Шпекулации со земјоделските субвенции | Економија | DW | 08.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Шпекулации со земјоделските субвенции

Аграрна реформа сред Европа, која се одвива зад кулисите: финансиски шпекуланти купуваат обработливо земјиште во источноевропските земји за да касираат субвенции. Тие ги истиснуваат селаните и им ја земаат земјата.

Концентрацијата на аграрно земјиште во рацете на инвеститори кои во него гледаат само извор на профит е итен проблем на Европа, констатираше Комисијата на Европскиот парламент за земјоделство на крајот на  март. „Со оглед на финансиската криза од 2008. година, земјоделското земјиште се покажа како поволна можна инвестиција“, истакнува Владимир Урутчев, претставник на Бугарија во Комисијата за земјоделство. 

Последица на тоа е забележлив напредок во концентрацијата на земјоделски површини во централна и источна Европа. Ниските цени за земјоделско земјиште во поранешните комунистички земји го забрзаа овој процес, а субвенционирачкиот систем на ЕУ-аграрната политика, ГАП, дава натамошен поттик, истакнува Урутчев. „Општоважечките премии кои ги исплаќа ЕУ, ги протежираат големите претпријатија кои се потпираат на масивност и индустријализирано земјоделство“. Директното плаќање изнесува меѓу 150 и 190 евра по хектар. Овој систем ги остава ситните земјоделци со покуси ракави.

Земјиштето како лукративна инвестиција

Освен тоа, крупните инвеститори и финансиските шпекуланти најчесто ги повлекуваат добивките од регионот и не плаќаат тука даноци. Тие малку се грижат за екологијата и заштитата на животните, истиснувајќи ги селаните од нивното земјиште. „Постојат вистински финансиски ајкули, кои располагаат со цела мрежа фирми. Така, неколку на број фирми поседуваат близу два милиона хектари земјиште во Бугарија, што е речиси половина од вкупната обработлива површина во земјата“, вели еден агент за продажба на недвижен имот, кој сака да остане анонимен. Преку европскиот систем на аграрно субвенционирање, овие фирми само во Бугарија, благодарение на поседуваното земјиште, добиваат приходи во милионски суми, истакнува Владимир Урутчев.

Во 2013. година усвоената реформа на заедничката ЕУ-аграрна политика предвиде ограничувања на највисоките износи кај директните плаќања. Со тоа се целеше на поправедна распределба на субвенциите и посилно унапредување на одржливото земјоделство. Но, во пракса малку нешто се промени. Статистичките показатели од Бугарија покажуваат дека 25-те најголеми фирми и во 2015. година добиле највисоки субвенции, односно токму оние кои и пред реформата најмногу профитираа од директните исплати на ЕУ. На тој начин големите инвеститори се ослободени и од товарот на кредити, зашто располагаат со толкави суми пари од ЕУ, што немаат потреба од дополнителни финансиски позајмици.

Ситните земјоделци под притисок

Ситуацијата за ситните земјоделци е сосема поинаква. „Ние постојано сме истиснувани од пазарот и уништувани, зашто не можеме да држиме чекор со големите комбинати. Освен тоа, речиси и да нема слободно земјиште за обработка“, се жали Стефан Петров, млад земјоделец од регионот околу Разград во североисточна Бугарија. Цените на земјиштето во тој регион во последните години бележат драстично зголемување, првенствено последица на шпекулативните купувања преку кои сѐ поголема површина се концентрира во рацете на мал број поединци.

Слично е и во други европски региони. „Околу три проценти од земјоделските претпријатија во Европа контролираат отприлика половина од сите обработливи површини, тенденција која мора да оди во обратна насока“, вели Владимир Урутчев. За најлош пример на земјишна концентрација во источна Европа, тој ја наведува Романија, каде 65.000 хектари земјиште припаѓаат на само едно претпријатие.

Од аспект на романскиот претседател Клаус Јоханис, и преголеми аграрни површини се наоѓаат во странски раце. Уделот изнесува околу 30 проценти, поради што тој пледира за заострување на правото на земјишна сопственост, без оглед што за странците веќе постојат ограничувања.

Источноевропејците се обидуваат да извршат корекција

Државите како Бугарија, Словачка, Унгарија, Летонија и Литванија се обидоа, преку протекционистичка политика, да се одбранат од продажба на земјиште на странски купни инвеститори. Но, ЕУ поведе кривична постапка против нив, поради ограничување на слободната конкуренција. Со тоа многумина не се согласуваат.

„Кај аграрното земјиште, ЕУ мора да биде повеликодушна во поглед на регулацијата на пазарот и конкуренцијата, зашто кај земјиштето не можат да се применат истите параметри како и кај обичните стоки“, истакнува Марија Хојбух, член на Комисијата на ЕП за  земјоделство.

Унапредување и поголема транспарентност

На крајот на март оваа Комисија подготви одредени предлози, барајќи од државите-членки овозможување пристап до пазарот со земјиште, според пристапни цени, за малите и средни претпријатија, како и унапредување на био-земјоделството. Воведувањето горна граница за стекнување на аграрно земјиште, како на пример во Литванија, за Хојбух е легитимно средство против растечката концентрација на земјиште во рацете на поединци. Но, таа првенствено пледира за поголема транспаретност при менувањето на сопственоста.

Како пример за недоволна транспаретност таа ја посочува судбината на некогашната берзанска ѕвезда КТГ Аграр, германско претпријатие кое купи огромни аграрни површини во западна, но и источна Европа. По неговата инсолвентност минатата година, концернот премина во рацете на нов инвеститор, без можност за влијание од засегнатите општини. Вакви примери не смеат да станат практика, убедена е Марија Хојбух. „Оној кој влече добивка од одреден регион и донесува одлуки зад грбот на соседите, наштетува на земјоделството во цела Европа“, истакнува европолитичарката. 

Реклама