Што готват Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ | Северна Македонија | DW | 24.10.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што готват Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Под превезот на емотивно и брзо „бркање на неистомислениците“ стои и обид за ребрендирање и рестарт на партијата. Но без критички однос кон Груевски, Јанакиевски, Јанкуловска и екипата, вистинско ребрендирање не е можно.

Во последниот период многу анализи се фокусираат на постапките, стратегиите и можните последици од однесувањето на ВМРО ДПМНЕ во рамки на сегашниот политички дискурс.  Најголемиот дел од заклучоците упатуваат на тоа дека партијата станува без малку целосно  „политички лепрозна”.  Партијата е целосно изолирана од меѓународната заедница, со јасни и недвосмислени пораки за разочараност од нивниот недостаток на конструктивност, веќе маргинализирана од сојузот на десни партии во Европа, а на домашна сцена целосно свртена против сегашниот вкупен правец на државата, жигосана како кочничар и трајно неподобна за било кој албански партнер.  На тоа ако го додадеме нивниот последен пораз во собранието, каде беа изненадени од најмалку осум пратеници (мислам дека овој број може да се зголемува со текот на времето), и на крајот онаа емотивна изјава врзана за исклучувањето на неистомислениците во стилот на „кого удрам не жалам”, би било лесно да се заклучи дека ова се едни од најтешките денови на ВМРО ДПМНЕ, кои сега влегуваат во егзистенцијална криза, од која им се заканува и целосен распад.

Рестарт на партијата?

Сепак, мислам дека ова сепак би бил премногу симплифициран поглед на случувањата.  Точно е дека во моментов опозицијата е во незавидна позиција и нивните перспективи изгледаат мрачни.  Но, под површината се наѕира и една друга, не толку емотивна, стратегија на партијата, која треба да се разгледува во динамички контекст за да се сфатат вистинските вектори на развој.  Со други зборови, ВМРО ДПМНЕ секако изгледа дека во моментов е на дното.  Но, оттаму единствено можат да одат нагоре.  Слично како првото нивно ребрендирање, кога партијата ја напуштија Ганка Самоиловска Цветановска и Сашко Кедев (како илустрација за периодот а не како најважни примери), и тогаш оттаму се појавија сто сателит партии и дилемата беше дали ќе преживеат. Преживеаја - до таму што во наредните 10 години беа неприкосновени. Мислам дека под превезот на емотивно и брзо „бркање на неистомислениците” стои и обид за една посериозна екцизија, ребрендирање и рестарт на партијата. 

Повеќе на темата:

-На Мицкоски малку му фалеше, на ВМРО-ДПМНЕ уште многу

-ВМРО-ДПМНЕ од партија се претвори во секта на Мицкоски

-Елизабета Канческа: Сѐ ќе излезе на виделина!

Еве што мислам дека треба да се чита во овој обид на ВМРО ДПМНЕ. Прво, тие сакаат да расчистат во обвинувањата за криминал кои, ако не ги адресираат, постојано би им тежеле околу вратот.  Сакаат да ги „префрлат” најпроблематичните симболи за нивното мрачно минато кај СДСМ. Пратениците обвинети за 27 април јасно е дека опозицијата од завчера ги смета како „гајле на СДСМ”.  Главната пак вест – дека Сашо Мијалков е сега со СДСМ а не се ВМРО ДПМНЕ, која Николовски се обиде агресивно да ја пласира – е можеби најдоброто нешто што во моментов може да му се случи и на Сашо Мијалков и на ВМРО ДПМНЕ. Оттаму, главната порака која во моментов ќе доминира во изјавите на опозицијата е дека тие својот багаж го оставиле, катарзата ја поминале, образот го исчистиле, и сега тоа е новото ВМРО ДПМНЕ кое граби кон победа.  На тоа ќе им остане да ја рехабилитираат својата меѓународна позиција и реторика кон евроатлантските интеграции, што мислам дека веќе се наѕира во нивните изјави.  Значи, нивниот план е едноставен – ќе се исчистат внатре, ќе се нашминкаат за надвор, и ќе се свртат кон економија, реформи, испорака на ветувања, сметајќи дека е тоа терен на кој сигурно добиваат со текот на времето.  Ако на тоа се додаде кусата меморија на електоратот, прагматичноста на меѓународната заедница (која кога-тогаш ќе мора да го обнови работните врски со ВМРО ДПМНЕ), како и фактот што власта, веднаш штом ќе го заврши проектот НАТО, веднаш ќе се соочи со енормно високите очекувања на електоратот, нивниот план изгледа логичен.

Излегување од иридента

Проблемот е што ВМРО ДПМНЕ не може да продаде вистинско ребрендирање без критички однос кон Никола Груевски, Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска и другите од таа екипа кои се сега предмет на кривичен прогон.  Портпаролот пребрзо застана во заштита на “почесниот претседател”, па оттаму се насетува дека односот кон претходните министри ќе биде заштитнички.  Тоа е првиот најголем проблем во оваа стратегија за „чистка” – иако мислам дека опозицијата ќе се обиде да ги игнорира судските процеси во надеж дека истите ќе исчезнат во историјата.  Вториот проблем е што, за разлика од претходниот пат кога ВМРО ДПМНЕ се „чистеше”, мислам дека овој пат нема да се појават повеќе мали, безначајни фракции кои со текот на времето ќе венеат.  Напротив, се добива впечаток дека сите неистомисленици овој пат се “на купче”, и во идеолошка, и во политичка смисла. Таквата синергија на „отпишаните” може да направи капацитет за конкуренција во организиран облик.  Третиот сериозен проблем во оваа стратегија на ВМРО ДПМНЕ е во проценката на брзината на рехабилитацијата на односот на меѓународната заедница.  Мислам дека сепак, агресивноста и арогантноста на одбивањето на било каква соработка со САД, ЕУ, и главните политички центри, освен Белград и Москва, се разбира, ќе направат меѓународните претставници двапати да се размислат пред да му дадат на ВМРО ДПМНЕ нова шанса за излегување од иредента. 

На крајот, не мислам дека динамиката на развојот на настаните во опозицијата не мора нужно да биде на штета на политичките процеси, и дека овој обид е секако дел од нивна стратегија за политичка рехабилитација, што не е лошо за општиот политички дискурс, но сметам дека би било погубно, за опозицијата, но и општо за политичкиот пазар во Македонија, доколку ВМРО ДПМНЕ не плати цена за своето однесување. 

 

DW.COM

Реклама