Јанез повторно би цртал граници | Информации и анализи за Балкан | DW | 16.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Јанез повторно би цртал граници

Во својот нон-пејпер испратен до одбрани адреси во ЕУ, премиерот на Словенија, Јанез Јанша, предложи решавање на споровите на Балканот со промена на границите.

„Решенија“ - така се вика еден дел во еден нон-прејпер кој словенечкиот премиер Јанез Јанша пред неколку месеци го испратил на неколку одбрани адреси во ЕУ. Тоа што следеше личи на документот на Берлинскиот конгрес од 1878 година, кога Ото фон Бизмарк, лорд Солсбери и кнезот Горчаков во рок од еден месец на своја рака ја одлучија судбината на нациите на Балканот.

Јанша повторно би повлекувал граници

За „а) Обединување на Косово и Албанија“ во нон-пејперот се резервирани 4 реда. Ставката „б) Обединувањето на поголемиот дел од Република Српска со Србија“ доби еден ред помалку.

Јанша во оваа прилика би сакал повторно да го одреди и обликот на соседна Хрватска: „в) Хрватското национално прашање може да биде решено“ така што „претежно хрватските кантони во Босна и Херцеговина ќе се обединат со Хрватска“ или на „хрватскиот дел“ во БиХ ќе му се даде „посебен статус“ - „според моделот на Јужен Тирол“.

Norbert-Mappes-Niediek - Korrespondent mehrerer deutschsprachiger Zeitungen in Südosteuropa

Норберт Мапес-Нидик, автор на колумната

Остануваат Бошњаците, кои сочинуваат речиси половина од населението во земјата. Според овој план тие добиваат „независно функционална држава“ и „за неа преземаат целосна одговорност“. А, ако не сакаат, не мораат да се приклучат на ЕУ: „На референдум можат да изберат меѓу иднина во ЕУ или надвор од неа, како Турција“. Во документот на Јанша стои и дека муслиманските Бошњаци „привремено“ се залагаат за членство во ЕУ.

Спор околу два концепта

Нон-пејперот предизвика први потреси уште пред да го објави словенечкиот портал „Нецензурирано“ (necenzurirano.si) во средата вечер (14.04.2021). Повторното повлекување на границите, тема на спорниот документ, на Балканот е нешто како слон во просторијата: голема закана, но за неа никој не зборува. По првите гласини за нон-пејперот, хрватскиот министер за надворешни работи, Гордан Грлиќ Радман, отпатува во Сараево и ги смири духовите, велејќи дека Хрватска го поддржува интегритетот на соседната држава и оти за постоењето на „фантомскиот документ нема никакви докази“.

Повеќе:

-Да беше само Јанша...

-Ехото на приказните од Словенија за „мирно разделување“ на БиХ

-Јанез Јанша: „Мини-Трамп“ и „Маршал Твито“

Еден од адресантите, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претходно рече дека не може да потврди дали го примил документот - што не значи и оти тоа не се случило.

Во овој регион веќе 30 години постои спор околу два концепта. Според едниот, владеачкиот, границите остануваат нечепнати, секоја одделна земја создава демократски структури во кои има место и за етничките малцинства. Според другата, главно премолчен концепт, се повлекуваат нови граници, според етничките критериуми, а дотичните владеачи смеат непречено да владеат во своите национални семејства. „Етнички чисти“ национални држави прават „хаос“ во правата на малцинствата, институциите и во демократските гласачки процеси.

Угледот на Јанша е нарушен

Словенија на 1 јули го презема претседателствувањето со ЕУ, а премиерот Јанша, како што е тоа вообичаено, во Брисел уште во декември ги предал грубите нацрти на своите насоки. Балканот е тежиште. Јанша е во добри односи со Виктор Орбан, својот колега од соседна Унгарија. Орбан ги финансира десно ориентираните, словенечки медиуми наклонети кон Јанша, а преку Љубљана и таквите медиуми во С. Македонија, на чиј поранешен премиер Никола Груевски, правосилно осуден поради корупција, му даде азил во Унгарија.

Орбан беше тој кој како нов европски комесар за проширување го инсталираше Оливер Вархеји, свој човек од доверба. Овој Унгарец во својот мандат пред сѐ се грижи за шансите на Србија за пристап во ЕУ. Во така создадена мрежа, иницијативите и нон-пејперите веќе не поминуваат незабележливо.

Во Брисел не се смета веројатно дека Јанша во Европа навистина би можел да ги протурка своите унгарски и српски пријатели. Угледот на словенечкиот премиер е нарушен по неговиот последен настап во Европскиот парламент. Кога требаше да одговара на прашањата на пратениците за слободата на медиумите во Словенија, тој инсистираше на тоа оти е подобро да прикаже еден филм. Кога парламентот се спротивстави, Јанша едноставно ја прекина интернет врската. Како што Вархеји главно го игнорираат, сложените структури во ЕУ овозможуваат и неутрализирање на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ.

Искушението на Гордиевиот јазол

И покрај тоа, иницијативите како нон-пејперот не се само младешки фантазии. Наскоро ќе се навршат три години откако српскиот претседател Александар Вучиќ, со своите желби за етничка корекција на границите во Европа, наиде на - не толку мала - благонаклонетост: една социјалдемократска комесарка за надворешната политика, еден христијанско-демократски комесар за проширување и еден претседател од редовите на Зелените, се заложија на нова поделба на територијата меѓу Србија и Косово.

Колку подалеку европските хоби-стратези се од регионот, толку е поголемо искушението да се пресече таканаречениот Гордиев јазол од неразбрани „етнички конфликти“ со еден удар. Само што во моментов на повидок го нема кнезот Бизмарк.