Што треба да се знае за Корона вирусот? | Панорама | DW | 22.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Што треба да се знае за Корона вирусот?

Светската здравствена организација за денеска закажа кризен самит поради корона-вирусот. Каде досега се јавија случаи на зараза, како се пренесува вирусот и кои заштитни мерки имаат смисла?

Колку брзо се шири новата зараза?

Изненадувачки брзо. До денеска има 9 потврдени смртни случаи, и вкупно над 400 заразени лица. Најчести жртви се постари лица. Шест пациенти починале, но тие претходно биле хронично болни. Појавата на инфекцијата е потврдена и во Тајланд, САД, Јапонија и Јужна Кореја. Сите инфицирани во странство и сите за кои постои сомнеж дека се заразени, претходно престојувале во кинеската метропола Вухан.
Претстојната Кинеска нова година и бранот патувања во земјата ја шири опасноста од пренесување на вирусот.

Како се пренесува вирусот?

Кинеските здравствени институции потврдија дека вирусот се пренесува од човек на човек. Досега сепак нема индиции дека се пренесува преку дишни патишта. Клучното прашање е колку бргу вирусот може да премине од заразен врз здрав човек и дали со текот на времето мутира за да се прилагоди на организмот на домаќинот.
Првите инфекции потекнуваа од еден пазар за риба и месо во Вухан, кој во меѓувреме е затворен. Можно е првата зараза да била ткн. зоноза- односно била резултат на директен контакт на животно и човек , или евентуално била пренесена преку воздухот. Зонозите можат да се пренесуваат и преку храна, на пример, со конзумирање месо и други намирници од животинско потекло, доколку истите не се добро обработени на висока температура.

Infografik Karte Coronavirus Verbreitung EN

Каде е раширен досега корона-вирусот

Што се знае за вирусот?

Корона-вирусите се познати од 60 години на минатиот век. Името потекнува од протеинската структура на вирусната обвивка која потсетува на круна. Овие вируси не се невообичаени. Честопати инфекциите се безопасни и минуваат со симптоми слични на грип: треска, кашлица, задишаност, а понекогаш и стомачни проблеми.
Проблемот со овие вируси е што имаат неверојатна моќ на преобразба. Спаѓаат во ткн. РНК-вируси, бидејќи поседуваат рибонуклеинска киселина како генетички материјал. Затоа имаат голема генетска варијабилност. Практично, тоа значи дека тие лесно ја прескокнуваат бариерата меѓу видовите за да си пронајдат нов домаќин.
При неповолен развој на болеста, овој вирус кај човекот, освен воспаление на бели дробови и отежнато дишење, може да доведе и до смрт.
Корона-вирусот е многу сличен на САРС кој се појави во Кина и Хонг Конг во 2002 и 2003 година. Од него починаа најмалку 650 луѓе. Во 2013 година, од корона-вирус беше погодена и Саудиска Арабија.

Corona Virus China (picture-alliance/dpa/Center of Disease Control)

Вака изгледа корона-вирусот под микроскоп

Какви мерки се преземаат?

Светската здравствена организација денеска одржува кризен самит. Ќе се расправа за тоа дали ќе биде прогласена меѓународна здравствена опасност. Во таков случај можни се мерки на карантин, заострување на граничните контроли, формирање специјални центри за лечење и ограничување на меѓународниот патнички сообраќај.
Во сила секако се општите хигиенски правила- да се избегнува контакт со лица кои имаат акутни респираторни потешкотии, како и со живи и мртви домашни и диви животни.
Експертите се уште не сметаат дека постои опасност од светска епидемија. Јонас Шмит-Ханазит од германскиот Институт за тропски болести вели дека во моментов не се потребни посебни мерки за Германија.

DW.COM

Реклама