Јакобински терор | Северна Македонија | DW | 27.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јакобински терор

Во теророт на фрустрираното општество не е поштедена ничија глава, утре ќе биде колвана и онаа што ги смислуваше сцените за гилотинирање. Сите работат за една цел – да се уништи се’ што вреди и малку и многу.

Во средата, кога Борис Џонсон отиде во Бакингемската палата за да биде побарано од кралицата да ја формира новата британска влада, на блогот кој течеше во живо во европското издание на дигиталниот весник „Политико“, еден од новинарите напиша: „Википедија е апдејтувана. Значи, ова мора да е вистина.“ Во две куси реченици со неверојатна ингениозност тој го претстави парадоксот дека човекот кому му се смеат во Европа, кого го сметаат за површен, шарлатан, неконсеквентен, без идеологија, тврд „брегзитер“, кој за да ја оствари својата амбиција да стане британски премиер на референдумот го предводеше кампот за излегување од ЕУ, може да стане политичарот кој ќе му го даде клучното забрзување на процесот на отцепување на Шкотска од кралството, а потоа можеби и на Северна Ирска. Но така е со амбициите кои не внимаваат на последиците.

Истиот ден, лидерот на овдешната опозиција се обиде да им даде акцелерација на своите амбиции и самовербата дека политичката битка е речиси добиена, па останува само егзекуцијата, која е неминовна колку и да се одложува, направи потег кој го врати пет чекори назад во неговата нетрпеливост. Википедија не беше апдејтувана, но тоа не значи дека работите не беа вистинити. Обидувајќи се можеби да ја стави целата работа во обланда на иронија, Христијан Мицкоски во интервју за Сител ја пушти во оптек идејата дека суспендираниот поранешен претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, би можел да биде шеф на новото СЈО. На прашањето на изненадената новинарка дали тие негови зборови можат да се толкуваат и како предлог на партијата, тој и’ даде уште една потврда на таа идеја.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Во Македонија работите во политиката се менуваат на дневна основа – она што изгледа предност денес, како случајот „Рекет“, може да биде проблем утре, кога амбицијата те води кон невнимателност и преголема самоувереност. Без оглед што утредента работите по сите можни канали се дообјаснуваа со образложенијата дека тоа било иронија – штетата за партијата и нејзиниот лидер беше направена. Сега треба да се крпи, но штеповите не можат да се покријат.

Овој случај, како и запрепастувачките активности на рекетарското дуо-трио, а и чудната, од никого несфатена владина најава за борба против лажните вести, го изострија до крајни граници јакобинскиот терор што се случува на јавната сцена, на која во едно прилично фрустрирано општество секој се пресметува со секого. На почетокот од 1790-тите Француската револуција беше радикализирана поради војната на реакционерната Европа против новата република. И Христијан Мицкоски и Зоран Заев на некој начин се во слична ситуација со онаа во која се најдоа Дантон и Робеспјер, кои мислеа дека со воведувањето на смелиот терор ќе ја спасат револуцијата. Очајот на овдешниве двајца „револуционери“ на одреден начин се префла врз општеството – едниот да ја зачува власта што е можно подолго, другиот цупка на трње нестрплив да се всели во премиерската одаја без некоја смислена стратегија. И двајцата преферираат итни политики, а не вообичаени политички вештини.

Еден план, матни влогови

Прес-конференцијата на Заев, на која го претстави планот за борбата против лажните вести, веројатно е неговото најконтроверзно обраќање со многу празни места кои никој не знае како ќе се пополнат. Кога ја соопштуваше одлуката за промена на името Заев претстави јасна визија зошто треба да се направи тоа, поврзувајќи ја жртвата со влогот за иднината на државата. Кој беше сега влогот за овој план? Иднината на новинарството или иднината на Владата? Што ги потикна на ваков потег владините комуникациски стратези – скандалот со руските шегаџии или пропагандната битка со навистина безбројните лажни вести, кои се продуцираат речиси секоја минута. Неспорен факт е дека бројот на порталите кои се целосно инструментализирани во полза на опозицијата постојано расте. Неспорен е и фактот дека тие безмилосно го шират тој јакобински терор (погледнете само какво касапење доживеа Катица Јанева, тоа наликуваше на сцените од саваните кога лешинари ќе исколваат за неколку минути уште неумрено животно).

Hristijan Mickoski PK Mazedonien (DW/P. Stojanovski)

Клучно прашање за вмровската номенклатура е дали таа по овие јасни меѓународни пораки ќе тргне кон понатамошно јакобинско радикализирање (фото: Христијан Мицкоски)

Во овој терор не е поштедена ничија глава, утре ќе биде колвана и онаа што ги смислуваше сцените за гилотинирање. Сите работат за една цел – да се уништи се’ што вреди и малку и многу. Па анархијата после некако ќе си најде свој ред. Кој во основа е добро познат – авторитаризмот. Но како мисли Владата да се бори со овој радикализиран медиумски амбиент (да се зборува за потерите за линч што секојдневно се случуваат на Фејсбук и Твитер станува дури и непријатно). Да поттикнува цензура? Со тоа работата конечно заврши на 27 април. Да охрабрува самоцензура? Во ова радикализирано и озлобено општество тоа е невозможно. Да ги брои прашањата што се поставуваат на владините прес-конференции? Тоа е најголемата заблуда од сите можни. Полицијата да повикува на информативен разговор новинари кои објавиле скандалозни материјали, како оној за генералниот секретар на Владата, е надвор од сите логики. (Кога неодамна Скотланд јард најави дека ќе води истраги против новинари кои пренесле во нивните медиуми службени белешки, како онаа за британскиот амбасадор во САД, кој потоа поднесе оставка по бесната тирада на Трамп – мораше покајнички да се повлече по само два дена по бесот што експлодира во јавноста.) Духот што беше пуштен пред четири-пет години, кога поради партиските интереси пропадна обидот да се стават во некаква регулативна рамка опскурни портали, кои како некаква дива хорда се платформи за општествен терор, како веќе да не може да се врати назад во шишето. Или не на овој начин на којшто замислува Владата. Таа сега промовира итни политики за некакво гаснење на огнот, а не обмислени стратегии и затоа тие нема да успеат. Без оглед на трудот и добрата замисла да се намали јавниот информативен терор.

Оној што го влече другиот крај на јажето на македонските јадрански средби, Христијан Мицкоски, без никаква потреба јавно го обележа човекот што е под истрага за злоупотребите на АКМИС-от, Владимир Панчевски, и најдиректно го смести во партиските регрути. Со тоа и’ нанесе голема штета на неговата одбрана. Дури не може дека е грев кога можеби си сакал да иронизираш со судбините на други луѓе – тоа е безмилосна злоупотреба за сопствените амбиции. Јавноста многу добро знае за делата и злоделата на Панчевски, но во овој случај тој може да добие и некоја поголема трошка сожалување за начинот на кој е искористен. Мицкоски го злоупотреби Панчевски поради потребата и тој да спроведува итни политики. Јасно беше по изјавата на американската амбасадорка Кејт Брнс дека капацитетите на СЈО, заедно со обвинителите, мора да се сочуваат и да се вклучат во новото обвинителство, дека Мицкоски, како и неговиот претходник Груевски, поради притисокот на осаменоста меѓу важните меѓународни актери, ќе го проширува патот патот кон радикализацијата на кој одамна зачекори. Така, во партиското сооопштение од средбата со Јоханес Хан се наведуваа гачки за застојот во европските интеграции и дека за Мицкоски да води дијалог со Заев прво мора да се оствари неговата желба премиерот да одреди датум за предвремени избори.

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev (DW/P. Stojanovski )

Прес-конференцијата на Заев, на која го претстави планот за борбата против лажните вести, веројатно е неговото најконтроверзно обраќање

Два аперкати

Бидејќи подолго време Мицкоски зборува дека за него и за партијата СЈО е мртво, дека случаите по 30 јуни 2017 треба да се стават ад акта, Хан се потруди да ја разјасни целата работа на прес-конференцијата пред да се сретне со вмровскиот лидер. Читајќи ја претходно напишаната изјава, Хан беше многу прецизен: „Мора да се покаже нула толеранција во борба против корупцијата и организираниот криминал и затоа е важно да се усвои законот за јавно обвинителство кој нуди важни гаранции за владеењето на правото. Ова вклучува и усвојување закони кои ќе обезбедат дека работата на случаите кои се во надлежност на СЈО ќе продолжат. Ова е од клучна важност за земјата. За нас има неколку црвени линии и можам да кажам дека најважната е дека кое и да е решението во текот на преодниот период, не може да има изгубени предмети".

Понекогаш изгледа здодевно цитирањето на европските функционери, но тоа мора да се прави за да се растераат овдешните магли. Особено што Хан јасно кажа дека законот за јавно обвинителство мора да се испорача до октомври. Откако во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се наведуваше дека Мицкоски само му зборувал на Хан за скандалите во земјата и за нивната приврзаност кон европскиот пат, еврокомесарот го зададе последниот удар и во една реченица на Твитер ја објасни целата суштина на разговорот: „Го повикав лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, да се ангажира активно и конструктивно во усвојувањето на нацрт-законот за СЈО. Преостанатите разлики не изгледаат непремостливи. Сега е потребно одговорно дејствување: се работи за иднината на земјата и нејзините граѓани".

Philip T. Reeker US State department (US Goverment)

Филип Рикер во Скопје беше уште попрецизен од Хан: „Заврши времето на политичките игри“

Непријатно соголување. Како што беше уште понепријатно соголувањето на Филип Рикер кажано со едноставни зборови: „Заврши времето на политичките игри. Опозицијата да не го одолговлекува носењето на законот за јавно обвинителство и да биде конструктивна". Оној што разбира вакви едноставни, но груби пораки ќе знае како да ја врами својата агенда според принципот како помалку да се загуби, а како повеќе да се загуби. Мицкоски сака се’. И да се погреба СЈО, и сите обвинители во него да се протераат онаму од каде што дошле, и да се фрли низ Вардар целата меѓународна помош во оваа институција, и премиерот да прифател брзи предвремени избори, и на нив да победел. И потоа да ја враќал правдата во Македонија, онаа правда од вмровските денови.

Клучно прашање за вмровската номенклатура е дали таа по овие јасни меѓународни пораки ќе тргне кон понатамошно јакобинско радикализирање и ќе успее да си ја упропасти шансата што и’ се отвора партијата на следните избори. Но, таква е политиката, некогаш го промашуваш голот и кога тој е празен. Само поради ноншалантната самоувереност.

DW.COM

Реклама