Што значи „тврд“ Брегзит? | Свет | DW | 14.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Што значи „тврд“ Брегзит?

Британската премиерка Тереза Меј не успеа во намерата за освојување апсолутно мнозинство во парламентот, а експертите тоа го прокоментираа со оценката дека е избегнат „тврд“ Брегзит. Што воопшто се крие зад овој поим?

„Мек“ или „тврд“ Брегзит? Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит, Мишел Барние, во интервју за „Фајненшл Тајмс“ вели дека и не знае што се подразбира под тоа. Она што Барние го знае е дека на Британците им истекува времето, а тој не може да преговара сам со себе.

Од моментот кога британската премиерка Тереза Меј го стави својот потпис на барањето за Брегзит, минаа три месеци, во кои се случија многу малку работи. Европската Унија е подготвена за сите опции, па и за „No Deals“, вели Барние. За какви опции станува збор и што се крие за поимите „тврд“ и „мек“ Брегзит?

„Тврд“ Брегзит би можел да значи и „без договор“

Винченцо Скарпета, шеф-аналитичар од тинк-тенк организацијата „Отворена Европа“ за ДВ вели: „Нема јасна дефиниција сѐ додека не видиме како ќе изгледаат преговорите.“ За конзервативците „тврд“ Брегзит значи напуштање на заедничкиот пазар и на царинската унија, со преговори за договор за слободна трговија кои би следувале потоа, слично како во случајот со Канада. Но, до ваков договор за слободна трговија не мора да дојде. Тоа тогаш би можело да се изедначи со „без договор“, вели Скарпета.

Vincenzo Scarpetta Chefanalyst beim Thinktank Open Europe (Open Europe)

Винченцо Скарпета

Марија Демерцис од бриселската тинк-тенк организација „Бројгел“ во интервју за ДВ потврдува: Ако дојде до „тврд“ Брегзит, тоа би можело да значи дека Велика Британија би можела да излезе без никаков договор. ЕУ и Велика Британија во тој случај би ги следеле меѓународните правила на Светската трговска организација (СТО). Би имало високи царини и други трговски препреки. Тоа, според Демерцис, во економска смисла е „сценарио во најлош случај“.

Тајни разговори за помек курс?

Тереза Меј досега стремеше кон „тврд“ Брегзит, излегување од заедничкиот ЕУ-пазар и ограничување на доселувањето. Минатиот четврток на изборите го загуби апсолутното мнозинство и со тоа и цврстиот мандат за својот тврд курс. 

Вчера Меј и други конзервативци, според медиумски извештаи, воделе тајни разговори со политичари од опозиционата Лабуристичка партија. Притоа, како што се вели во извештајот на „Ивнинг Стандард“, станало пред сѐ збор за „помек“ Брегзит. Но, како би можело такво едно решение да изгледа?

„Мек“ Брегзит по скандинавски модел?

Едно од можните сценарија го следи примерот на Норвешка: „Велика Британија останува дел од Европскиот економски простор (ЕЕА), без да биде членка на царинската унија“, објаснува политичкиот аналитичар Скарпета. На тој начин Норвешка е во состојба самата да склучи договор за слободна трговија.

Доколку Британците ја следат ваквата идеја, а се откажат од предностите на царинската унија, би морале наново да преговараат за некои договори за трговија. Но, дури и ако со заемна царинска слобода сакаат да избегнат високи царини и гранични контроли, сепак би имале високи бирократски трошоци.

Оној кој сака да биде член на царинската унија, според правилата на ЕУ, не смее да склучува сопствени трговски договори. А, кој сака да припаѓа кон внатрешниот пазар, мора да прифати доселување на граѓани од ЕУ. Тоа Тереза Меј и британските конзервативци не го сакаат.

Maria Demertzis stellvertretende Direktorin des Brüsseler Thinktank Bruegel (Bruegel)

Марија Демерцис

„За да се дојде до добар резултат од економски аспект, Британците би морале да се согласат и на натамошни преговори согласно правото на ЕУ“, вели Марија Демерцис. Во таков случај, највисока инстанца би останал Европскиот суд. Економистката е уверена дека ЕУ нема да сака да се откаже од тоа.

Значи, предуслов за трговските слободи е подготвеноста на компромис. Ако Велика Британија прифати да преговара согласно ЕУ-правото, може да се замисли на Британците да им се излезе пресрет кај темата слободен проток на луѓе, вели Демерцис.

Што е најверојатно?

Според нејзе, „тврд“ Брегзит станува сѐ поневеројатен. Меј го загуби мандатот за такво нешто на изборите во четвртокот. Мнозинството Британци ѝ сигнализираше дека сега се работи за тоа да се издејствува најдобар можен договор со ЕУ. „На тој начин дистанцата меѓу ЕУ и Велика Британија е веќе значително скратена“, но тоа не ги прави преговорите автоматски поедноставни, анализира Демерцис.

За Европејците и Британците добар трговски дпоговор би бил најдобриот можен резултат од преговорите и можеби она што многумина во моментов подразбираат под „мек“ Брегзит.

DW.COM

Реклама