Што планира Тереза Меј? | Свет | DW | 13.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што планира Тереза Меј?

Британската премиерка Тереза Меј во парламентарните избори влезе со идејата за „тврд“ Брегзит и го загуби апсолутното мнозинство на Конзервативците. Тоа ќе има последици околу излезните преговори со ЕУ.

Тереза Меј не мораше да иницира парламентарни избори. Но, премиерката, охрабрена од првичните позитивни резултати во анкетите на јавното мислење, сакаше да ја зголеми предноста на Конзервативците во парламентот. Наместо тоа, таа загуби, што е удар не само за нејзиниот личен авторитет, туку и за партијата. Таа дури се почувствува принудена јавно да им се извини на сопартијците кои поради неа загубија мандати по новите избори.

И самиот нов кабинет на Меј ја покажува заслабеноста на премиерката. Во него, на пример, се најде повторно Мајкл Гоув како министер за земјоделство, кого Меј лани го смени. Борис Џонсон, „тешкашот“ меѓу заговорниците на Брегзит, останува министер за надворешни работи, иако не се истакнува со голема лојалност. Џонсон жустро ги демантира гласините дека сака да ја собори Меј, но уште од времето на Камерон важи за можен претендент на Даунинг стрит. 

Таа го извлекла „талентот од целокупниот спектар на партијата“, изјави премиерката. Оној кој веќе нема што да загуби, се изразува посаркастично, како отпуштениот министер за финансии Џорџ Осборн, кој во меѓувреме, како главен уредник во „Ивнинг стандард“, на одмаздата публицистички ѝ дава голем замав. Меј е „мртовец во движење“, рече Осборн, односно, нејзината политичка смрт е само прашање на време.

Загриженост поради фрагилниот мировен договор

Немоќта на Ториевците и на нивната шефица по изборите прво се рефлектира во тоа што тие, за да владеат, треба да бараат партнер. Тоа може да биде северноирската Демократско-унионистичка партија, ДУП. Меј притоа не размислува околу формална коалиција, туку за договор да добие поддршка од ДУП за одредени прашања. Програмските преклопувања на двете партии се релативно мали. Заеднички именител е определбата дека Обединетото Кралство треба да остане заедно, неподелено, а ДУП во основа го поддржува и Брегзитот.

Од другастрана, ДУП општествено е исклучително конзервативна партија: таа исклучува истополови бракови и право на абортус. Нејзиниот протестантизам оди дотаму, што ДУП не се состанува во недела, зашто тоа е свет ден за одмор. Ваквите дебати Конзервативците одамна ги имаат оставено зад себе. Загриженост предизвикува и можноста да биде загрозен фрагилниот мировен договор во Северна Ирска, доколку екстремно протестантско-унионистичката партија добие поголемо влијание во Вестминстер. Значи, Меј не смее да си дозволи преголеми отстапки.

Прагматичарот Хамонд

Но, без сомнение најважното прашање по изборите е дали „тврдиот“ Брегзит, кон кој стремеше Меј и за кој сакаше да добие силен мандат, сега по изборниот исход ќе биде „омекнат“. Тврд, тоа значи не само излез од ЕУ, туку и од европскиот внатрешен пазар и царинската унија. ДУП меѓутоа може да биде „омекнувачот“- партиската шефица Арлин Фостер изјави дека „никој во Северна Ирска“ не би сакал да види цврста граница кон Република Ирска. Досега многу пропусната граница по Брегзит би била единствената копнена граница на Обединетото Кралство кон ЕУ. И Рут Дејвидсон, шефицата на зајакнатите шкотски Конзервативци, е исто така за „мек“ Брегзит, Шкотска во целина гласаше со јасно мнозинство против Брегзит.

Притисокот не доаѓа само од маргините на Кралството, туку и од Конзервативците од географскиот центар на Велика Британија. Ториевската пратеничка Ен Сабри за Скај њус изјави: „Не верувам дека премиерката во парламентот има мнозинство за излез од заедничкиот пазар.“ Значително поголема тежина има гласот на министерот за финансии Филип Хамонд. Тој не се смета за про-Европеец,  но важи за прагматичар и, за разлика од „вжештената глава“ Борис Џонсон, истовремено и за разумен. „Фајненшл тајмс“ го нарекува „возрасен“ и „единствениот член на владиниот кабинет кој може да спаси нешто од руините на Брегзит-изборот“. Хамонд веројатно ќе се обиде да им се спротистави на десничарските Брегзит-идеолози во партијата и да испреговара што е можно потесни врски со ЕУ, тој е критички настроен и кон премногу стриктно ограничување на доселувањето.

На Меј ѝ се заканува судбината на Маргарет Тачер 

Старо-новиот министер задолжен за Брегзит, Дејвид Дејвис наспроти тоа останува на досегашниот курс на Меј. Тој сака да го спроведе она на што инсистираше и пред изборите - „контрола на границите и на парите“. А тоа, како што тврди тој, не може да се направи во рамките на заедничкиот пазар. Брегзитот во целина не се доведува премногу во прашање и поради тоа што и Лабуристите се за него, а Либералните демократи, кои се безрезервно за ЕУ, се единствената партија со лош резултат на изборите.

Но, кој ќе ги води Конзервативците, а со тоа и главниот збор во преговорите со ЕУ во иднина, е отворено прашање. „Кај моите партиски колеги не гледам никаков апетит по уште поголема несигурност, доколку ние Конзервативците влеземе во внатрепартиска изборна борба“, изјави влијателниот Греам Брејди за ББЦ. Историјата на Конзервативците меѓутоа покажува дека партијата може безмилосно да ги отфрли своите водечки фигури, кога ќе дојде момент за тоа. Тоа на крајот на својот политички живот мораше да го искуси и претходничката на Меј, првата британска премиерка, воспевана како „железната леди“, Маргарет Тачер. Нејзината судбина може да ја доживее и Тереза Меј.

 

DW.COM

Реклама