „Неделата на Палах“.

„Тоа ја покажува улогата која Палах сѐ уште ја има во чешката национална психологија“, вели Симецка. Неговото дело помогна да се инспирираат масовните протести на 17 ноември 1989, кога демонстрантите без страв и се спротивставија на полицијата. Протестите продолжија и конечно доведоа до уривање на комунистичкиот режим на крајот на 1989, а дисидентот Вацлав Хавел стана првиот демократски избран претседател во повоената ера.

„Неговото наследство и денес е актуелно“, вели полскиот историчар Камински. „Оттука не е чудно што протестите против актуелната влада се планираат за 16 јануари на плоштадот Венцеслас“.

DW.COM

Реклама