Што да се прави со зградите од комунизмот? | Панорама | DW | 27.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Што да се прави со зградите од комунизмот?

Илјадници станбени блокови од советски стил во Естонија беа изградени во 1950-те. Сега се прави обид за нивна трансформација со проект кој го финансира ЕУ. Дали решението е применливо и во други држави?

Во естонскиот град Тарту наследството на комунизмот може да се види во 100-те „хрушчовки“ станбени блокови. Наречени според поранешниот советски лидер Никита Хрушчов, тие беа изградени во 1950-те години како привремени решенија за хроничниот недостаток на станбени површини по крајот на војната.

Вкупно 19 „хрушчовки“ изградени во 1960 сега се во фокусот на СмартЕнСити, проект финансиран од ЕУ со кој треба да се обезбеди одржливо и ефикасно домување низ европските градови.

Целта на проектот е да се добијат високо квалитетни животни средини кои ќе ги охрабрат жители кон поеколошки стил на живот. Становите во Тарту ќе добијат нова изолација, прозорци и вентилациски системи, како и ново централно греење и соларни панели. Секој стан ќе добие и т. н. смарт-систем кој ќе им овозможи на жителите за првпат самите да ја набљудуваат и контролираат потрошувачката на енергија.

„Хрушчовките“ биле проектирани да траат меѓу 30 и 40 години. Типично исфарбани во жолто или бело, советските згради се високи меѓу 3 и 5 ката. Во Москва илјадници вакви станови беа демолирани затоа што му дојде крајот на нивниот животен век. Но, во Тарту целта е овие згради да се трансформираат и да станат енергетски ефикасни од највисоката А-категорија. Во моментов, најголем дел се во категориите Х или Ф. За заменикот-градоначалник на Тарту, Рајмонд Там, тоа не е проблем.

Global Ideas Wohnungsmarkt in Estland (Maris Pedaja)

Пред реновирањето, на овие блокови им истекуваше животниот век

„Тоа е вистински предизвик. На почетокот доста слушав дека тоа не е можно“. Но, користа од проектот, според Там, ги надминува предизвиците. Тој проценува дека доколку успешно се реализира, секој станбен блок ќе заштедува две-третини од енергијата која ја користи во моментов. Тоа значи пад од сегашните 270 киловат-часови по квадратен метар годишно за секоја зграда, на 90 киловат-часови во иднина.

Тонис Елма, жител на една од реновираните згради вели дека досега потрошувачката на енергија и гас драматично опаднала. „Оваа зима ќе биде моментот на вистината, но веќе сега се е многу подобро“, вели тој.

Најголем предизвик за идејните творци на проектот било да се убедат жителите да го прифатат. Во блоковите живеат млади луѓе, но и постари жители кои се вселиле уште во 1960-те години. Постарите било потешко да се убедат, но се успеало.

Заменик-градоначалникот Там признава дека проектот е критикуван поради високите трошоци. Реновирањето на секој станбен блок чинело по околу 1 милион евра. Околу половината од парите ги дала ЕУ, а остатокот, околу 50 проценти, биле финансирани преку заеми на станбените заедници. Некои критичари велат дека не вредело да се спасуваат зградите и дека е многу поевтино да се урнат и да се изградат нови. Но Там не се согласува дека е тоа поевтино или полесно решение.

Global Ideas Wohnungsmarkt in Estland (Maris Pedaja)

Со проектот, за две-третини се намалува потрошувачката на енергија. Реновирана зграда во Тарту


За многу жители главниот поттик било намалувањето на сметките за струја и гас.

Жителите морале да земат кредит со кој делумно го финансирале проектот, а кој ќе го враќаат во следните 20 години. По стан, ратата ќе изнесува околу 100 евра месечно. Но, овој трошок ќе биде балансиран со намалувањето на енергетските трошоци, вели Тонис Елма. Повеќето жители на другите блокови имаат и пониски месечни рати, затоа што во оваа на Елма биле додадени и балкони и други доградби.
„Во 2019 трошоците за греење се намалени за 50 проценти, а потрошувачката на гас за 80 отсто. Од соларните панели произведовме три пати повеќе струја од она што ни е потребно“, вели Елма.

Едно од правилата на СмартЕнСити проектот е дека резултатите мора да бидат реплицирани, и тоа е причината што беа одбрани униформните „хрушчовки“ во Тарту. Естонија има околу 6.000 такви станбени блокови. За проектот СмартЕн Сити веќе пројавиле интерес и други градови во Естонија, како и во Латвија, Полска и Бугарија, земји кои имаат голем број згради од советски тип.

Global Ideas Wohnungsmarkt in Estland (Maris Pedaja)

Томас Елма на кровот на својата реновирана зграда

Првичните реакции во Тарту се изненадувачки позитивни, вели Вероника Мосес, истражувач на Универзитетот во Тарту која го следи проектот. Покрај планираните нови велосипедски патеки, автобуси на биогас, и ЛЕД светилки со сензори на улиците кои ќе ја следат и загаденоста, луѓето се најмногу задоволни од фактот што со помош на модерната технологија дома можат да ја контролираат потрошувачката. Тоа ги прави посвесни за животната средина и генерално по еколошки настроени.

„Луѓето се директно вклучени во проектот“, вели таа. „Ова не е случај во кој имате некаде снимени податоци и луѓето не ги разбираат. Овој проект е директно насочен кон местата кои се најважни за нив: нивните домови“, вели таа.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама