1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што всушност се случи во Казахстан?

Н. Поздниакова | Наталија Смоленцева
13 јануари 2022

Кои беа причините, а кои се последиците од протестите? Што го очекува Казахстан во иднина и каква е ситуацијата таму сега? ДВ разговараше со експерти кои беа сведоци на случувањата во Алмати.

https://p.dw.com/p/45TQE
Kasachstan Protest
Фотографија: REUTERS

Ситуацијата во Казахстан по протестите полека се смирува, велат набљудувачите на лице место со кои разговараше ДВ. И во Алмати, најголемиот град во земјата и епицентарот на протестите, сообраќајот се одвива нормално, а продавниците се повторно отворени. На улиците сè уште може да се забележат вооружени војници и оклопни возила.

Но, генерално во земјата сѐ уште се чувствува напнатост. Казахстанците се загрижени за економската и социјалната ситуација. Се прашуваат какви мерки ќе преземе владата.

Претседателот Касим-Жомарт Токаев се осврна на овие прашања во своето обраќање до нацијата. „Тој зборуваше за социјална нееднаквост и потребата да се реши овој проблем, но и за олигарските економски структури,“ вели Евгениј Шовтис, кој живее во Алмати и ја раководи Казахстанската канцеларија за заштита на човекови права. Тој нагласи дека голем број монополски компании кои ги споменал Токаев се на семејството на поранешниот претседател Нурсултан Назарбаев, кој беше на чело на земјата од 1990 до 2019 година. Шовтис смета дека најновите случувања во земјата ќе му овозможат на Токаев да си ја засили својата позиција, но и да најави реформи, вклучително и борба против корупцијата и зајакнување на државниот апарат. Тоа ,според него, јасно произлегува од говорот на Токаев.

И Сергеј Доминин, економски аналитичар кој живее во Алмати, смета дека Токаев јасно дал до знаење оти Назарбаев во изминатите 30 години на многумина им овозможил да се стекнат со големо богатство. Но, сега е дојдено времето овие луѓе да му помогнат на народот. „Веројатно тоа ќе се спроведе преку отстапување на контролата или конфискација на одредени средства кои потоа ќе се искористат за обнова на економијата во Алмати и другите региони кои беа особено погодени за време на протестите“, вели Доминин.

Што беше причина за протестите?

Директна причина за протестите во Казахстан беше екстремното покачување на цената на течниот гас. „Гледаме дека сега во земјата се создава наратив кој го презентираат властите и Токаев и неговото опкружување, со кој сакаат да го убедат населението дека главни виновници за ситуацијата се терористи кои се поврзани со странски служби, како и дека нив директно или индиректно, свесно или несвесно ги помагаат членови на политичките елити во Казахстан,“ вели научниот соработник на московскиот Карнеги-центар, Темир Умаров.

Активистот за човекови права Евгениј Шовтис, пак, не верува во никаква странска вмешаност. „Во таков случај мора конкретно да се знае каде води таа трага: во Сирија, Авганистан, во Украина или Франција каде што има наши претставници од опозицијата. И како сето ова можело да се случи без казахстанските разузнавачи да го забележат?“, се прашува тој.

Kasachstan | Schäden nach Protesten
Во Алмати, најголемиот град во земјата и епицентарот на протестите, сообраќајот се одвива нормално, а продавниците се повторно отворениФотографија: PAVEL MIKHEYEV/REUTERS

Шовтис нагласува дека протестите биле многу посложени. Сѐ започнало со социјални и економски пароли. На демонстрантите потоа им се придружиле претставници на опозицијата, како и незадоволни работници, гневни поради зголемувањето на цените.

„Потоа тие се проширија и во руралните средини во земјата, а се приклучија и многу млади луѓе кои се особено погодени од корона-пандемијата“, објаснува Шовтис. На крајот имаше и исламисти кои биле забележани на протестите на западот на земјата и делумно во Алмати. Во меѓувреме беснееја и вооружени криминални групи блиски до разноразни локални или регионални елити.

Беше ли ова обид за пуч?

Претседателот Токаев во својот говор зборуваше за обид за преврат, кој бил планиран. Темир Умаров од московскиот Карнеги-центар не се согласува со ова. „Кога ќе погледнеме што се случуваше во останатите земји, на пример во Киргистан, имаше вооружени луѓе кои сакаат да ги преземат државните објекти во главниот град. Ова што се случуваше во Казахстан воопшто не наликува на обид за пуч“, вели Умаров. Како што вели, сѐ се случувало надвор од главниот град и воопшто не изгледало како организирана кампања против актуелното државно раководство.

Kasachstan Almaty | Proteste & Ausschreitungen
Протести во Алмати, 6.01.2022Фотографија: Sputnik/picture alliance

Експертот е уверен дека наративот за пуч се наметнува за да се оправда прекумерната употреба на сила при разбивањето на демонстрациите, како и испраќањето на трупите на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) во земјата. Исто така, властите досега не изнесоа никакви докази за пуч.

„Свесно се одлучија да зборуваат дека ова е терористичка акција. Тоа се смета како идеално зло за сите, и за Западот и за Кина, за Русија, а и за домашната јавност“, вели Умаров. Со оглед на тоа дека терористите делуваат од позадина, властите велат дека не смеат да споделуваат детали. Но, во исто време, вели Умаров, полека го вперуваат прстот кон Авганистан.

Што ќе се случува со трупите на ОДКБ?

Токаев уверува дека мисијата на ОДКБ трупите во Казахстан е завршена. Повлекувањето на трупите започна денеска и не треба да трае повеќе од десетина дена. Темур Умаров смета дека испраќањето на овие трупи за време на протестите повеќе имало симболично значење.

„Со ова прво требаше да се демонстрира дека Москва е информирана за сѐ што се случува кај казахстанските елити. Второ, требаше да покаже дека Русија е на страна на легитимно избраната влада. И трето, со ова требаше да се засили официјалниот наратив дека се работи за борба против меѓународниот тероризам, а не за судир меѓу казахстанските елити“, смета овој експерт.

Kasachstan | Abzug russischer Truppen
Повлекувањето на трупите на ОДКБ почна денеска (13.01.2022)Фотографија: Gavriil Grigorov/TASS/dpa/picture alliance

Евгениј Шовтис исто така смета дека политичката проценка, а не безбедносната ситуација, била клучна за испраќање на трупите на ОДКБ. „Овие трупи се вклучени во заштита на инфраструктурните објекти“, вели Шовтис. Според него, со ова им се испраќа сигнал на останатите делови од актуелните елити дека Токаев има доволно ресурси на располагање, како и дека има поддршка од рускиот претседател Путин.

Долгорочно присуство на трупите на ОДКБ, според економскиот аналитичар Сегерј Доминин, би отворило многу прашања кај населението. „Казахстанските власти сега имаат доволно ресурси и средства, а пред сѐ политичка волја. Трупите на ОДКБ веќе не се потребни“, заклучува експертот.