Јаневска: Пописот ќе почне навреме
29 септември 2011„Попис ќе има. Пописот почнува задутре. Ние имаме Закон за попис. Работиме напорно од декември минатата година. Обуките се во тек, луѓето се подготвуваат и нема дилеми дали ќе има или не попис. Се‘ тече многу забрзано со многу труд, со многу работа. Со многу потешкотии ние стигнавме до крајот и мислам дека од задутре се‘ ќе биде во ред“, рече Јаневска.
Во врска со информациите за различни толкувања на Законот за попис и барањето да се попишуваат и државјани на Македонија што живеат во други земји, а влегле еднаш во земјата во текот на една година, Јаневска признава дека има различни мислења, но тврди дека пописот ќе се спроведува согласно Законот.
„Има различни мислења. Но, попишувачите и сите други учесници во пописот ќе работат по Законот“, рече претседателката на ДПК.
Според нејзиниот заменик, Абдулменаф Беџети стартот на пописот е неизвесен поради барањата на претставниците на албанската заедница да се попишуваат и граѓани кои се отсутни од државата повеќе од 12 месеци.
Согласно законот, граѓаните кои престојуваат надвор од земјата повеќе од 1 година не треба да бидат опфатени со пописот.
Пописот на наслението и донаќинствата во Македонија ќе се одржи од 1 до 15 октомври.
Автор: БГ/ ЕМФ/ миа/ бета
Редактор: А. Трајковска