Јамајка коалиција - последна шанса за Меркел | Свет | DW | 20.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Јамајка коалиција - последна шанса за Меркел

Попладнево во Берлин формално започнуваат преговорите за формирање на новата германска влада. ЦДУ, Либералите и Зелените ќе бараат компромис за неколку почетни точки. Исходот е неизвесен.

Ангела Меркел се соочува со најкритичниот период од нејзиното владеење. Од една страна е подемот на радикалната АФД, која веќе влезе во парламентот, од друга - опасноста од центрифугалните сили во нејзината партија кои би можеле да излезат од контрола. Минатиот месец на парламентарните избори, ЦДУ го забележа најлошиот резултат во својата историја. Во меѓувреме, угледот на партијата продолжува да тоне. Минатиот викенд демохристијаните загубија на покраинските избори во Долна Саксонија, а ден подоцна нивниот премиер во источната покраина Саксонија поднесе оставка.

Јамајка-коалицијата е последна шанса за Меркел, пишува денеска угледниот бизнис весник „Ханделсблат“, во пресрет на почетокот на првата рунда преговори за новата владина коалиција во Германија.

Успехот на коалициските преговори, според аналитичарите, сега е да се биде или не за 63-годишната канцеларка.

На коалициските преговори во Берлин, Меркел пристигнува директно од Брисел, каде со лидерите на ЕУ разговараа за Брегзит, Турција и бегалците.

Трите партии кои треба да ја сочинуваат новата коалиција: демохристијаните, либералите и зелените се оддалечени едни од други, како што неодамна рече генералната секретарка на либералите Никола Беер, колку што е Јамајка оддалечена од Германија. Прво ќе се разговара за даночната и буџетската политика, теми за кои се очекува најлесно да се најде заеднички јазик. Тешките прашања како бегалците, заштитата на животната околина, дизел-возилата, социјалната заштита и редица други, ќе бидат оставени за крај.

Трипартитната коалиција која го носи името Јамајка, поради тоа што боите на трите партии - црната, жолтата и зелената се исти како јамајканското национално знаме - досега не е тестирана на национално ниво.

Анкетите покажуваат дека 83 проценти од Германците посакуваат партиите да постигнат компромис. Доколку партиите сепак не успеат да се договорат, Меркел би можела да се обиде да формира малцинска влада, или да свика вонредни избори - сценарио без преседан во повоена Германија.

Последната алтернатива е повторно да направи коалиција со СПД. Социјалдемократите веќе најавија дека следните четири години сакаат да ги минат во опозиција, но би можеле и да се предомислат - доколку Меркел се повлече, како што деновиве изјави високиот партиски функционер Томас Оперман.

DW.COM

Реклама