Ђе ти је НАТО, црна Македонијо? | Северна Македонија | DW | 21.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ђе ти је НАТО, црна Македонијо?

Меѓународната заедница била, и сѐ уште е, далеку помалку заинтересирана за Стево Пендаровски отколку за Претседателот на Северна Македонија. Колумна на Арсим Зеколи.

Координираната атака на раководството на Србија вперено кон Претседателот на Македонија, наводно предизвикано од неговиот став даден за приштинските медиуми во кој се спротивставува на идеите за промена на границите, индикативно помина без речиси никакви коментари од страна на домашните политички првенци и со пипета-дозирани реакции во медиумите. Согласно пресвртената логика на нашата политика, таквиот молк ја истакнува битноста на изјавата и реакциите од официјален Белград, но и централната поставеност на Претседателот на домашната и надворешната политичка сцена.

Гласноста на Белград и молкот на Скопје

Наведената изјава на Претседателот е во секој поглед неконтроверзна и во склад со сѐ уште важечките темелни политичко-безбедносни принципи и стандарди на меѓународната заедница. Во тие рамки е и одговорноста на шефот на државата да изнесе навремени, јасно искажани превентивни ставови за прашања чии преседани со сигурност можат да се рефлектираат врз домашните состојби. Колку и да се со одложен ефект и колку да се покриени со денешните гаранции давани од (сепак) менливите интереси на факторите на одлучување. Токму затоа, гласноста на официјален Белград не би била толку звучна, да не беше дополнително амплицифирана од молкот на официјално Скопје. 

Следејќи ја хиерариската пирамида на одлучување, за очекување беше дека вториот човек на државата, спикерот Талат Џафери би нашол минута-две или барем еден твит за да се огласи во одбрана на легитимитетот и сениоритетот на шефот на државата. Неспремноста на г-н Џафери да му реплицира на претседателот Вучиќ беше парирана и од техничкиот премиер Спасовски кој не најде за сходно да реагира – колку за да биде забележано во архивата. Министерката за одбрана Шекеринска, секогаш загрижена за доброто на земјата, не најде причина за реакција кон понижувањето на нејзиниот Врховен командант и лагите на нејзиниот колега Вулин вперени кон македонскиот јазик. И на крај, наместо реакција за провокативните изјави на Ивица Дачиќ и прашања „дали ставот на Пендаровски се однесува за границите на неговата земја или Србија” (Газета Експрес, 20 Мај 2020) МНР Димитров претпочита сопствениот молк и слабост да ја камуфлира со уште една доза на маркетиншко позирање – токму со Дачиќ. Накусо, реакцијата на севкупното државно раководство на земјата останува цврсто и непоколебливо вкопано во параметрите на бивање опасен мангуп по дома и кооперативна мивка на улица.

Не знам зошто, но некако бев убеден дека барем Христијан Мицкоски ќе најде сила да реагира на таквите ставови од официјален Белград и со тоа како прво да му парира на подадената кохабитациона рака на Пендаровски, како второ да ја искористи можноста да ги побие инсинуациите за папочна поврзаност со Белград, и да придобие дел од неопределените како трето. За жал, молкот на првиот на нај-хипер-нај патриотската структура на земјата, вечно загрижена за иднината на Македонија, сѐ нешто наликува на глувиот став на Заев кон претходните сличности со изјавите од Атина. Не велам дека Мицкоски се надева на подарок-кравата од Вучиќ, но белки ќе се присети на старата максима дека одмолчувањето е одобрување. И во тој дел, сличноста на Мицкоски со сегашните раководства не е ниту случајна ниту изненадувачка. Што се однесува до Заев, самата жестина на реакциите на Белрад кон Пендаровски во споредба со претходните кон Заев е прилично јасен репер за тоа кого Вучиќ и соработниците го сметаат како фактор, а кого како, елем, ислужен бивш премиер.

Молкот го обви и команданот Али, секогаш ревносен во теткаџиско салонско озборување по амбасади за „аналисти и колумнисти” како најголеми закани за доброто на Македонија. Ќе помисли човек дека командантот Али ќе најдеше за сходно да каже збор-два во одбрана на човекот кој го брани територијалниот интегритет на Македонија и Косово. Поради кои токму тој, нели, ги сруши со еден мајагери удар и СФРЈ и ЈНА. Попусто! Како и секогаш, Али нема причина и време за критика кон Белград.

Конотацијата е поважна од констатацијата

Првата очекувана реакција за кататоничноста на нашата државна и партиска номенклатура кон агресивните ставови на официјален Белград е дека пипките на старите служби сѐ уште доминираат и оро водат по нашата политичка сцена. Колку и да е (не)реална таа импресија која ги потврдува длабоко всадените сомнежи на западните фактори, таа е сепак само констатација лишена од конотација. Сепак, во случајот со координираниот напад од трите клучни лица на српската политика, конотацијата е далеку побитна од констатацијата. А таа конотација е дека соседите, конкретно Србија, се далеку повеќе ефективно свесни за нашата нова регионална улога како НАТО земја членка, отколку домашните шампањ-и-ајвар парадни мажоретни прославувачи.

Во таа конотација, илустративна е нервозната изјава на дежурниот кловн-провокатор Вулин дека од Пендаровски „никој ниту бара ниту му го прифаќа мислењето”. Но согласно старата пракса на Србија за кревање лажни вреви за покривање на болните вистини, токму таа изјава е индикаторот на нервозата на Белград кон Пендаровски како врховен командант под чија капа и рака се наоѓаат воено-безбедносните системи на земјата, штотуку зачленета во поширок безбедносен систем наречен НАТО. Илустративно преведено, во земја во која 98% од политиката е базирана на алаш-вереш менталитети на политички мешетари, шефот на државата ја има ултимативната моќ на клучните 2% на државниот суверенитет и интегритет – војната и мирот, т.е. армијата и разузнавањето. И тоа е конотацијата на бесната реакција на официјален Белград кон изјавите на Пендаровски. 

Контекстуалната конотација на нашата регионална поставеност како нова земја членка на НАТО најдобро се опишува преку компаративно следење на настаните во Црна Гора, наша претходничка во алијансата. Сесрдните напори на Белград за дестабилизација на Подгорица отворено целат кон релативизација на смислата на членувањето во НАТО како гарант на стабилноста, беѐбедноста, сувереноста и територијалниот интегритет. Таа релативизација цели кон ширење на „Ђе ти је НАТО” сомнеж кај граѓаните на Црна Гора во кредибилитетот и спремност на Западот воопшто - и НАТО посебно - за истрајно опстојување врз дадените гаранции и ветувања. Сомнеж кој, за жал, наоѓа засилена аргументација во проруските експоненти на чело на надворешната политика на ЕУ и ревизионистичките струења во САД. Во нашиот случај, сѐ појасни се намерите дека Белград посакува да го префрли црногорското сценарио и врз наш терен, со адекватно кон нас прилагодени и скроени наративи. Она што засега недостасува е иницијалната каписла. Во Црна Гора капислата беше статусот на црквите. Кај нас, допрва ќе видиме како ќе тече процесот на „распаметување на народот” и „одмилување на НАТО” од кој сетики ќе се кристализира најподатливиот casus belli. Процесот на дифузија на суверената политика, диктиран од страна на домашните политички партии, секако оди во прилог на таа стратегија. Што пак дополнително ја засилува позицијата на Пендаровски како центристички лик на Македонија. И македонството во постјугословенска верзија.

Други колумни од авторот:

Дестилација

Политика експрес

Татковците на Јосип Броз и синовите на Ла Малинче

Рефакторизација на Претседателството

Дилемата е дали таквата позиционираност е резултат на неговите спонтани сентименти и замисли, или е резултат на смислена проекција согласно новата домашна безбедносно-политичка реалност на Македонија. Неговите следбеници секако посакуваат да е првото. Но поставеноста на политичките партии кон него упатува на заклучок дека нивните стравувања се дека сепак станува збор за второто. Повнимателните следења на политичките текови кај нас и кон нас, упатуваат на заклучок дека меѓународната заедница се навраќа кон традиционалните параметри на институционална соработка. На сметка на тивко запоставување на лидерските параметри. Поедноставено, меѓународната заедница – пред сѐ ЕУ и САД – преферираат да се ориентираат кон претседателски заснованата константа и ја избегнуваат мешетарската непостојаност и менливост на партиските коруптократии. До неодамна популарната кулоарска дебата дека „странците ја пуштаат ДУИ низ вода“ одеднадеж замре штом на истите кулоари им се разјасни дека таквиот пристап на Западот кон интегративците не беше ексклузива резервирана стриктно за нив, туку само претходница на истиот пристап и кон раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Што впрочем деновиве се кристализира и низ дистанцата на меѓународната од ново-пржинските средби, под капа на претседателскиот кабинет со тивка, дискретна, но јасна подршка од странците. 

Таа рефакторизација на Претседателството и дефакторизација на партиското секако предизвикува нервоза кај партиските водства и нивните обиди за оперирање во магловитите граници помеѓу политичкото и државното. За СДСМ, и посебно Шеќеринска и Димитров, тоа подразбира стеснет простор за рециклирање на уште една рунда на измислување лидери за една употреба. За ВМРО-ДПМНЕ, и посебно за експонентите на Груевски и Вучиќ, тоа подразбира дека наметнатата санитарна НАТО-дистанца од безбедносниот апарат уште повеќе ќе го стеснува маневарскиот простор за наметнување контролиран хаос на испреплетени политички-безбедносни-етнички-криминални демагогии. За сите партии пак, централизираната поставеност на Пендаровски како Врховен командант на АРМ во рамките на НАТО и decision maker во однос на размената на податоци со безбедносните агенции на Алијансата, неминовно ја засилува непријатната помисла дали таквата смислено концентрирана моќ може да вроди и води кон некои нови политички формации, растоварени од презрените структури и ликови на постоечкиот трилинг.

Парадоксално, предизвикот за таа претпоставена функционалност не се крие во засегнатите партии, туку кај самиот шеф на државата и неговата спремност, желба и способност за дистанцирање од структурите од кои и самиот се има изнедрено. И делумно - по сопствен избор или немање чаре – сѐ уште зависи, судејќи според неговото опкружување и избор на соработници. Неговото безбедносно педигре, длабока несигурност прикриена со препотентност и напати искажана политичка наивност, треба нему – помалку отколку нам – да му послужи како потсетник за грамадниот предизвик пред кој е исправен. И уште побитно, како катадневен потсетник дека меѓународната заедница била, и сѐ уште е, далеку помалку заинтересирана за Стево Пендаровски отколку за Претседателот на Северна Македонија.     

Реклама