Јанша: “Местото на Македонија е во ЕУ“ | Македонија | DW | 27.02.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јанша: “Местото на Македонија е во ЕУ“

Словенечка владина делегација, предводена од премиерот, Јанез Јанша, денеска е во посета на Македонија. Во рамки на посетата, ќе биде одржан и словенечко-макеоднски бизнис форум.

Јанез Јанша

Јанез Јанша

Словенија останува лобист за македонските евро-атлантски аспирации. Нејзиниот амбасадор, во наредните две години, ќе раководи со канцеларијата на НАТО во Скопје. Официјална Љубљана ја поддржува политиката на отворени врати за ЕУ и за интегрирање на Балканот. И покрај ваквите стимулации, словенечкиот премиер, Јанез Јанша, во Скопје денеска не ја повтори бриселската изјава дека Македонија ќе добие датум за преговори, кога од први јануари 2008 година претседавач на ЕУ ќе стане Словенија. „Словенија ја поддржува Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, не затоа што беа федерални сојузници пред 15-тина години. Кога евро-атлантското членство беше приоритет во Словенија никому од партиите на власт, и особено од опозицијата, не му паѓаше на памет да го бојкотира донесувањето на европските закони во парламентот„, порача Јанша, кој во Скопје допатува изутрината. Тој ја пофали новата македонска влада за последните акции во откривањето на корупцијата, организираниот криминал и владината одлука за нова динамика при донесувањето на законите од агендата на ЕУ. Таквата оценка со задоволство ја следеше македонскиот премиер, Никола Груевски. Тој рече: “Исклучително важна е и атмосферата во унијата. Исклучително важно е и што ќе се одвива таму, затоа што како што знаете, во моментот постои т.н. замор од проширување во унијата и јас разбирам дека на Словенија, како наш голем поддржувач, не и е така лесно да протежира прием на нови членки. Но, ние работиме на тоа. Словенија го прави својот максимум. Задоволни сме од нивната поддршка и убедени сме дека така и ќе продолжи. “

Словенечкиот премиер во Македонија дојде откако неговите сограѓани, во една неодамнешна анкета, за најпосакуван сосед би ја одбрале Македонија. Премиерите Јанша и Груевски, по одржаната прес конференција заминаа на бизнис-форум. Од Љубљана допатуваа стотина стопанственици, односно досега најбројна екипа бизнисмени во придружба на еден премиер. Словенија со инвестирани 105 милиони евра, е трета по инвестиции во Македонија минатата година. Повеќето од тамошните компании преселија дел од бизнисот и производството на југот од Балканот, поради евтината и квалитетна работна сила во Македонија. Истовремено, се повеќе словенечки финансиски и инвестициони фондови купуваат акции на македонската берза.