Што понатаму со велешката Топилница?!? | Наука | DW | 17.06.2008
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Наука

Што понатаму со велешката Топилница?!?

Во Основниот суд во Велес денеска беа отворени понудите на потенцијалните купувачи на Металуршко-хемискиот комбинат МХК, во чиј состав е и Топилницата и Фабриката за вештачки ѓубрива.

Ќе потоне ли повторно во чад и облаци градот на двата брега на Вардар?

Ќе потоне ли повторно во чад и облаци градот на двата брега на Вардар?


Кој ќе биде новиот иден сопственик на Топилницата, кој дирекно ќе управува и со здравјето и иднината на над 45 илјади граѓани на Велес и неговата животна средина? Дали и колку ќе вложи во екологијата, во заштита на Велес од загадување или ќе продолжи да работи по старо, без заштитни филтри и понатаму ќе им го уништува здравјето на Велешани? Дали пак можеби ќе ја послуша нивната молба да ја дислоцира Топилницата надвор од градот, каде ќе работи, ама нема да им го нарушува здравјето?


Најзаинтересирани купувачи


Најзаинтересираниот за нејзино купување барем досега, е швајцарско-англиската фирма Минеко која купи 63,7 отсто од побарувањата на најголемите доверите на МХК. Нејзиниот претставник во Македонија, колумнистот Џејсон Мико, до сега неколкупати се сретна со градоначалникот на Велес, Аце Коцевси. Тој избегнуваше средби со новинарите и не сакаше да одговори на овие клучни животни прашања за иднината на граѓаните на Велес.


Најжешка еколошка точка во Македонија


Велес, некогашниот еколошки чист град, одамна не е тоа. Цели 30 години од работењето на Топилницата за олово и цинк и пет години од затворањето тој беше и се' уште е најзагаден град, најжешка еколошка точка на Македонија и Балканот. Граѓаните на Велес се само граѓани од втор ред, кои го немаат основното уставно право, да живеат во здрава животна средина. Посебно загрижувачки и алармантно е што нивното здравје и пет години од затворањето на Топилницата е опасно нарушено, се' како последица од енормното загадување со тешки метали, ни појаснува др Ненад Коциќ:


„Во Велес состојбата е навистина катастрофална и многу опасна. Многу е висок бројот на болни и починати од карцином на бели дробови, од бубрежни заболувања, од заболувања на црн дроб и на болни од анемии. И мислам најалармантното: децата во моментот на раѓање во Велес имаат и денес три пати повеќе олово во крвта од дозволеното.„


Долгорочни тешки последици


Во Велес пет години откако не работи Топилницата има почист воздух, но почвата се' уште е загадена со високи концентрации на тешки метали. Тие преку храната лесно се пренесуваат во организмот и опасно го загрозуваат здравјето, предупредува проф. Др. Трајче Стафилов од Хемискиот факултет во Скопје кој вршеше вакви истражувања:


„Резултатите покажаа енормно загадување на почвата, посебно со метали кои се произведуваат во Топилницата како што се кадмиум, жива, арсен, антимон, бакар, селен, индиум и други.„


Оптимално: здравје и работни места


Професор Стафилов смета дека поради економскиот колапс на градот, добро е Топилницата да проработи, но тоа да не биде на сметка на здравјето на граѓаните.


„Исто така евентуалното продолжување на работата на Топилницата со истата технологија и при исти услови, без преземање соодветни мерки, значи продолжување на ваквото загадување на почвата. Исто така загадување на земјоделските производи кои што се произведуваат во таа околина, така што ефектите се нагативни во секој случај и нужно е преземање на мерки кои бараат големи финансиски средства.„


Како да се придржуваат еко-стандардите?


Ова мислење го дели и неговиот колега, проф. Др. Свето Хаџи-Јорданов од Природно-математичкиот факултет, но со препорака да се почитуваат пропишаните еко-стандарди за работа на Топилницата како во Европската Унија, кон кои треба да се придржува и Македонија:


„Реактивирањето на Топилницата е од интерес за сите, од интерес е за градот и населението на Велес, од интерес е за државата. Меѓутоа, активирањето никако не подразбира да се повторат грешките од минатото, со емисија на прекумерни количества на штетни материи.„


Може ли да се спаси застарената технологија?


Билјана Шуркова-Манаскова инспектор по животна средина, смета дека со застарената Империјал Смелтинг технологија по која работеше Топилницата, залудно ќе биде секое ново инвестирање во екологијата, бидејќи според неа нема да го заштити здравјето на граѓаните.


Луѓето коишто се заинтересирани да ја купат Топилницата при средбите во општина Велес, не понудија никаква програма, никаков план за еколошка заштита. Многу, многу тешко оваа Топилница ќе може да ги достигне најдобрите достапни техники согласно интегрираното спречување и контрола на загадувањето и согласно европските директиви.


Големи протести на граѓаните


„Зелената коалиција“ поддржана од најголем процент на граѓаните на Велес и на минатонеделниот голем еко-митинг против реактивирањето на Топилницата порачаа: „Некој мора да се оди, ние или Топилницата.“ Таа нека работи, но на друга локација и надвор од градот и секако не по цена на нашето веќе нарушено здравје.