1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе направи Хрватска како претседавач со ЕУ?

Зоран Арбутина
1 јануари 2020

Заштита на границите, проширување на ЕУ и Брегзит - тоа се темите на кои ќе работи Хрватска за време на претседавањето со ЕУ. Притоа, сите во себе кријат проблеми.

https://p.dw.com/p/3VYoh
EU Sanktionen gegen Kroatien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Хрватска не се штеди на суперлативи за претседателството со ЕУ кое почнува денеска. Земјата е исправена „пред најголемиот предизвик во модерната историја“, гласи тенорот во медиумите и политиката. Најмладата членка на Европската унија во наредните 6 месеци ќе биде primus inter pares (прва меѓу еднаквите, н.з.).

Светлото од европските рефлектори на земјата ѝ дава добра можност да се презентира добро. Се разбира, од земјата се очекува да ги стави настрана сопствените интереси додека претседава со Унијата и да поттикнува теми глобални европски теми. Истовремено, меѓутоа, претседавачите со ЕУ во фокусот ставаат теми за кои може нешто да придонесат. Хрватска во првата половина од годинава ќе се занимава главно со три теми.

1. Миграција и заштита на надворешните граници на ЕУ

Хрватска од пред две години се презентира како чувар од доверба на надворешната граница на ЕУ, особено на т.н. Балканска рута. Таа многу ефикасно одговара на повеќе или помалку отворената, но затоа многу јасна, желба на повеќето ЕУ-држави, во ЕУ да бидат пропуштани најмалку бегалци што е можно.

Притоа, хрватската полиција во никој случај не дејствува „нежно“. Невладини организации и сведоци информираат за голем број незаконски протерувања на бегалци, т.н. пушбекс, како и злоставувања од страна на хрватски полицајци. Хјуман рајтс воч во отворено писмо од хрватската влада побара ставање крај на оваа практика. Претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ во интервју за швајцарската телевизија потврди дека има пушбекс и дека притоа „само по себе е разбирливо“ дека е неопходна примена на „малку насилство“.

Screenshot tagesschau.de - Kroatien-Bosnien-Migranten
Видео снимка од протерување мигранти од Хрватска во БиХФотографија: ARD

Само пред неколку дена хрватскиот портал net.hr откри неофицијална мрежа во рамки на хрватските безбедносни служби која има за задача во соработка со локалните такси компании да открива бегалци и да ги протерува во Босна и Херцеговина. Б егалците притоа не добиваат шанса да поднесат барања за азил во Хрватска. Хрватските власти, пак, рутински ги демантираат сите обвинувања. Како што се тврди, сѐ се одвива согласно ЕУ-прописите, не се регистрираат никакви повреди на законите.

На Хрватска, притоа, не ѝ е грижа за тоа дали бегалците ќе останат во земјата, зашто повеќето и онака сакаат да продолжат на Запад. Земјата сака да се претстави како буден чувар на ЕУ-границите, за да биде што побрзо примена во Шенгенскиот простор.

Во меѓувреме хрватската влада за своите практики доби „простување на гревовите“ од највисоки германски инстанци. На крајот на ноември канцеларката Ангела Меркел во Загреб рече: „Од перспектива на една земја која треба да ја заштитува (ЕУ-)надворешната граница, работите изгледаат поинаку отколку од перспектива на една земја (Германија) која се наоѓа среде Шенгенскиот простор.“

2. Западен Балкан и проширувањето

Друга прокламирана цел на хрватското претседателство со ЕУ е поттик на преговорите за натамошна европска интеграција на западнобалканските држави.Тоа особено се однесува на датумот за преговори за Северна Македонија и Албанија. Но, на агендата се и преговорите на ЕУ со Србија, како и процесот на приближување на БиХ кон Унијата. За таа цел во мај ќе биде одржан посебен ЕУ-самит во Загреб.

Deutschland Westbalkan-Gipfel
Во мај ќе биде одржан посебен ЕУ-самит во Загреб (фото: средба во Берлин на лидерите на западнобалканските држави на покана на германската канцеларка Меркел, април 2019)Фотографија: Hrvatska Vlada

Меѓутоа, во повеќе земји има задршки околу процесот на проширување на ЕУ, особено во Франција. Освен тоа, не е јасно колку Хрватска е во состојба да дејствува, како што тоа го најави премиерот Андреј Пленковиќ, „како искрен и фер посредник“, зашто во односите со некогашниот воен непријател Србија и соседна Босна и Херцеговина и нема којзнае колкава меѓусебна доверба.

3. Брегзит

На 31 јануари Велика Британија треба и официјално да ја напушти ЕУ. Така одлучи британскиот парламент. Потоа треба да почнат преговори за идните односи со ЕУ, меѓу другото и за договор за слободна трговија. Тоа за Хрватска сигурно нема да биде едноставно, а владата во Загреб сигурно не си го одбра ова тежиште по своја волја. Затоа, земјата и има намера да игра придружна улога во овој процес: „Сакаме да помогнеме сите членки на ЕУ, како и Европоскиот парламент уште во јануари да го ратификуваат договорот за завршување на британското членство во ЕУ, за потоа да имаме 11 месеци време за да постигнеме договор за идните односи“, рече Пленковиќ. Притоа, како што нагласи премиерот, Мишел Барние останува главен преговарач за Брегзит.

Großbritannien London | Fahne Großbritanniens vor dem Parlament in Westminster
Хрватска ќе има само придружна улога во процесот на излегување на Велика Британија од ЕУФотографија: picture-alliance/dpa/PA wire/Y. Mok

Брегзит за Хрватска и онака е од спореден интерес, за разлика од Германија, која го презема претседателството со Унијата во втората половина од годинава.