Што тргна како што не треба во Вуковар? | Свет | DW | 18.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што тргна како што не треба во Вуковар?

Во Загреб денес има илјадници вуковарци. Почнаа во голем број да доаѓаат по 18.11.1991, кога од градот се извлекоа последните преживеани бранители на градот. Како денес изгледа во Вуковар и зошто никој не се враќа?

Во едно загрепско кафуле се среќаваме со тројца вуковарски страдалници. Тие во Загреб дошле по престојот во заробенички логори во Србија. Раните кои таму им се нанесени се заздравени, но Мирослав Јосиќ, Стипе Мајиќ и Антонио Матиќ повеќе ги мачи болката од понов датум. За разговорот не се подготвувавме посебно, беше доволно да се покаже волја да се слуша и разбере и да се вклучи диктафон, со понекое потпрашање.

Поинаков менталитет

„Загреб е голем град, но сѐ уште се трудиме да се среќаваме и да се дружиме. Сепак, ние имаме поинаков менталитет од овдешните луѓе, поопуштени сме, послични со Босанците, Херцеговците, Далматинците“, објаснува Матиќ, кој е средношколски професор по политехника. „Но, во струката никогаш не сум работел, иако дипломирав во Осијек по логорите. Сега сум во инвалидска пензија.“

Kroatien Stipe Majić Verteidiger der Stadt Vukovar (DW/I. Lasic)

Стипе Мајиќ

Стипе Мајиќ е претприемач, кој своја фирма имал и пред војната во Вуковар. „Тогаш беше лесно, беше благосостојба, а сега е борба.“

Јосиќ се потсетува на доаѓањето во Загреб: „Никој не мислеше дека остануваме засекогаш. Само чекавме во бегалските хотели и мечтаевме за враќање. Но, во Вуковар веќе нема ништо, таму можеш да живееш само на старост. Јас исто така сум во пензија, плус имам малку приватна работа... Ретко кој од нас замина со драго срце во пензија. Јас два пати го одбивав лекарското мислење, а третиот пат немав веќе право. Секогаш е подобро кога нешто работиш.“ Јосиќ смета дека државата на тој начин се „ослободила“ од нив: „Државата ни е таква, не води сметка. Така е и со обвиненијата за воени злосторства. Зошто барем не се потрудија да се знае кој има причини да стравува, а кој не? Така би било подобро, а вака сите се оптоварени.“

Kroatien Miroslav Josić, Verteidiger der Stadt Vukovar (DW/I. Lasic)

Мирослав Јосиќ

Приказната потоа се врти кон Вуковар од нивните поубави сеќавања, предвоените. Сите знаат и повторуваат дека градот тогаш имал повеќе работни места отколку што денес има жители. Сметаат дека Вуковар бил една од најдобрите средини во цела СФРЈ, а во прилог на тоа одат и некои статистички податоци, како на пример - трет БДП во државата. Што тргна како што не треба по војната? Што да се направи?

„Како што рече и вуковарскиот градоначалник Иван Пенава, некако би требало да се обедини целата енергија од Хрватска за да се покрене економскиот развој на градот. Зошто не е реализиран проектот, според кој секоја жупанија би отворила по некој објект во Вуковар? Треба да се покрене производството, да се отворат работни места, а не само увоз“, вели Мајиќ.

Спасувај се кој може

Перспективата за младите е особено лоша, се согласуваат сите тројца, но тоа е случај во цела Славонија. „Во Вуковар има и дополнителни специфичности, на пример многу луѓе од страна се вработуваат во претпријатијата во сопственост на државата. Луѓе кои воопшто не живеат во Вуковар. По работното време тие си заминуваат од Вуковар, па ни тие нивни плати не се трошат во вуковарските продавници и кафулиња, вели Матиќ.

Kroatien Antonio Matić, Verteidiger der Stadt Vukovar (DW/I. Lasic)

Антонио Матиќ

Дознаваме дека целата помош за Вуковар завршила со првата етапа - обновата на куќите. Втората и третата етапа биле предвидени, но не се покренати. „А не може да се живее само од куќа“, нагласува Јосиќ. „Последниот кој ќе си замине, ќе го згасне светлото.“ Потсетуваат дека по Втората светска војна луѓето наголемо се селеле од Херцеговина и Далмација во Славонија, а денес од Славонија се оди на сезонска работа во Далмација. „Спасувај се кој може“, додава Матиќ.

Доаѓаме и до темата - одбележување на годишнината од падот на Вуковар. „Сега ќе се соберат оние што паметуваат“, велат, „секој има нешто да заклучи, еден ден годишно или тие неколку дена, сеедно, и тоа е тоа. Ние знаеме дека главните мора да дојдат и дека не се сите исти, но поради целокупниот однос сѐ повеќе од нас сметаат дека поголема трагедија се случи по реинтеграцијата отколку што беше воената трагедија. Би било покоректно да кажат: ете, дојдовме зашто така треба, а всушност не ни е грижа за Вуковар во останатите 364 дена!“

 

Реклама