Што научивме од Мундијалот во Русија? | Панорама | DW | 17.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Што научивме од Мундијалот во Русија?

Франција е светски првак, а Мундијалот во Русија веќе е историја. Некои сознанија остануваат и може да бидат патоказ за иднината. Ние избравме пет од нив.

Победува фудбалот на контри

Натпреварот не беше предобар“, признава дури и тренерот на новиот светски првак Дидие Дешамп по финалната победа од 4:2 против Хрватска. Би можело да додадеме дека на целото првенство немаше предобра игра. Трикови во играта недостасуваа, магичен фудбал воопшто немаше во понуда. Рецептот за успех беше компактна одбрана и контра-напади. Порано тоа беше тактика на аутсајдерите, а сега изгледа како да станала одлика на врвниот фудбал. Франција без сомнение е заслужен првак бидејќи беше ефикасна екипа, но фудбалски сјај дури и триколорите покажаа само во ретки ситуации. Тоа важи и за други екипи со голем играчки потенцијал како Белгија, Бразил или Шпанија.

Русија добро се продаде

Не мора да одиме толку далеку како првиот човек на ФИФА Џани Инфантино, кој рече дека првенството во Русија било „најдоброто кое некогаш се одржало“.. Човекот според описот на работното место е задолжен за пофалби, сѐ друго би можело да се сфати како критика на ФИФА на своја сметка. Но, Русија навистина се покажа како пријателска земја. Модерните стадиони беа пополнети, немаше конфликтни ситуации, на домаќинот не му се случија некои поголеми пропусти во организацијата на настанот. За разлика од Зимските олимписки игри во 2014 година во Сочи, светското првенство не беше во знакот на Путин. Рускиот претседател овој пат беше упадливо воздржан што беше позитивно за надворешниот впечаток. Путин се појави само на отворањето и на финалето.

Најголемиот губитник е Германија

Допатуваа како прваци, а си заминаа како лузери. Така се одвиваше првенството за германската репрезентација. Причините за историскиот  неуспех и испаѓањето уште во првиот круг беа очигледни. Недостигаше од сите состојки кои во 2014 доведоа до триумфот – глад за победа, акција, тимски дух, лидерски квалитети. Играчите не се покажаа во најдобро светло, но не се покажаа ни тренерот Јоахим Лев, менаџерот Оливер Бирхоф и Германската фудбалска федерација. Крајно време е, не само како во случајот со Мезут Озил, да се разработат грешките и да се извлечат неопходните консеквенци. Само така репрезентацијата може да се врати на вистинскиот пат.

Нови генерации на повидок

Хрватска беше исклучокот. Тие имаа искусни играчи со преку 30 години како врвниот Лука Модриќ или пак Иван Перишиќ и Марио Манџукиќ, кои на малата земја и помогнаа со влезот во финалето да го забележи најголемиот успех во историјата на хрватскиот фудбал. Инаку пред сѐ младите екипи се наоѓаа на насловните. „Трите лава“ од Англија испаднаа во полуфиналето, но изгледа иднината им припаѓа ним исто како и на Французите. Па така 19-годишниот Килијан Мбапе се охрабри да згазне по стапките на Лионел Меси или пак Кристијано Роналдо. Петте минути на овие двајца фудбалери полека, но сигурно истекуваат. И во германската репрезентација се покажа дека повеќето херои од 2014-та, колку и да звучи тоа грубо, веќе отслужиле. Не е дека недостигаат млади таленти во германскиот фудбал и токму тие треба да дојдат сега во првите редови.

Далеку подобро судење- и поради ВАР

Веќе е ритуал да се критикуваат судиите на првенствата. За тоа пак во Русија речиси и да немаше простор бидејќи ФИФА ги доведе во ред своите судии. Тие почесто оставаа да продолжи играта отколку што на пример сме навикнати во Бундеслигата и беа повоздржани со жолтите и со црвените картони. За време на целото првенство имаше само 4 црвени картони. Тоа пак одеше во прилог на текот на играта. Дополнителното време беше обилно досудувано, што беше јасен знак против игра на време. Судиите екцесивно ја користеа ВАР-технологијата, со исклучок на само неколку ситуации. Сликите од контролниот простор беа прикажувани на стадионите и на телевизиските екрани. Тоа придонесе за поголема транспарентност отколку во Бундеслигата. Не може да се смени фактот дека ќе има ситуации во кои финеси одлучуваат. „Без ВАР немаше да го има пеналот против Хрватска", изјави поранешниот швајцарски судија Урс Мајер по финалето во емисија на вториот германски канал. „Инфантино рече дека сакал повеќе правичност и сега имаме правични одлуки."

 

DW.COM

Реклама