Ѕвечкање со сабји околу Косово | Свет | DW | 04.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ѕвечкање со сабји околу Косово

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемуваат. Во Брисел неделава без каков било резултат вреден за помен заврши уште една рунда од дијалогот Белград-Приштина, а во регионот сѐ повеќе се зборува за оружје и војна.

„Повторувам, на Косово нема да има нова војна“, рече повеќепати во четвртокот вечерта (02.02.2017) косовскиот претседател Хашим Тачи во едно заедничко интервју со албанскиот премиер Еди Рама дадено за медиумите во Приштина. „Најважно е да се зачува мирот и стабилноста“, нагласи исто така во четвртокот вечерта српскиот премиер Александар Вучиќ во Рашка, во близина на границата со Косово, по една средба со претставниците на Србите на Косово. Сепак, вестите од Косово и неговото опкружување во последните недели се најлоши од прогласувањето независност во 2008 година. Многу од медиумите оценуваат дека состојбата е „драматична“.

Serbien Zug mit der Aufschrift Kosovo ist serbisch im Bahnhof von Belgrad (picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic)

Возот ги зовре емоциите

Големите тензии почнаа на почетокот на декември со ѕидот во Митровица, а ескалираа по обидот на српските власти да испратат воз со натпис „Косово е Србија“ од Белград за Косово. Владата на Косово оцени дека тоа е отворена провокација и на границата со Србија испрати вооружена специјална единица на косовската полиција. Српскиот премиер Александар Вучиќ тогаш „во име на мирот“ одлучи да го запре возот во Рашка и ја предупреди косовската влада да не употребува насилство. Српскиот претседател Томислав Николиќ беше уште појасен: „Доколку некој убива Срби на Косово, тогаш таму ќе ја испратам српската армија“. Николиќ искажа подготвеност и лично да замине и да се бори на Косово. Косовскиот претседател Хашим Тачи во интервју за ДВ рече дека Србија ги вооружува Србите на северот на Косово. На нашето барање да каже од каде му се таквите информации, Тачи одговори дека за тоа има конкретни докази, но не наведе какви.

Hashim Thaci Interview DW (DW/B. Cani )

Хашим Тачи за ДВ рече дека Србија ги вооружува Србите на северот на Косово, но не наведе какви докази има за тоа

ЕУ-посредничката во дијалогот меѓу Косово и Србија, Федерика Могерини, овие инциденти на почетокот ги оценуваше како „билатерални проблеми“ меѓу Белград и Приштина. Меѓутоа, многу бргу стана јасно дека ситуацијата може да излезе од контрола. Могерини повика на средба на највисоко ниво со претседателите и премиерите од Србија и Косово. На средбата на 24 јануари таа од нив побара смирување на ситуацијата и воздржување од изјави за медиумите околу содржината на средбата. „Тоа беше мојата најтешка средба од почетокот на дијалогот“, изјави потоа српскиот премиер Вучиќ, кој ги замоли новинарите да не поставуваат прашања. Косовскиот претседател Тачи, меѓутоа, не го почитуваше договорениот молк. Тој опширно зборуваше за содржината на разговорите и ги повтори своите обвинувања на сметка на Србија дека таа ги вооружува Србите на северот на Косово и подготвува анексија на северот слична на руската анексија на Крим. „Тоа е бесмислица. Како можеме да подготвуваме анексија на наша територија? Косово е дел од Србија и никогаш нема да го признаеме како независна држава“, одговори српскиот претседател Николиќ.

Реакцијата од Брисел стигна веднаш. Могерини изрази разочарување што страните не го почитуваат договорот и изнесуваат содржини од разговорот. Таа за 1 февруари свика нова средба - повторно на највисоко ниво. Могерини им се заблагодари на двете страни за „конструктивниот ангажман“. „Конструктивно“ меѓутоа беше само едно: двете страни овојпат го почитуваа договорот да не даваат официјални изјави за медиумите и ги оставија новинарите попусто да чекаат до полноќ. Меѓутоа, многу брзо стана јасно дека и немаат што да кажат. „Тоа беше ужасно лош разговор, ако воопшто може да се зборува за разговор“, изјавија за ДВ неименувани дипломати.

Brüssel EU Dialog Belgrad Pristina (European Union)

Ужасно лоши разговори во Брисел, оценија неделава неименувани дипломати за ДВ

Делегацијата од Приштина побарала од Србија признавање на независноста на Косово, што Белград, како секогаш, решително го отфрлил. Од друга страна, Србија од Приштина побарала спроведување на договорот за Заедницата на оштините на Косово мнозински населени со Срби, на што владата на Косово гледа како на прв чекор кон поделба на Косово. Немаше дури ни заедничка вечера, иако беше планирана, како што немаше ниту договор за нова средба.

Повеќегодишното посредување на ЕУ во конфликтот очигледно доживеа нов удар. Во средата вечерта највисоките државници од Србија и Косово во Брисел се разделија без резултати од разговорите. А во Белград и Приштина сѐ почесто се слушаат зборовите „оружје“ и „војна“.

 

Реклама