Шулц остро против крајната десница и Трамп | Свет | DW | 30.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шулц остро против крајната десница и Трамп

Мартин Шулц, кандидатот на социјалдемократите за канцелар на Германија ја осуди крајно десничарската АФД. Тој не ги поштеди ниту мерките на Доналд Трамп кон малцинствата во САД.

Мартин Шулц, кандидатот на социјалдемократите за канцелар на Германија ја осуди крајно десничарската АФД. Тој не ги поштеди ниту мерките на Доналд Трамп кон малцинствата во САД.

Извршното тело на германската Социјалдемократска партија (СПД), во неделата во Берлин едногласно го номинараше Шулц за избор за претседател на партијата и кандидат за канцелар на Германија на специјалната конференција која ќе биде одржана во март.

Доскорешниот претседател на партијата Зигмар Габриел минатиот вторник му отстапи простор на Шулц и стана министер за надворешни работи, но ја задржа позицијата на заменик канцелар во владејачката коалиција на Меркел.

Трката по четвртиот мандат за Меркел започна во саботата кога таа беше номинирана за кандидат за канцелар на претстојните избори од страна на членовите на конзервативната партија. Сојузните парламентарни избори се закажани за 24 септември годинава.

CDU Mecklenburg-Vorpommern Merkel als Direktkandidatin nominiert (picture-alliance/dpa/S. Sauer)

Ангела Меркел по четврти пат ќе побара доверба од гласачите

Обраќајки се во седиштето на СПД во Берлин, поранешниот претседател на Европксиот парламент вети дека ќе работи на воведување на фер даноци, европска солидарност во однос на прашањето за мигрантите и одлучна кампања против тероризмот базирана на принципите на отворено општество и превенција.

Шулц изјави дека ќе се бори за поголема еднаквост, подобрена грижа за децата и намалување на „големите поделби“ во Германија каде што „вредните и работливи луѓе“ го држат општеството заедно.

Шулц потенцираше дека не станува збор само за касиерите кои се отпуштаат од работа поради мали грешки додека менаџерите на компаниите добиваат бонуси и покрај лошите резултати или дека пекарите чесно ги плаќаат даноците додека глобалните концерни за кафе ги носат своите профити во даночните раеви.

„За мене е важно вредните луѓе во оваа земја, кои се придржуваат до правилата, кои се грижат за своите деца, а често и за своите родители, и кои понекогаш и покрај две плати во семејството едвај го завршуваат месецот - овие луѓе да бидт фокусот на нашата политика“, рече тој.

Зајакнување на цивилното општество

Шулц истакна дека германското цивилно општество мора да биде зајакнато за да ја одбрани демократијата коментирајќи ја крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) како антиимигрантска и популистичка партија.

„Партијата на Хоке, Гауланд и Петри не е алтернатива за Германија, туку срам за Германија“, рече Шулц, мислејќи на коментарите со кои Бјоерн Хоке, лидер на АФД во покраинскиот парламент на областа Тирингија, го негира Холокаустот.

Ставот на Трамп „бесрамен“

Шулц го обвини  Доналд Трамп за напад на малцинствата во САД со „бесрамни и опасни“ изјави. „Ова уривање на табуата не може да се толерира“.

Иако Германија и Европа мора да го оддржуваат трансатланското партнерство како фиксна компонента на политиката, тие мора да му стават до знаење на Трамп дека меѓународните човекови права се однесуваат и на него, инсистираше Шулц.

Осврнувајќи се на изолационистичкиот став кон бегалците на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Шулц рече дека неговите акции биле навреда за европското единство.

Бегалците имаат право на заштита

Бегалците кои бегаат од војните во Африка и во Блискиот Исток имаат право на заштита, рече Шулц, додавајќи дека причината за бегството мора да биде наведена. Што се однесува до големиот прилив на бегалци во Германија во 2015 година, Шулц рече дека на нациите на ЕУ кои не успеале да покажат солидарност, мора да им бидат скратени дел од фондовите на ЕУ, на пример, во секторот земјоделство.

Беше „одвратно“ што „ловците на глувци“ се обидоа да стекнат политички капитал врз грбот на бегалците, додаде Шулц.

Bundesaußenminister Gabriel in Paris (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Зигмар Габриел (лево) во посета на министерот за надворешни работи на Франција.

Пакт за правичност по дебаклот на САД

Шулц рече дека тој би побарал од сите партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори да се согласат на пакт за правичност.

„Она што го видовме минатата година за време на предизборната кампања во САД, недостатокот од пристојна дебатата, длабоко ме шокираше“, рече Шулц.

„Отвори јазови и уништи многу во земјата која некогаш се залагаше за слобода и за толеранција“, додаде тој. „Тоа не смее да ни се случи нам во Германија“. 

Поголема шанса

Анкетите направени откако Габриел се откажа од кандидатурата минатиот вторник, покажуваат дека Шулц има поголеми шанси од неговиот партиски колега, иако мали да ја победи Меркел, која е во трка за четврти мандат како канцелар.

Актуелните анкети покажуваат дека конзервативците на Меркел имаат околу 34 отсто поддршка од гласачите, СПД имаат 23 отсто, АФД 13 отсто, Зелените 11 отсто и посткомунистичката Левица 10 отсто.

Едно сценарио е дека СПД, Зелените и Левицата со 40-43 отсто освоени гласови, не би имале доволно за да владеат. Друго сценарио е повторување на десно-левата голема коалиција на Меркел.

Реклама