Што прават општините за невладините организации? | Македонија | DW | 29.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што прават општините за невладините организации?

Општините занемаруваат плејада на организации кои се занимаваат со политички систем, владеење на право, млади, човекови права, родова еднаквост, поддршка на маргинализирани заедници и слично.

Соработката на општините и граѓанскиот сектор е важен елемент во процесот на демократизација, како и во процесот на градење на заедничките капацитети на општините и граѓанските организации. Можноста општините да доделуваат средства до граѓански организации е важна придобивка на процесот на децентрализација и значително придонесува за различност во однос на поддржаните организации, како од аспект на нивната големина, така и од аспект на тематските области кои тие ги покриваат. Затоа речиси сите општини во Македонија во своите буџети под ставката 463 имаат предвидено средства кои се наменети токму за граѓанските организации. Номинално, оваа заложба се рефлектира со постојаниот раст на парите кои општините ги предвидуваат за граѓанските организации, а во иста насока се движи и Владата која значително ги зголеми и ги преструктуираше средствата предвидени за финансирање на граѓански организации во 2017 година.

Сепак, иако ваквата поставеност на работите навидум изгледа идилична, со подлабинска анализа на локално ниво релативно брзо може да се увидат низата на проблеми со кои се соочуваат како општините така и граѓанските организации во воспоставувањето на меѓусебна соработка. Во тој дел, интеракцијата помеѓу општините и граѓанските организации се одвива во  процесот на програмирање на средствата, нивната реализација, како и на типовите на проекти и организации кои се финансиски поддржани. Во секоја од овие фази постојат предизвици чие решавање бара посебно внимание доколку сакаме да се подобри процесот на финансирање на граѓанските организации на локално ниво.

Достапните пари не се искористуваат

„Не знам дека се даваат пари, а и да се даваат не верувам дека имаме шанси да добиеме", беше ставот на претставник на мала граѓанска организација од Скопје на прашањето дали се запознаени дека нивната  граѓанска организација може да добие средства од општината? Овој став со малку варијации провејува кај многу организации, а незапознаеноста на организациите во целина со можностите кои се нудат во нивната општина е претходно илустрирана во повеќе мониторинг извештаи и анкети кои се направени во земјава и ја обработуваат оваа чувствителна тема.

Mazedonien Marko Pankovski, Wissenschaftlicher Mitarbeiter am Institut für Demokratie in Skopje

Марко Панковски

Истражувањето кое Институтот за демократија го спроведе во рамките на проектот „Проект 463: Мониторинг на трансферите кон граѓанските организации на локално ниво“ покажа дека во општините во Град Скопје неискористени остануваат дури 37% од предвидените пари за граѓанските организации. Покрај недостигот на капацитет кај дел од општините да ги реализираат сите предвидени средства, дополнителна причина која придонесува кон ниската реализација се и честите ребаланси на буџетите кај општините. Тие ребаланси покрај тоа што рефлектираат ниски капацитети за планирање на средствата, укажуваат и на состојба каде што непланираните потреби на општините добиваат приоритетен третман, а при ребалансот често се скратува и кај ставката 463, како ставка под која потпаѓаат трансферите до невладините организации. Ваквата пракса на ребаланси создава сериозни потешкотии кај организациите од аспект на подолгорочно планирање на активностите и средствата на локално ниво.

Сепак, другата страна на аргументот може да биде дека граѓанските организации активни на локално ниво се презафатени во потрагата кон поддршка од странски донатори и ги занемаруваат локалните можности за финансирање. Ова е аргумент кој често може да се слушне при комуникација со општините, односно дека токму нискиот интерес кај организациите е причината што голем дел од средствата остануваат неискористени.

Спортот доминира

Каква е ситуацијата кога станува збор за тоа каков тип на организации се поддржуваат? Според достапните податоци, како и разговори со вработени во општините и општинските советници, може да се заклучи дека општините го сметаат спортот како најприоритетно прашање за поддршка. Така, спортските клубови земаат голем дел од средствата кои општините ги предвидуваат за невладини организации во буџетската ставка 463, иако тие никогаш не конкурираат за тие средства во отворен процес, а исто така ја имаат и можноста да стекнуваат поддршка од спонзорства што е привилегија која е тешко достапна за граѓанските организации. Така, според истражувањето на ИДСЦС во општините во град Скопје, 48% од поддржаните проекти се во областа на спортот, а со таа застапеност тие одземаат над 90% од предвидените средства. Со ваквата распределба, општините занемаруваат плејада на организации кои се занимаваат со политички систем, владеење на право, млади, човекови права, родова еднаквост, поддршка на маргинализирани заедници и слично. Втора „омилена„ област за поддршка се традиционалните културни манифестации кои исто така добиваат поддршка на редовна годишна основа без отворен повик и натпревар со останатите граѓански организации. Исклучок на ова правило е град Скопје кој поддржува многу граѓански организации кои се занимаваат со лица со посебни потребни, сексуално-репродуктивно здравје и поддршка на возрасни лица, иако и таму се забележува тренд на раст на поддршка на спортски настани.

Mazedonien ZELS Städte und Kommunen Gemeinschaft

Седиштето на ЗЕЛС

Што треба да направат општините?

За да се подобри ситуацијата во однос на финансирањето на граѓанските организации од страна на општините, потребно е да се работи на подобрување на состојбите во сите три фази од процесот на поддршка: програмирањето на средствата, процесот на доделување и тематската распределба, како и транспарентноста во целина. Општините треба посветено и транспарентно да работат за суштински да ги вклучат граѓанските организации во процесот на планирање на средствата бидејќи само така може да се осигура дека тие средства ќе бидат комплетно реализирани и ќе ги рефлектираат потребите на различни сектори од општеството кои се претставени преку граѓанските организации.

Во тој домен, исклучително е важно општините да почнат да ја менуваат праксата на речиси ексклузивна поддршка на спортски клубови и традиционални културни манифестации и да започнат со поддршка, исто така, на организации кои се занимаваат со области како владеење на право, демократизација, граѓанско општество, како и мониторинг на работата на органите на државната управа. Таквиот пристап покрај тоа што е придобивка сама по себе, исто така служи како додадена вредност за општините во насока на подобрување на нивната работа и поголема легитимност во очите на граѓанските организации и граѓаните во целина.

Марко Панковски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

Реклама