Што признаа Заев и Мицкоски | Северна Македонија | DW | 18.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што признаа Заев и Мицкоски

Заев разбра дека членството во НАТО и преговорите со ЕУ не се пресудни за да се добијат изборите. Мицкоски сфати дека само незадоволството поради компромисите со Грција и Бугарија не е доволно. Пишува Ерол Ризаов.

Двајцата најголеми политички противници, премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски конечно признаа, додуша индиректно, некои основни, но клучни работи во врска со предвремените парламентарни избори иако за тоа имаа сериозни укажувања од поодамна и дома и од надвор. Зоран Заев, дефинитивно, разбра дека најважната стратегиска и историска придобивка за иднината на Македонија- членството во НАТО и преговорите со ЕУ- не се пресудни да се добијат изборите. Тоа изгледа неверојатно, ама така е, иако над 80 осто од граѓаните ги поддржуваат евроатланските интеграции на Македонија, ама во вакви околности и амбиент и тоа не е доволно за изборна победа, дури и да се добие членството во НАТО и да се одреди датум за преговори пред изборите.  Секогаш на избори треба нешто поконкретно отколку пиле на гранка, филм што деновиве го гледаме како постојана 30 годишна реприза.
За три децении независност имаме безмалку 30 избори и гласања, што на редовни и вонредни парламентарни, што на претседателски, што на локални избори, што на референдуми. Триесет години  живеме во предизборен пресинг, изложени на омраза и на мобинг, на изборна корупција, на закани.... Децата се формираат како личности под стрес од борбата на нивните родители за власт, оти кој  ќе победи зема се’. Тоа означува изборната победа во Македонија. Ужасна деградација  на парламентарната демократија во битките на живот и на смрт.
Задоцнет ум
На Христијан Мицкоски пак му дојде на ум дека не е доволна за голема изборна победа, како што секој ден по трипати ја најавува, само казната на власта од незадоволството на еден дел од граѓаните поради компромисите во Договорите  со Грција и со Бугарија и поради одложување на преговорите со ЕУ, без оглед кој е виновен за тоа. И Мицкоски на мала врата прифати дека уште помалку гласови може да донесе доктрината да се напаѓа и обвинува власта за афери, скандали и  грешки кои беа секојдневие за време на 11 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Додуша Мицкоски понуди обнова, ама на стари темели. Во белата палата и натаму не се менуваат луѓето, туку само чаршафите.
Тоа се главните причини поради кои во последните јавни активности двајцата политички лидери покажуваат дека и покрај тоа што признаваат дека за да се добие уште еден мандат на СДСМ да формира влада не е доволно само членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Како што не е доволно да се врати довербата во ВМРО-ДПМНЕ по пауза од три години за повторно да управува со државата во истиот стил и истите луѓе само затоа што избега Груевски од правдата и остави свој наследник. Дури и на општо вчудоневидување да прифати старо – новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дека Груевски е виновен за многу нешта, тешко ќе помине во јавноста таквата теза специјално подготвена за избори- дека тој е единствениот виновник за сите злодела направени во 11- годишното владеење без контрола во ерата на стравот и тиранијата. Не беше можен груевизмот без груевисти кои и ден денес се главните носители на највисоките партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, а неговите противници и критичари се отстранети од партијата како предавници.

Дување на јогурт
Емоциите, разочарувањата и лутината се најлошиот сојузник во предизборните натпревари. Одлуката на Заев да предложи брзи предвремени парламентарни избори, наместо за есен 2020 година како што најавуваше, ќе го намалат ефектот од членството во НАТО и одредувањето на датум за почеток на преговори кои повторно се на повидок, но се примаат со голема резерва. Кој се изгорел од жешко млеко дува и на јогурт. Блокадата на претседателот Макрон во Брисел, премногу е болна и тазе рана која ги прави неверојатни и последните најнови најави дека францускиот став не е тврдо вето и дека во март, или најдоцна до мај е можен датум за почеток на преговорите со ЕУ со некои видоизменети правила кои се веќе познати и во јавноста како нова методологија на преговори.
Дури и претседателот на државата Стево Пендаровски по средбата со претседателот Макрон беше прилично воздржан  да ја пренагласи добрата изгледност за таква разврска до март, или мај. За разлика од него српскиот претседател Александар Вучиќ по приемот во Елисејската палата и по разговорите со претседателот Макрон даде сензационална изјава дека очекува преговорите на Македонија и на Албанија со ЕУ да бидат отворени во март,  ако  не се чека самитот во мај во Загреб. Жешка изјава која кај нас не го доби потребното внимание и помина речиси нечујно. Дури Вучиќ тоа и го искоментира пакосно на балкански начин „тие, се мисли на лидерите на државите на ЕУ, ќе го сторат тоа, ќе ги почнат преговорите со Македонија во март бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12 април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот некому кому му ветиле нешто кое тој го направил.“ Се разбира, алузијата е на Зоран Заев и на Преспанскиот договор.

Пред избори се’ оди
Од друга страна Христијан Мицкоски по понудата на обнова на Македонија на старите темели повторно се наврати на примамливоста од тиражната тема за Преспанскиот договор и промената на името во Северна Македонија ветувајќи негово „обновување“ до мерка на поништување. Таквата повторна, веќе напуштена радикална позиција на Мицкоски, со ветување дека Договорот со Грција може да се поништи, изборните стратези на ВМРО ДПМНЕ пресметале дека гарантира голема изборна победа. Тоа што по изборите никој нема да смени ниту запирка од Договорот воопшто не преставува некоја обврска бидејќи лесно ќе се најде оправдување за непроменливост на Договорот, кој за голема несреќа  може да стане неодржлив во техничкиот дел во кој прецизно се предвидени фази со прифаќање на поглавијата од преговорите со ЕУ и нивно завршување и редовното членство на  Македонија во ЕУ. Веднаш по таквата изјава на Мицкоски за преиспитување на Договорот и негова поправка за само три дена стаса изјавата за тоа дека ако ВМРО-ДПМНЕ ја освои власта ќе има јасни стратегиски перспективи со ЕУ, САД и НАТО, дека ќе се признаат сите слабости и грешки за да може да се оди напред. Тоа ќе биде основата на кои ќе се базира обновата на Македонија. По ова Мицкоски нема потреба да објаснува како ќе гради стабилни и стратегиски односи со ЕУ, САД и НАТО ако ги менува договорите со Грција и со Бугарија. Останува уште наивните да разберат дека едно е дома да се ветува дека ќе се поништи Преспанскиот Договор, а друго е дека ќе се градат стратегиски односи со Запад и со соседите. Едно со друго не оди, ама пред избори се’ оди.

DW.COM

Реклама