Што ако шефот ми нареди да се вакцинирам? | Економија | DW | 07.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Што ако шефот ми нареди да се вакцинирам?

Во САД сѐ повеќе компании на своите вработени им налагаат да се вакцинираат. Во Германија тоа законски не е можно, но и тука се бара начин како што повеќе вработени да се вакцинираат.

Шефот на Гугл, Сундар Пичаи, во својот блог од минатата недела беше многу јасен: „Секој кој доаѓа да работи во нашиот камп мора да биде вакциниран.“ Слично е и во Фејсбук, а и американските компании како што се Нетфликс, Убер или Вашингтон Пост сакаат на работните места да видат само вакцинирани соработници.

Германските синдикати предупредуваат: таква обврска во Германија може да постои само ако постои обврска за вакцинирање на сите граѓани - а против коронавирусот таа не постои. А, нема ни да ја има, ако се прашува на пример германскиот министер за внатрешни работи. „Алегичен сум кога некој ќе каже 'ако не си вакциниран, нема да смееш да работиш'“, изјави Хорст Зехофер неодамна за весникот Мителбајерише цајтунг. Тој е „одлучен противник на задолжителната вакцинација“ против коронавирусот.

„Како воопшто да знаеме кој е вакциниран?“

И 30 од најголемите германски концерни во индексот ДАХ не размислуваат за задолжителна вакцинација, како резултат на анкетата која ја спроведе весникот Велт ам Зонтаг. Додуша, сите германски концерни им нудат на своите вработени можност да се вакцинираат во амбулантите во фирмите, но тоа е сѐ што можат. Бидејќи, тие не се овластени тоа да го знаат за да го постават како услов. „Ние не знаеме, кој е вакциниран, а кој не е, а тоа не смееме ни да го прашаме според прописите за тајност на личните податоци“, пишуваат од Сименс.

Повеќе:

-Во Европа се разгорува спорот околу задолжителната вакцинација

-За и против: Задолжителна вакцинација во ЕУ?

-Грција воведува задолжителна вакцинација за здравствените работници

Сепак, епидемиолошкиот институт Роберт Кох располага со податоци дека досега околу 1 милион лица се вакцинирани во амбулатите во фирмите. Кај енергетскиот концерн Еон доброволната анкета покажала оти „над 90 отсто од вработените примиле прва, а околу 85 насто втора доза“. Но, никој не знае, и не може да знае, дали вработените навистина го напишале својот вистински статус, ниту како е тоа во другите компании.

Според последните официјални податоци, околу половина од населението во Германија е целосно вакцинирано, а околу 62 отсто примиле барем една доза. Но, гужви за вакцинирање веќе нема, што значи дека и во оваа земја постојат голем број лица кои воопшто немале намера да се вакцинираат, без разлика поради која причина.

Но, на здравствените и на инфектолошките стручњаци тоа воопшто не им е доволно целосно да се нормализира општествениот и економскиот живот. Со оглед на тоа дека 9 од 10 нови случаи се заразени со делта сојот, Институтот Роберт Кох проценува оти треба да биде вакцинирано најмалку 85 насто од населението постаро од 12 и помладо од 60 години, а кај уште постарото население тоа треба да биде најмалку 90 отсто за да се достигне „колективна отпорност“ на целото општество.

Вакцинираните се додуша поефтини, но...

Доброволно - тоа ќе биде тешко некогаш да се постигне, што значи дека единствена можност би било воведување на законска обврска за вакцинирање. Ќе прифати ли таков закон германскиот парламент, тоа е тешко да се каже. Во Германија, додуша, веќе одамна има задолжително вакцинирање, но сепак против важни опасни болести: првото задолжително вакцинирање за сите граѓани датира уште од 1807 година кое го вовела Баварија, од 1878 година во цела Германија е воведена обврска за вакцинирање против сипаници. Во социјалистичка Источна Германија од 1953 година сите морале да се вакцинираат меѓу останатото и против туберколоза.

Гледај видео 02:00

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Нешто меѓу општа и никаква обрвска би било задолжителното вакцинирање за одредени професии кај кои тие лица се особено изложени или каде би можело да има значителни мултипликатори на зараза, на пример, негувателите или вработените во училиштата. За такво нешто се залага и директорот на германскиот Институт за економија, Михаел Хинтер. „Во критичните професии, особено во секторот на здравство и образование, законодавачот би требало да воведе обврска за вакцинирање, бидејќи тука се работи за лица кои требаат да се заштитат“, вели тој. Хинтер не е против и за општа обрвска за вакцинирање за сите граѓани.

Според анкетата која нивното здружение ја спровела меѓу 2.950 фирми од средна големина, 54 отсто од шефовите би сакале општа обрвска за вакцинирање, а 45 насто се против. Но, на прво место, тоа пред сѐ е поради себични причини: владее голем страв од некаков нов локдаун, а така и фирмите можат да заштедат во мерките за заштита - од поголем простор за вработените, па до нивно тестирање.