Што поттикнува војна за Нагорно-Карабах? | Свет | DW | 29.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Што поттикнува војна за Нагорно-Карабах?

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу регионот Нагорно-Карабах повторно ескалира. Сите знаци укажуваат на војна, а ни овојпат не постои едноставно решение.

Во конфликтот помеѓу Ерменија и Азербејџан дојде до следен степен на ескалација – од неделата закараните соседи водат тешки борби, а првпат по примирјето од 1994 година се одвиваат битки долж конфликтната линија. Агенциите јавуваат за мртви и загинати.

Прво Ерменија прогласи воена состојба, а подоцна следеше и Азербејџан, иако таму таа важи само за одредени делови од земјата. Двете страни меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за најтешката ескалација по повеќе години, а во Јужен Кавказ ситуацијата може да стане и полоша. Што го поттикнува насилството?

„Расположението во Азербејџан: дипломатијата претрпе неуспех"

Повторното разгорување на конфликтот околу Нагорно-Карабах, кој меѓу Баку и Ерeван тлее преку 30 години, веќе се навестуваше уште летоска. На 12 јули започнаа десетдневни борби помеѓу ерменски и азербејџански војници, но не во Нагорно-Карабах, туку по должината на меѓународно признатата граница меѓу двете држави. Во судирите како жртви паднаа десетици луѓе, меѓу нив и цивили.

Ескалацијата во Јужен Кавказ е поврзана со извесна фрустрација во Баку. Дури и по 30 години и без оглед на бројни мировни преговори, на Азербејџан не му е вратена територијата која му припаѓа според меѓународното право. „Наш приоритет отсекогаш бил прашањето да се реши во рамките на признатите граници. Веќе 28 години се обидуваме да постигнеме мирно решение, но никако не се успева, затоа сега се спроведува ‘контранапад'", истакнува Фархад Мамедов, азербејџански политиколог и шеф на консултантската фирма Стратешка консултантска група.

Лоренс Броерс, директор на програмата за Кавказ на британскиот тинк-тенк Чатам хаус, исто така смета дека во Азербејџан постои уверување за тотален неуспех на дипломатијата. „Легитимно прашање е: кој е резултатот за Баку од годините мировни преговори? Од друга страна, додека мировниот процес се развлекува во недоглед, Ерменија можеше да ја консолидира својата контрола над Нагорно-Карабах."

Karte Konflikt Armenien Aserbaidschan

Географска карта на конфликот околу Нагорно-Карабах

Ереван ќе се обиде да ја направи војната прескапа" за Баку

Ерменија сега има две опции, вели ерменскиот политички набљудувач и претседател на прес-клубот во Ерeван, Борис Навасарџан: „Максимална мобилизација заради одговор на азербејџанскиот напад и обид на непријателот да му се нанесат што поголеми загуби. Или, заеднички со меѓународната заедница да се направи обид за потсмирување на азербејџанското раководство."

Ерeван има намера да му покаже на Баку колку висока цена ќе треба да плати во смисол на воени загуби и човечки животи, вели Броерс. Ерменскиот премиер Никол Пашињан „во однос на ескалација е многу помалку воздржан" од својот  претходник, Серж Саргсјан.

Стабилно примирјее тешко замисливо

Во Азербејџан се полагаат надежи во воени успеси, а натамошно примирје е замисливо само под „апсолутно нови услови", „со цврсто утврден роковник за повлекување на оружјето од окупираните азербејџански области, стриктно според поранешните заклучоци на Советот за безбедност на ОН", вака Фахрад Мамедов ја објаснува позицијата на Баку.

Повеќе:

Нагорно-Карабах: Вооружениот конфликт ескалира

Вистинско решение за конфликтот во Нагорно-Карабах во моментов нема

Повторно се разгорува конфликтот за Нагорно Карабах

Во Ерeван исто така постои скепса во поглед на нов договор. Примирје би било „тешко замисливо, зашто за претпоставка има постоење висок степен на доверба меѓу страните во договорот и посредувачите", вели Ерменецот Борис Навасарџан, а во моментов „меѓу Ериван и Баку егзистира доверба рамна на нула."

„Ерменија инсистира на подобрување на безбедносната ситуација пред почнување на разговори, додека Азербејџан нема друго ефикасно средство освен дестабилизирање на состојбата", коментира Лоренс Броерс. Истовремено, би било погрешно одговорноста за настанатата ескалација да ѝ се припише само на едната страна, зашто двете земји масивно инвестираа во дефанзивно и офанзивно вооружување.

Меѓународната ситуација потпомага вооружен судир

Важна причина за ескалацијата има и меѓународната ситуација, драматично променета од примирјето постигнато во 1994 година. „Минскиот процес (мировните преговори под покровителство на ОБСЕ -Минската група, н.з.) во голема мерка беше продукт на униполарен свет во првите години по крајот на Студената војна", смета Броерс. Тогашната идеја била дека „конфликтот некако ќе се реши во рамките на либерален мир," но САД денес „се одјавени", а на нивно место дојдоа други  геополитички играчи, како Русија и Турција.

Заедничките интернационални напори, кои на Ерeван и Баку би можеле да им гарантираат доволна сигурност за да започнат мировно релевантен дијалог, сега се „отсутни". Во ваква ситуација, порадо се бара „геополитички патрон" отколку дипломатски пат без „солидна меѓународна база", истакнува Броерс.

Присутен е потенцијал за ескалација

Експертот за Кавказ ја оценува ситуацијата за толку опасна поради фактот што на меѓународната сцена сега не постојат сили кои би извршиле доволен притисок за постигнување примирје. Останува да се провери и колку далеку би одела Турција во својата поддршка на Азербејџан: „Отсекогаш постоеле емпатија и солидарност со Азербејџан, но сега тие прераснуваат во активни форми на поддршка, вклучувајќи и воена помош."

Постои потенцијал за натамошна ескалација и вмешување на други држави во конфликтот, предупредува Броерс, доколку сепак не се случи двете страни по неколку дена да ги окончаат меѓусебните судири со наратив за „постигнат успех".