Што ќе слушне Груевски на Малта? | Македонија | DW | 28.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што ќе слушне Груевски на Малта?

Иако се уште не е јасно дали е поканет и во кое својство експремиерот Груевски замина на Конгресот на ЕПП, оттаму порачуваат дека очекуваат декриминализација на политичкиот естаблишмент и нулта-толеранција за корупцијата

Европската народна партија (ЕПП), организација која ги обединува конзервативните партии во Европа од Конгресот во Малта, кој започнува утре, ќе даде безрезервна поддршка за процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Во предлог-декларацијата на претседателството на ЕПП која денеска беше објавена на нивната интернет-страница се потенцира дека ЕУ не е комплетна без земјите од Западниот Балкан и дека истите се најблиски партнери, географски, историски и економски.

„Поддршката и соработката на ЕУ во однос на патот на регионот кон ЕУ останува еден од нашите клучни приоритети. Мораме да ја зголемиме финансиската поддршка и да ја подобриме видливоста на проектите спонзорирани од ЕУ“, се наведува во декларацијата.

Во неа се предупредува и од „растечкото влијание на трети земји“ од аспект на политиката и финансиите, како и на дезинформативните кампањи, „особено од земји од Истокот“. Во тој контекст се повикуваат сите земји-членки на ЕУ „со сите расположиви средства“ да се спротивстават на негативната и нарушувачка улога на надворешни актери во регионот.

ЕПП натаму ја афирмира поддршката за конструктивната улога на граѓанските организации во регионот врз основа на „непристрасен и независен пристап“.

Декриминализација и борба против корупцијата

На Конгресот на ЕПП во Малта најавено е присуство на петчлена делегација на ВМРО-ДПМНЕ која, според партиските најави, треба да ја предводи лидерот Никола Груевски. На страницата на ЕПП, пак, како највисок гостин од партијата, која е придружна членка на ЕПП, се најавува името на техничкиот премиер Емил Димитрев.

И покрај повеќе барања до првите луѓе на ЕПП и нејзините портпароли, досега никој не сакаше да одговори на прашањата на ДВ поврзани со учеството на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот.

Во секој случај, Груевски ќе може и лично да ги слушне пораките кои во форма на декларација ги подготвиле Европските народни партии.

Во прв ред, како што се наведува во декларацијата, „потребата и итноста Западниот Балкан да тргне напред со правосудните реформи и со воспоставувањето на владеење на правото и независно и транспарентно судство“. Дополнително, се бара и „забрзување на процесот на декриминализација на политичкиот естаблишмент“.

Се препорачува, западнобалканските држави да ги зголемат напорите за „борба против корупцијата на сите нивоа, вклучително и во политиката и во општеството и наметнување на политика на нулта-толеранција“.

Исто така, од земјите во регионот се очекува да се воздржат од „етнички провокации“ и се осудува „провокативното и агресивно однесување кое претставува закана за стабилноста и мирот“, со потсетување дека „мирот не може ни да се изгради, ниту да се одржи со националистичка, популистичка и радикална реторика“.

На крајот, ЕПП изразува „силна поддршка за слободата и независноста на медиумите кои ги гледа како камен-темелник на демократските општества“ и изразува загриженост поради нивната состојба.

 

DW.COM

Реклама