Што содржи техничката спецификација за модуларните болници | Северна Македонија | DW | 16.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што содржи техничката спецификација за модуларните болници

Во план била лесна, брза и монтажна изградба на објекти по принципот клуч на рака. Притоа се користеле материјали кои не нудат доволна заштита при пожари.

Во март годинава Министерството за здравство ја објави јавната набавка на монтажни контејнери како дополнение за Инфективната клиника во Скопје*, со постапка со преговарање без објавување оглас, поради крајна итност. Пандемијата со Ковид-19 зема се поголем замав, болнички кревети се помалку, па надлежните одлучуваат да ги зголемат капацитетите со изградба на модуларни болници. За таа цел, се планира лесна, брза и монтажна изградба на медицински капацитети – болничко сместување со просторија за медицински персонал и згрижување со медицински третман на заболени лица од коронавирус. 

Министерството за здравство изготвува техничка спецификација и распишува јавна набавка за изработка, транспорт и монтажа на монтажни објекти – по принципот клуч на рака со димензии - должина 6.000 мм, ширина 7.200 мм и висина 2.600. Притоа се бара контејнерите да бидат опремени со кровна конструкција (двоводен кров), кровни ребрасти панели (PUR) панели најмалку 40 мм дебелина на пластифициран лим внатрешно најмалку 0,4 мм надворешно најмалку 0,4 мм, тежина на полиуретанот најмалку 41 кг/м3, топлинска спроводливост најмногу 0,43 U(W/m2K) RAL 9002/9002, олуци и ПВЦ врати. 

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo

Објектите било побарано да бидат изработени од еколошки ѕидни панели (PUR) најмалку 40 мм кои заштедуваат топлинска енергија и имаат звучна изолација.

Објектите било побарано да бидат изработени од еколошки ѕидни панели (PUR) најмалку 40 мм кои заштедуваат топлинска енергија и имаат звучна изолација, обложени со внатрешно „лице" и надворешно фасадно „лице". Дебелината на пластифицираниот лим внатрешно и надворешно требала да биде најмалку 0,4 мм, а тежина на полиуретанот најмалку 41 кг/м3. 

Подот, како што е наведено, требало да биде изработен од челична конструкција, цементни табли и ПВЦ под, а од инсталација било потребно да се вградат лед светла, прекинувачи, надградни приклучоци, монофазен надграден приклочок – клима, разводна ПВЦ табла за монтажа на ѕид со минимуим 3 автоматски осигурачи, доводна IP табла и инвертер сплит систем за климатизација – 3,5 KW. Дебелина на челичната конструкција за целиот монтажен објект требала да биде најмалку 3 мм. 

Ова се детали од техничката спецификација за модуларната болница во Клиничкиот центар во Скопје објавени на страницата на Министерството за здравство и се достапни за јавноста. Истата техничка спецификација подоцна е барана и за останатите 17 модуларни болници ширум земјата кои се градени со тендерска постапка со кредит од Светска Банка. 
Во неа се наведува дека „на локацијата ќе биде обезбеден приклучок на водоводна и канализациона мрежа и приклучок кон електро дистрибутивната мрежа заради потребите од снабдување со електрична енергија. Со поставувањето на модуларните монтажни објекти – контејнери се предвидува да се добие обезбеден  простор за потребите на медицински персонал, сместувачки капацитет – болнички кревети, тоалети со туш кабини; ходник и „топла врска“. 

Целосната документација за целиот проект, надзорот и забелешките, којашто содржи повеќе илјади страници е предмет на истрага и е во рацете на надлежните обвнители коишто го водат предметот за пожарот во Тетово. Пред осум дена во монтажната ковид-болница се случи страотен пожар со смртни последици. Загинаа 14 лица, а 12 беа повредени. Објектот изгоре за само неколку минути. Истрагата за причините за пожарот е во тек. 

Обвинувања 

Со набавката направена од Министерството за здравство се бара монтажните болници – контејнери да бидат составени од ѕидни и кровни (PUR) панели кои се најслабо огноотпорни. Никаде не се бара да се достави атест од произведувач на кој било материјал што е вграден во модуларните болници, обвини деновиве опозицијата. 

Според нив, нема никаде дека обврзувачко е во самите објекти да има и планови за евакуација. Покрај тоа што не се бара елаборат (проект) за ПП заштита исто така не се бара да бидат запазени минималните барања за ПП заштита за ваков тип на здравствени установи. 

„Овие објекти спрема правилникот за заштита пожари и експлозии спаѓаат во група на објекти од категорија “Г” и за нив важи дека истите објекти мора да имаат огноотпорност од минимум 2 часа. Во реалноста, болницата во Тетово изгоре за 2 минути. Оттука, зошто во набавката се барале леснозапаливи PUR панели? Зошто не се барало атест за квалитет, зошто немало противпожарна заштита, и зошто она што требало во најлош случај да издржи 2 часа, изгоре за 2 минути?“, се прашањата коишто ги постави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Ибин Емшиу кој ги загубил својот татко и брат во пожарот, тврдеше дека во модуларниот ковид-центар во Тетово немало ни противпожарен апарат, ниту пак систем за гаснење пожари. За медиумите тој раскажа дека во прв момент имало обиди за гаснење на пожарот, но присутните не успеале да најдат ниту противпожарен апарат во модуларната болница. 

Пожарникарот Бобан Трпкоски деновиве за ДВ исто така потврди дека објектот немал „противпожарни бариери“ за да го спречат ширењето на огнот.  „Доколку модуларната болница била од цврста градба немаше да се случи трагедија како во ковид-центарот во Тетово“, вели Бобан Трпкоски, противпожарен инструктор од Тетово, кој по 31-годино искуство во пожарикарството, обуки во Велика Британија и над 10 илјади интервенции на огнени стихии во земјава, вели дека се уште го мачат бројни дилеми, прашања, претпоставки дали можеше да се избегне ваков исход, доколу биле почитувани сите правила и препораки за заштита на објектите од пожари. 

Што побарале – тоа добиле 

Министерството за здравство тврди дека сите 19 модуларни ковид-болници во државата, вклучително и тетовската, која изгоре во страотен пожар, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Според нив, пропусти во изградбата нема. „Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени по технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани“, е официјалниот став на Министерството за здравство. 

Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорците се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита, тврдат надлежните. 

И од велешката компанија „Брако“, која ги изгради модуларните болници во земјава, ги негираа обвинувањата за технички проблеми при изградбата на тетовската модуларна болница. Забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, според нив, во најголем дел биле од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата. Компанијата тврди дека уредно биле отстранети во зададениот рок и пред пуштање на болницата во употреба. 

Но, на 15 април годинава, веднаш по пуштањето во употреба на објектот во Тетово, економскиот директор Артан Етеми се пожали на „ситни пропусти“ и побара фирмата изведувач во рок од 5 дена да ги отстрани. Тој побарал да се поправи подот во ходникот, да се инсталира туш кабина или да се стави заштитна ограда. Тоа и било сторено.

Гледај видео 01:10

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар

Ваквите информации ги потврдија и од Министерството за здравство. Според нив, забелешките се однесувале на силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците и сл. Овие проблеми биле санирани пред да биде пуштен во употреба објектот за хоспитализација на пациенти. 

Веќе на 23 август беше регистриран нов проблем во ковид-центарот. Вработените во тетовската болница кои увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите алармираа за случајот. За среќа, тогаш немаше последици по пациентите. Оштетени биле две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект ургентно-дијагностичкиот центар, додека снабдувањето до Ковид-одделенијата одело непречено преку главната цевка. 

Зајакнати контроли на модуларните болници 

„Нашите модуларни ковид-болници се исти како во целиот свет. Тие се безбедни и им помогнаа на многу наши граѓани и во моментот во нив се лекуваат околу 200 наши граѓани“, вели премиерот Зоран Заев. Тој додава дека проверките во модуларните болници се засилени и дека се контролираат и од противпожарен и од безбедносен аспект.

-повеќе на темата: Што знаеме досега за трагедијата во Тетово: Повеќе прашања од одговори

Трагедијата не погоди сите, ќе ја паметиме цел живот, изгубивме животи. Да сочекаме, да ги видиме форензичките извештаи за да превенираме во иднина“, рече денеска Заев.

Поранешниот заменик министер за здравство, тетовецот д-р Илир Љума во изјава МКД.мк вели дека не е виновна само македонската Влада, туку и СЗО со препораките за изградба на „стиропорни" ковид – болници кои, всушност, треба да се подигаат во воени услови надвор од населени места. Монтажна болница, според него, воопшто не била потребна, бидејќи тетовската Клиничка болница имала услови во цврстата градба да адаптира дополнителен ковид-центар. 

*Овој текст е ажуриран на 21.09. со дополнување дека огласот на Министерството за здравство од април годинава се однесувал само на модуларната болница во Клиничкиот центар во Скопје. 

DW.COM

Поврзана содржина