Шпекулации без крај - дали вакцините предизвикаа Делта мутација? | Свет | DW | 12.07.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Шпекулации без крај - дали вакцините предизвикаа Делта мутација?

Делта сојот се шири брзо, дури и во земји со висока квота на вакцинација. Тоа пак остава простор за разни шпекулации. Дали вакцините ја овозможија појавата на Делта сојот? Проверка на фактите.

Во Велика Британија бројот на случаи заразени од коронавирус енормно брзо расте, 95 проценти од секвенционираниот материјал покажува присуство на Делта сојот. Таму веќе две третини од населението се вакцинирани. Како може мутацијата толку да се шири и покрај високиот број на вакцинирани? Анти-ваксерите ситуацијата ја користат за свои цели: најмалата германска партија „База" на социјалните медиуми се повикува на шпекулации според кои појавата на Делта варијантата можеби била овозможена од вакцините, секако без никаков доказ за таквите наводи. На други профили пак на експертите им се припишуваат слични тврдења. Во нашата проверка на факти ги анализираме таквите наводи. 
 
Како настануваат мутации?
 
За да се размножуваат вирусите својот генетски материјал го аплицираат на клетката домаќин. При секоја репродукција се појавуваат мали грешки во копирањето на тој генетски материјал и секоја од тие грешки го менува и генетскиот код на вирусот, односно тој постојано мутира и тоа е сосем нормална појава. Некои такви мутации го прават вирусот поефикасен, на пример кога благодарение на нив може да помине незабележан од имуниот систем и покрај вакцина или прележана болест, а некои од нив го заслабнуваат. Често пати пак мутациите немаат никакви последици. Во еволуцијата на соеви на вирусот важи правилото дека се наметнува најсилната мутација. Во однос на коронавирусот тоа значи дека соевите кои се повирулентни ги потиснуваат помалку опасните варијанти на вирусот. 
 

Гледај видео 03:23

Што треба да се знае за сојот Делта?

 
Како функционира Делта сојот?
 

Точниот начин на кој функционира Делта сојот за сега не е истражен. Познато е дека мутацијата овозможува вирусот полесно да се закачи на човековата клетка и на тој начин во некои случаи да го заобиколи имуниот систем, тврди Дипти Гурдашани, епидемиолог на универзитетот Квин Мери во Лондон во интервју за ДВ. Делта варијантата содржи повеќе мутации. 

-повеќе:

Делта-сојот стана доминантен во Германија

Претстои нова битка: со вакцини и рестрикции против Делта сојот?

Израел: Вакцината Бионтек/Фајзер помалку ефикасна против Делта-сојот

Германски експерт: Делта сојот е позаразен, но смртноста е помала
Пеги Ризе, научник во Центарот Хелмхолц за истражување на инфективни болести, додава дека заболените од Делта сојот имаат поголема количина вирусни ќелии, на пример во грлото. Тоа го потврдуваат и други научници со кои разговараше ДВ.
Ако вирусот мутира на начин што антителата кои ги имаат на пример вакцинираните или прележаните лица не може да бидат делотворни колку што биле спрема првобитниот вирус, тогаш се работи за т.н. заобиколување на имуниот систем, односно „Immune Escape". Благодарение на тоа и лица кои се вакцинирани, или веќе еднаш биле заболени од Ковид-19 може повторно да се заразат или разболат. 
 
Дали Делта варијантата предизвикува такво заобиколување на реакција на имуниот систем? 
 
Делта варијантата се одликува со полесна преносливост, како и со заобиколување на реакцијата на имуниот систем. „Мутацијата ја намалува ефикасноста на некои антитела и препознавањето на вирусот од страна на имуниот систем", вели имунологот Георг Беренс, професор на Медицинскиот факултет во Хановер при Клиниката за ревматологија и имунологија, во разговор со ДВ. 
„Но, сепак не се работи за вистинско заобиколување на имуниот систем бидејќи тоа би дошло до израз на многу повпечатлив начин", објаснува Пеги Ризе. 
Тоа значи дека заобиколувањето на имуниот систем не е толку силно изразено што посточеките вакцини би биле бескорисни. Напротив, први резултати од спроведени студии покажуваат дека Делта варијантата принципиелно е порезистентна на вакцините, но целосната имунизација и натаму пружа силна заштита и од овој сој. Сепак производители како Бионтек/Фајзер развиваат веќе нова генерација вакцини кои се многу поефикасни и за Делта сојот.

Euro 2020 - Fans gather for England v Denmark

Коронавирусот се радува на вакви масовни собири - фудбалски навивачи во Лондон


 
Дали вакцините се предизвикувачи на вирусни мутации?
 
Во интервју за ДВ вирологот Фридеман Вебер од универзитетот Јустус Либиг во Гисен појаснува дека не се вакцинираните, туку невакцинираните лица кои ја предизвикале мутацијата. „Заразените лица предизвикаа нов сој и заобиколување на имуниот систем", вели тој. Тоа го покажува поглед врз ситуацијата во Индија, Бразил и Јужна Африка. Таму се настанати сега проширените варијатни, а бројот на вакцинирани лица е многу мал. Во сите три земји во моментот на настанувањето на мутациите коронавирусот беше широко распространет. Тоа било „плодна почва" за нови соеви, вели Вебер, бидејќи вирусот го користи заслабениот имун систем кај многуте заразени за подобра адаптација на средината и негово заобиколување.
И обратно ако се гледа на нештата, тврдењето дека сојот е настанат од вакцините се покажува како неосновано: доколку вакцинацијата енормно ја зголемува веројатноста вирусот да мутира, во земји како Израел и Велика Британија каде многу лица се веќе вакцинирани, би требало да има појава на нови соеви, вели Ризе. „Но, тоа не е така во пракса. Мутациите се појавуваат токму во земјите во кои се уште не е достигната висока квота на вакцинирани лица и многу луѓе се мешаат во мал простор", вели таа за ДВ. 
Теориски сепак постои можноста вакцинацијата да врши одреден имунолошки притисок врз вирусот, тврди професорот Беренс. „Тогаш преку ваква мутација се обидува да го избегне таквиот притисок", заклучува тој. Вирусот во моментов наидува на делумно вакцинирано население. Така некои луѓе покажуваат имуна реакција, а други нудат можност за заразување. „Тоа е тоа што вирусите го обожуваат", вели Беренс. „Потоа може да се појават и други мутации, вирусот на тој начин квази се тренира." 
Заклучно може да се каже дека вакцините во ретки случаи може да овозможат појава на нови соеви и теориски да го олеснат нивното ширење, но многу поверојатно е дека опасни мутации настануваат онаму каде што вирусот непречено и брзо се шири. 
 
Дали вакцините против корона се предизвикувачи на Делта сојот?
 

Исклучена е можноста вакцините да го предизвикале Делта сојот. Мутацијата е забележана уште во октомври 2020 година во индиската сојузна држава Махараштра, а првото лице во Индија беше вакцинирано дури во јануари 2021, односно цели три месеци по настанувањето на сојот. Наведените тврдења за поврзаност со вакцините се погрешни.