Што значи српскиот Томос и имот „даден на користење“? | Северна Македонија | DW | 06.06.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што значи српскиот Томос и имот „даден на користење“?

Многу прашања - малку одговори. Ако, условно речено, молкот на МПЦ-ОА би можел да се смета за оправдан до 24-ти мај, после тоа е беспредметен.

Nord-Mazedonien Gottesdienst der Oberhäupter der Mazedonischen und Serbisch-Orthodoxen Kirche

Поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ, Стефан и Порфириј, на заедничко сослужување во Скопје, 24.05.2022

Дали СПЦ со официјален акт требало да го извести Вселенскиот патријарх дека се согласува да биде издаден Томос за полна авткефалност на МПЦ-ОА, наместо еднострано да издава Томос, нешто што е во надлежност на Вселенската патријаршија? Околу ова прашање се вртат клучните дилеми во јавноста, откако вчера српскиот патријарх Порфириј му врачи Томос за автокефалност на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, по заедничкото сослужување во Белград.

Стравувањата се дали разликата меѓу издадениот документ (Томос од СПЦ) и она што се очекува според канонскиот ред (согласност од СПЦ за автокефалност на МПЦ) може да биде доживеано како провокација за Вселенскиот патријарх, односно да го искомпликува патот на МПЦ до нејзиниот конечен статус, како што се вели во коментар на порталот „Ортодокс Тајмс“.

Најголемиот број дилеми и стравувања за исходот произлегоа токму од начинот на кој МПЦ-ОА го водеше овој процес - во максимална дискреција. Причините за тоа може да се сметаат за оправдани до одреден момент, но не и по 24-ти мај, кога српскиот патријарх во Скопје и официјално соопшти дека СПЦ ја признава автокефалноста на МПЦ.

По тој чин, се очекуваше македонските црковни великодостојници да дадат барем елементарни објаснувања за очекуваните следни чекори, кои би спречиле шпекулации или стравувања кај верниците од можни замки и неповолни сценарија. Но, МПЦ-ОА остана целосно затворена.

Процесот почнува

Една од ретките изјави е на владиката Тимотеј, кој вели дека документот (Томос) што српскиот патријарх му го врачи на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, е всушност актот со кој писмено се потврдува она што српскиот патријарх го соопштил во Скопје на 24-ти мај.

„Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви и почнува процесот“, изјави Тимотеј за „Сител“.

Mazedonisch-orthodoxe Kirche

Сега почнува процесот, вели владиката Тимотеј

Според ова, би требало да се заклучи дека чекорите на СПЦ и МПЦ, односно на СПЦ и Вселенската патријаршија се усогласени. Дали е така ќе се знае до крајот на неделава, кога се очекува заедничко сослужување на поглаварот на МПЦ и Вселенскиот патријарх. Како што е најавено, од 9-ти до 12-ти јуни делегација на МПЦ-ОА ќе престојува во посета на Вселенската Патријаршија во Истанбул, поранешен Константинопол.

„Останува да се види дали ова сослужување ќе се одржи, во светло на најновите случувања“, коментира „Ортодокс Тајмс“.

„Сакам да му верувам на владиката Тимотеј кога вели дека ова било предвидена процедура и дека овој томос од Белград ќе биде испратен до сите православни цркви и до Вселенската патријаршија“, вели за ДВ новинарот и верски аналитичар Бранко Ѓоргевски.

„Да се надеваме дека ќе биде така, и дека Вселенската патријаршија нема да го проблематизира издавањето на Томосот од страна на СПЦ. Мислам дека сме сведоци на своевидна ‘Игра на тронови’ во која СПЦ сака да демонстрира својa силна порака - дека Вселенскиот патријарх не може да биде единствена личност која ќе решава дали некоја црква ќе стане автокефална или не. Ние како црква бевме ставени во ситуација да не можеме да избираме. Односно, не можевме да одбиеме да ни се додели таква автокефалност, преку еден таков чин, со кој на една црква ќе ѝ се издаваат практично два Томоса за автокефалност, што е нелогично. Нашите достоинствeници се решија да ја прифатат таквата постапка и тактика на СПЦ, со сиот ризик како тоа ќе биде прифатено од Вселенската патријаршија. Јас се надевам дека Вселенскатa патријаршија ќе има разбирање за менгемето во кое сме се нашле и дека тој Томос од Белград нема да го попречи издавањето на Томос од Вселенската патријаршија“, вели Ѓоргевски.

Ukraine Besuch Bartholomäus I. Patriarch von Konstantinopel

Вселенскиот патријарх Вартоломеј на крајот на неделава треба да биде домаќин на делегација на МПЦ-ОА

Адресата е позната

Во интервју за „То вима“, македонскиот архиепископ јасно укажува која е единствената Црква што може на МПЦ -ОА да ѝ го издаде Томосот за автокефалност. Тој изјави дека Охридската Архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на Православната Црква и ќе бара Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија, затоа што таа е единствената Црква која по традициите и каноните издава таков документ.

„Во православното предание има ред на работите. Ние се надеваме за автокефалија како што добија и од кого добија сите послехалкидонски цркви. Ниту бараме, ниту посакуваме, ниту заслужуваме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската Архиепископија на половина пат и помеѓу. (...) Остана да важи традицијата загарантирана од каноните, дека единствено Вселенската Патријаршија издава томос за автокефалност, а другите Цркви тоа со почит го прифаќаат“, вели г.г. Стефан во интервјуто за „То Вима“.

- повеќе: Зошто СПЦ ја призна Македонската црква?

„За МПЦ е важно да ја има согласноста за автокефалност од СПЦ, без разлика дали СПЦ тој документ ќе го нарече Томос“, изјави за „Сител“ новинарот Марјан Николовски, уредник на Религија.мк.

„Зошто СПЦ го избра овој пат, тоа е прашање кое треба да се толкува на релација СПЦ - Вселенска патријаршија. Во тој контекст МПЦ не треба да биде ставена како заложник, затоа што и по интервјуто на архиепископот г.г. Стефан за 'То вима', јасно е дека МПЦ ќе го следи канонскиот пат и процес, а тоа е добивање Томос за автокефалност од Вселенската патриајршија, како што е редот во православните цркви“, вели Николовски.

- повеќе: Мирна транзиција по историската одлука за МПЦ

Право на користење

СПЦ во Томосот одобрува полна автокефалност која се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ, но и во дијаспората. Во документот е изразена братска препорака до МПЦ прашањето за нејзиното име да се реши во дијалогот со хеленската и другите помесни православни цркви, а целиот имот на територијата на Северна Македонија СПЦ го дава на користење на новата автокефална црква.

„Светите храмови и манастири, особено светилиштата од времето на Немањиќи и подоцнежниот период на српското присуство, црковното градење и културното творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ, во нејзините граници, се даваат на користење на новата автокефална сестринска црква“, се наведува во актот.

Српскиот историчар Александар Раковиќ во изјава за Танјуг вели дека „решението за заедничка грижа на СПЦ и МПЦ над српските светилишта е висок дострел на братските односи на двете јерархии и двата народа“.

Раковиќ го посочува фактот дека во Томосот е пропишано оти сите српски цркви и манастири од времето на Немањиќи, во времето потоа и во модерниот период на територијата на Северна Македонија „се предаваат на користење“, а не во сопственост на МПЦ.

„Со тоа, појаснува тој во изјава за Танјуг, овие српски светилишта, како и друг српски недвижен и движен црковно-културен имот, oстануваат во составот на Српската православна црква“, пренесува српската новинска агенција.

Во МПЦ-ОА не беа достапни да го објаснат овој сегмент.