Што сака да биде ОМД? | Македонија | DW | 16.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што сака да биде ОМД?

Изминативе неколку години ОМД го загуби имиџот на организација од дијаспората која се труди да и помогне на Македонија од позицијата која ќе и овозможи неутрален статус во овдешните работи. Одговор на реакцијата на ОМД

Обединетата македонска дијаспора денеска се јави со реакција на текстот на ДВ под наслов „Моне за почетници“. Во реакцијата, претседавачот на ОМД, Стојан Николов пишува дека иницијативата Жан Моне нема легитимитет и дека квалификациите за неговата организација како „патриотско националистичка“ се невтемелни. 

Ова е одговорот на таа реакција од нашиот дописник Љупчо Поповски: 

„Неспорно е дека Обединетата македонска дијаспора (ОМД) прави убави работи за промовирање на Македонија и нејзините интереси во Вашингтон и други метрополи. Неспорно е и дека организацијата од нејзиното формирање успеа да стане некаква матица за одреден број иселеници и дека со многу иницијативи ги вмрежува луѓето кои сакаат да и помогнат на земјата од каде што потекнуваат. Има и други неспорни работи – како посветеноста на нејзиното раководство да создава пријатели во американскиот Конгрес. Но има и спорни работи во нејзините активности и ставови, барем според перцепцијата на значаен дел од македонската јавност.

Изминативе неколку години ОМД го загуби имиџот на организација од дијаспората која се труди да и помогне на Македонија од позицијата која ќе и овозможи неутрален статус во овдешните работи и ќе работи на промоција на демократските вредности на македонското општество. Последниве години ОМД се однесува како патронажна сестра која ги има лековите за заболената Македонија. Па, така, нејзините соопштенија испратени од Вашингтон зачестија толку многу како да се објави на овдешни политички партии. Не знам дали раководните луѓе од ОМД забележуваат – но колку што расте бројот на нивните соопштенија толку помалку се објавуваат во овдешните медиуми. Освен оние дека уште некој конгресмен станал дел од групата пријатели на Македонија на Капитол хил.

Конфузна ориентација

За жал на ОМД, претседавачот на организацијата, Стојан Николов, во писмото околу текстот „Моне за почетници“ објавен во Дојче веле, удира уште еден печат во оваа конфузија во ориентацијата. Николов го погодила оценката „патриотско-националистичка“, која за ОМД изгледа претерана, но така е секогаш со оние кои стојат на екстремите – тие мислат дека се дел од централните групи. Секогаш е ужасно тешко себеси да се перцепираш непристрасно, па така и за организацијата која се претставува неполитичка, а сака да биде дел од политичкиот процес во Македонија. ОМД нема потреба да нагласува дека секогаш стои „на браникот на засебноста на македонскиот народ, јазик, култура...“ (како што пишува Николов) – македонската засебност е одамна апсолвирана работа. Македонија сега се труди да обезбеди столче на масата во Европската унија каде што ќе може да решава заедно со сите за европската архитектура.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски, дописник на ДВ од Македонија

Гледајќи и пишувајќи од Вашингтон членовите на раководството на ОМД се чини не успеваат да видат што се случува во Европа, какви се македонските аспирации и како функционира континентот. Па како да се подружница на овдешните негатори на се што доаѓа од Брисел, Николов пишува дека „иницијативата на Жан Моне нема легитимитет“ и дека една европска институција по кој знае кој пат го прекршила демократскиот кодекс, дека „нашите западни пријатели се директни соучесници во хаосот во кој се наоѓа македонското општество".
Фалшливи претстави

Би било убаво Стојан Николов да каже дали кога делегација на ОМД оди на разговори во Стејт департментот (испраќаат соопштенија за ваквите средби) им велат на американските дипломати дека САД се соучесници во „хаосот" во Македонија. Или пак зборуваат нешто друго, а подоцна пишуваат патриотски соопштенија за злите соседи на Македонија и за измамничката Европа. Би било убаво Стојан Николов да каже дали на тие средби во Стејт департментот ги убедуваат американските дипломати дека Македонија треба веднаш да ги напушти преговорите за името (како што постојано повторуваат во нивните соопштенија), дека резолуциите на ОН не се важни и дека не е важен ни досегашниот труд на Метју Нимиц, кој секогаш е во координација со истиот тој Стејт департмент.

Очигледно дека ОМД има фалшливи претстави за настаните во Македонија, па Стојан Николов објаснува дека спровеле анкета на „Фејсбук“ за можната средба во Париз „поради медиумскиот молк за дебата“. Каде ли го видоа тој медиумски молк во Македонија? Или го замислија за да ја оправдаат политичката активност. Ова е само мал детаљ кој покажува колку раководството на ОМД не ја познава сегашната Македонија, туку пишува соопштенија според патриотски предрасуди. Да не зборуваме за оценката дека договорот од Пржино бил срамен.

ОМД, барем според она што последниве години го приопштува до македонската јавност, влегла во криза во ориентацијата како организација на дијаспората. Промоцијата на Македонија и македонските интереси во глобалниот свет е најдоброто што може да го направи. А во многу случаи покажа дека знае да го прави тоа. Но таа посака да биде политички актер во Македонија, а тоа е најлошото што може себеси да си го направи. Затоа што тоа е патот за нејзиното сопствено маргинализирање во македонската јавност. 

DW.COM

Реклама