Ѓукановиќ за ДВ: Терминот „македонско сценарио“ не се користи во Црна Гора | Северна Македонија | DW | 20.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ѓукановиќ за ДВ: Терминот „македонско сценарио“ не се користи во Црна Гора

Нашиот колега Ридигер Росиг го праша црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ што мисли за споредбите на протестите во Србија со ткн. „македонско сценарио“ и обвинувањата за мешање во внатрешните работи?

Српскиот претседател Александар Вучиќ и други високи државни функционери во повеќе наврати зборуваат за ткн. македонско сценарио и ја обвинуваат соседна Северна Македонија дека на некој начин ја поддржува опозицијата и дека е вмешана во случувањата. Сметате ли дека има вистина во тоа?

Ѓукановиќ: Тешко ми е да судам за тоа. Не ја избегнувам темата, но не сум толку запознат за да судам за такви детали: дали во организацијата на протестите во Белград има и нечии други интереси.

Она што сакам да го кажам е дека сите тие протести во Србија, Албанија и Црна Гора имаат една заедничка нишка, а тоа е очигледната нервоза и желбата да дојде до промена на власта на поинаков начин од оној кој што го предвидуваат Уставот и законите. Со Уставот и законите е предвидено дека власта се бира на избори и дека тоа треба да биде израз на слободната волја на граѓаните. Токму поради недовербата во демократскиот капацитет во општествата на Западниот Балкан нашите изборни процеси имаат и дополнителен мониторинг. Од нашето црногорско искуство можам да ви кажам дека ние постојано го унапредуваме нашиот изборен систем. Оттука, барањата за промена на власта вон институциите и вон она што е предвидено со нашите правни и изборни системи не се добри- тоа се предлози кои ги рушат институциите, а со тоа и самата држава. Забележувам исто така дека се инсистира на тие протести и на таква промена на власта дури и тогаш кога е јасно дека на тој начин ќе се нарушат некои од суштинските национални интереси на тие држави. Албанија е пред отворање преговори со ЕУ; а ЕУ денеска соопштува дека таквата атмосфера ќе доведе до тоа да се одложи почетокот на преговорите, и тоа секако не е во интерес на Албанија и албанскиот народ, но сепак се случува.

Се користи ли и во Црна Гора тој термин „македонско сценарио“ во така негативна конотација како што е случај во Србија?

Не се користи во Црна Гора тој термин. Од време на време некој го споменува од страна на опозицијата. Но, во Македонија, сепак, во финалето дојде до избори и на тие избори беше востановена демократската волја на граѓаните на Македонија и врз темелот на таа волја беше конституирана власт која во краток временски период покажа капацитет да реши еден долготраен, наследен проблем на македонско-грчките односи и со тоа ја отвори перспективата за брзо членство на Македонија во НАТО и скорешно отворање на процесот на преговори со ЕУ.

DW.COM

Реклама