Штетите се огромни, ќе мора да се ситни и еврообврзницата! | Македонија | DW | 11.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Штетите се огромни, ќе мора да се ситни и еврообврзницата!

Колку пари ќе чини катастрофата никој не знае! Билансите допрва ќе се утврдуваат. Опозицијата бара итно активирање на кризни 20 милиони евра за помош за подрачјата настрадани од смртоносното невреме во скопско.

Десетина илјади домови, километри улици, земјоделски посеви, дел од автопатот од обиколницата, човечки животи! Природната стихија предизвика досега невидени штети во Македонија. Враќањето во нормала ќе чини премногу, колку точно, засега никој не знае. Комисиски тимови на терен започнаа пресметки:

„Комисија во владата допрва треба да ги утврди штетите не само во делот на инфраструктурата туку се` што однесе целокупната катастрофа. Дури потоа и откако ќе се расчисти теренот би се знаело повеќе детали по што би се одело со целата операција. Колку пари тоа ќе чини е прерано да се коментира, но сигурно дека ќе биде многу.

Но дефинитивно дека процедурата ќе се тера преку тендери, јавни повици, ќе се ангажираат компании за да се санираат последиците“, велат за Дојче Веле од Владата.

Најмалку 50 милиони евра

Во отсуство на официјални информации упатените предупредуваат на повеќе десетици милиони евра штета.

„Неблагодарно е да се пресметува но дефинитивно дека ќе бидат потребни многу пари. Математиката е многу проста. На пример се знае дека поплава или пожар прават најмалку по околу десетина илјади евра штета во еден дом со просечна големина. Од она што го слушаме погодени се најмалку пет илјади домови, па тогаш пресметајте. Најмалку 50 милиони евра. И тоа само во делот на штетите на објектите за домување. А каде е останатата инфраструктура. Станува збор за огромни пари“, коментира за Дојче веле експерт во делот на осигурителниот бизнис.

Никој од надлежните засега не сака да оперира со бројки, ниту пак се даваат детали од каде би се обезбедиле парите. Сигурно дека ќе се активираат буџетски средства, ќе се бара помош од фондовите за катастрофи од ЕУ, пари од донации, а дефинитивно дека ќе се раситни и еврообврзницата преку која неодамна се собраа 450 милиони евра. Покрај помошта која веќе се доделува во храна, облека, лекови, вода, во опција е и авансно да се интервенира онаму каде е најургентно:

„Заклучивме во наредните два дена да се направи план за да се испитаат можностите и да се провери колку средства се потребни за најоштетените, па потоа Министерството за финансии да даде предлог за авансна исплата на средства. Очекуваме да се разработи конкретен прелдог и да започне авансната исплата на штетата, изјави министерот за труд и социјала Диме Спасов.

Пренамена на парите за бегалската криза

Опозицијата пак предупредува дека во државната каса веќе има пари кои треба итно да се употребат:

„Предлагаме веднаш да се активираат 20 милиони евра кои се дел од парите кои власта ги обезбеди преку претходната еврообврзницата, онаа за која беше потребна и согласност од дополнителниот заменик министер за финансии. Уште тогаш беше постигнат договор оваа сума како дел од вкупните 270 милиони евра да се чува за кризен фонд во случај на криза со бегалците. Но со оглед дека сме соочени со оваа голема криза тогаш сметаме дека парите треба да се искористат за оваа намена“, изјави за Дојче Веле Кире Наумов, поранешниот дополнителен заменик министер за финансии.

Во целата несреќа проблем е што и мал дел од семејствата во поплавените подрачја ги имаат осигурано своите имоти. Во осигурителните компании досега добиле околу 350 пријави за штети во висина од околу 300 илјади евра. Штети се пријавуваат и за автомобилите, но пари ќе добијат само оние кои имале каско осигурување, а такви се незначителен број. Ретко кој ги има осигурано и посевите со земјоделски производи. И во овој дел штетите ќе бидат големи, со оглед дека најголем дел од локалното население се занимава со оваа индустриска гранка:

„Од она што првично можеме да го кажеме е дека досега ова се најголеми штетите за земјоделците. Сигурно дека се поголеми од оние што беа предизвикани од поплавите во струмичкиот и битолскиот крај. Комисиски се прават проценки и државата сигурно дека ќе помогне. Порано или подоцна пари се даваат за секоја култура одделно има утврдено процент. Но верувајте ниту една помош не може да ги санира целокупните штети, посебно во оваа индустриска гранка. Затоа е потребно да се менува свеста и да се осигуруваат посевите. Промени има, но тие засега се минимални“, коментира Ефтим Шаклев претседател на Асоцијација на земјоделци.

Превенцијата поефтина од санацијата

Во целата операција вклучен е и експертски тим на Европската Унија . Експертите биле испратени на терен Македонија го активирала механизмот на ЕУ за цивилна заштита. Покрај проценка на штетите, овој тим треба да даде и препораки околу санирањето на последиците. Колкави ќе бидат средствата кои би се побарале во вид на помош за санирање на последиците од европските фондови допрва ќе се анализира. Дирекцијата за заштита и споасување соопшти дека откако ќе се добие финалната листа на потреби ќе се достави дополнително барање до механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Гледај видео 01:55
Now live
01:55 минути

Огромни последици од невремето

Во големите поплави во Србија и БиХ пред две години Брисел интервенираше со близу 200 милиони евра. По барање на Европската комисија дополнителни средства беа обезбедени и директно од земјите членки на Унијата за санирање на штетите но и превенција. Од Брисел тогаш предупредија дека одговорноста за обнова од поплавите е пред сѐ на локалните власти пред се кои треба да се вклучат во регионалните и европските програми за одбрана од природни катастрофи. Тогашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе јасно предупреди дека превенцијата е поевтина од санацијата по несреќите. Горките искуства на соседите очигледно дека не беа доволна поука за надлежните во Македонија.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама