Шулц во борба против ветерници | Свет | DW | 26.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шулц во борба против ветерници

На конгресот на германската СПД одекнаа аплаузи за Мартин Шулц и неговиот мотивациски тренер, Герхард Шредер. Социјалдемократите демонстрираа самоувереност но во суштина, се охрабруваа сами себе си, смета Сабине Кинкарц

Треба вистински да се биде тврд како камен па, по метеорскиот подем, без последици да се преживее таков брз пад како оној на Мартин Шулц и неговите Социјалдемократи. Уште се свежи сеќавањата на почетокот на оваа година, кога во Шулц беше гледан „господ на СПД“, кога зе зборуваше за „Шулцовиот воз кој незапирливо јури кон канцеларскиот кабинет“. Другарите Социјалдемократи изгледаа како пијани од среќа кога во средината на март едногласно го избраа Шулц за свој нов претседател и кандидат за германски канцелар. Во тоа време, поддршката за СПД, според анкетите, скокна за десет проценти и зад себе ги остави Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ). Тогаш никој не се сомневаше дека следниот канцелар ќе се вика - Мартин Шулц.

Но, исто толку брзо колку што се појави, оваа хипербола брзо и спласна. Сонот за сигурна победа се распрсна како меур од сапуница и се претвори во своја сопствена спротивност. Три месеци пред изборите за Бундестагот, рејтингот на СПД е речиси на исто ниво како и пред номинацијата на Шулц, во јанауари оваа година. Бившиот канцелар Герхард Шредер не претерува кога вели дека некои во СПД „ги виснаа главите“. Расположението на партискиот конгрес на Социјалдемократите во текот на викендот во Дортмунд беше сосем поинакво отколку во март во Берлин.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App

Сабине Кинкарц

Сето е само фасада

Точно е, имаше многу аплаузи и голема поддршка за Мартин Шулц и за Герхард Шредер, но во воздухот не лебдеше понесувачки триумф, туку разочарувачко отрезнување. Црн леб наместо колач. Секако, сите ќе дадат сѐ од себе за во кампањата да гпридобијат што повеќе гласачи за социјалдемократските идеи. Се чини и дека во изборната програма речиси ништо нема превидено: кон многу работи СПД по изборите би имал поинаков пристап отколку досега.

Само, дали тоа ги интересира избирачите? Ангела Меркел веќе со години води изборни кампањи според свој терк: речиси без содржини, а и кога ги има, остануваат нејаснотии. СПД програмски е против тоа, но не успева да се избори со Демохристијаните. Како да води борба против ветерници. Кога Мартин Шулц зборува на оваа тема, се има впечаток како луто да удира со ногата по подот, како дете кое чувствува неправда, но не може ништо да направи.

Вечната канцеларка

Зошто сега би било поинаку? Ангела Меркел никогаш не изгледала толку недопирливо како сега. Времињата во меѓународните води се бурни и несигурни и - никој не сака да го менува кормиларот (или поточно - кормиларката). Впрочем, Ангела Меркел и глобално ја гледаат како „последната лидерка на слободарскиот свет“. Точно - на локално, германско рамниште, постојат многу латентни проблеми, но тие и не се толку ургентни. На најголем дел од Германците им е добро, нема причина за менување на раководството. 

Самодоверба и нова храброст - тоа требаше да произлегува од партиската конференција на СПД во Дортмунд. Да биде мотивација за преостанатите денови до изборите. Меѓутоа, иднината на СПД е сѐ само не розова. Човек не може да се оттргне од впечатокот дека многумина во оваа партија свиркаат само за да се охрабрат додека поминуваат низ мрачна шума.

 

DW.COM

Реклама