Што ако членството на СПД рече „не“ за влада на Меркел? | Свет | DW | 20.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Што ако членството на СПД рече „не“ за влада на Меркел?

Чукна часот на социјалдемократите - членовите на СПД од денеска со писмо одговораат на одлучувачкото прашање: Голема коалиција, да или не? Согласноста со влада под раководство на Меркел е сѐ, само не сигурна.

„Дали Социјалдемократската партија на Германија (СПД) треба да го склучи Коалициониот договор со Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) договорен во февруари 2018?“ Ова е прашањето на кое од денеска одговараат околу 463.000 членови на СПД. Нивните одговори треба да ги испратат до раководството на партијата најдоцна до 2 март. Сите писма кои ќе пристигнат по 2 март во 24 часот, нема да бидат земени предвид. Резултатот од гласањето ќе биде соопштен на 4 март во централата на СПД во Берлин, каде што под надзор на нотар ќе се врши пребројувањето на гласовите. За резултатот да биде важечки, неопходно е да гласаат најмалку 20 проценти од членовите на партијата. Резултатот е обврзувачки за партиското раководство.

Исто како и пред четири години, социјалдемократите се оние кои го имаат последниот збор за коалициониот договор со ЦДУ и ЦСУ. Да гласаат смеат и новите членови, доколку ѝ пристапиле на партијата пред 6 февруари. Противниците на голема коалиција повикаа на зачленување во партијата за да се спречи таква влада. И навистина - од вонредниот конгрес на СПД одржан на 21 јануари, на кој со тесно мнозинство беше дадено зелено светло за коалициониот договор, во партијата е забележан бран на зачленување. Но дали новите членови ќе гласаат за или против голема коалиција, е тешко да се претпостави.

Да се гласа со „не“ бара пред сѐ младинската организација на СПД. На младите социјалдемократи им е преку глава од „политиката на најмал заеднички именител“. „Демократијата живее од судир на политички табори, а таков судир во голема коалиција речиси и нема“, аргументираат младите социјалдемократи, чиј говорнички надарен претседател, Кевин Кинерт, е еден од највлијателните противници на голема коалиција.

Deutschland SPD - Mitgliedervotum (picture-alliance/dpa/S. Gollnow)

Противниците на голема коалиција бараат да се гласа со „не“ за да се запре „политиката на најмал заеднички именител“

Прв чекор: Избор на канцелар/ка

Што ќе се случи доколку членовите на СПД се изјаснат против голема коалиција? Тогаш ќе има нови избори, се вели често. Но тоа не е толку едноставно. Ниту Бундестагот може да се самораспушти, ниту Меркел или Налес можат да предложат нови избори. Во таков случај на потег е Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Само тој може на Бундестагот да му предложи нов кандидат за канцелар. Дури и обврзан е на такво нешто. Зашто, пред народот да биде повикан на повторно гласање, избраните пратеници прво треба да се соберат за да бираат нов канцелар. Притоа е второстепено дали канцеларот/ката ќе водат мнозинска или малцинска влада. Од исходот на овој избор зависи сѐ што потоа ќе се случува.

Повеќе: 

Драма кај социјалдемократите

Меркел- жената со челични нерви

Сојузниот претседател значи во секој случај мора да предложи кандидат за канцелар/ка. Дури и ако составувањето голема коалиција пропадне, најверојатно е дека тоа ќе биде шефицата на ЦДУ, Ангела Меркел, затоа што таа е лидер на партијата која на изборите освои најголем број гласови. За успешен избор, кој се одвива тајно, е потребно апсолутно мнозинство од 709 гласа во Бундестагот, односно т. н. „канцеларско мнозинство“. Сите германски канцелари досега, па и Меркел на претходните три избори, беа избирани уште во првиот круг гласање.

Во актуелниов случај меѓутоа приказната веројатно ќе се одвива поинаку: по два неуспешни обида да состави коалиција, на Меркел веројатно ќе ѝ недостига апсолутно мнозинство. Тогаш почнува да тече рокот од 14 дена, во кој Бундестагот врз основа на сопствени предлози избира кандидат за канцелар/ка. И во тој случај е неопходно апсолутно мнозинство. Доколку и тоа не успее, по истекот на рокот би морало „неодложно да има ново гласање“. Така е предвидено со членот 63 од Уставот, кој дури тогаш ја намалува границата, па за избор е доволно и просто мнозинство гласови.

Deutschland SPD Regionalkonferenz in Kamen (picture-alliance/dpa/I. Fassbender)

Раководството на СПД е на турнеја со цел да ги убеди членовите да дадат зелено светло за голема коалиција

Малцинска влада или нови избори?

На крајот повторно на потег е Штајнмајер. Претседателот мора да одлучи дали ќе го назначи избраниот кандидат/ка за нов канцелар/ка на малцинска влада, или ќе го распушти парламентот и ќе распише нови избори во рок од 60 дена.

Раководството на СПД меѓутоа сѐ уште не сака да зборува за нови избори, на кои, како што се стравува, деснопопулистичката АфД би можела да ги претрка социјалдемократите. Раководството сега се концентрира на рекламната турнеја меѓу членовите на партијата со цел да ги увери да му дадат зелено светло на коалициониот договор.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама