Шлаканица за Шпанија: Сепаратистите во Каталонија го одбранија апсолутното мнозинство | Свет | DW | 22.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шлаканица за Шпанија: Сепаратистите во Каталонија го одбранија апсолутното мнозинство

Каталонците ја казнија шпанската централна влада. На вчера одржаните регионални избори, повторно апсолутно мнозинство во регионалниот парламент освоија каталонските националисти.

Katalonien Wahlen 2017 - Mehrheit für Unabhängigkeit - Carles Puigdemont in Belgien (Reuters/F. Lenoir)

Карлес Пуџдемон е задоволен од резултатите

По парламентарните избори во Каталонија, не се наѕира крај на кризата која трае со месеци. Сепаратистите повторно освоија апсолутно мнозинство во регионалниот парламент. Трите партии кои се залагаат за независност на Каталонија освоија 70 од 135 места во парламентот. За апсолутно мнозинство се неопходни 68 пратенички места.

Резултатот е изенадувачки, затоа што последните анкети покажуваа трка рамо до рамо на сепаратистите и противниците на независност на Каталонија. Наспроти сите прогнози, алијансата Заедно за Каталонија на поранешниот регионален претседател Карлес Пуџдемон постигна исклучително добар резултат и освои 34 места во парламентот. Левонационалистичката партија ЕРЦ на затворениот врвен кандидат Уриол Жункерас освои 32 места, додека антикапиталистичката ЦУП претрпе извесни загуби, но со своите четири освоени места овозможи освојување апсолутно мнозинство.

Повеќе на темата:

Избори во Каталонија: Висока излезност, голема неизвесност?

Шокот во Каталонија уште трае

Вистинскиот добитник од овие избори сепак е либералната партија Сиудаданос на 36-годишната Инес Аримадас, која е стриктно против отцепување на регионот од Шпанија. Сиудаданос освои дури 36 места во регионалниот парламент, но поради лошиот резулат на можните коалициони партнери, нема шанси за формирање влада. Кој ќе биде регионален претседател сѐ уште не е јасно.

Пуџдемон: „Шлаканица“ за централната влада

Карлес Пуџдемон оцени дека резултатот од регионалните избори во Каталонија е „шлаканица“ за централната влада во Мадрид. Шпанскиот премиер Маријано Рахој „загуби на плебисцитот кој самиот го бараше“, изјави Пуџдемон пред своите приврзаници во Брисел. Апсолутното мнозинство за застапниците за независност е „резултат кој никој не може да го негира“, рече тој. „Имаме право да бидеме слушнати“, смета Пуџдемон. Пред гласањето и Пуџдемон и Жункерас покажаа амбиции за регионален претседател. Доколку Пуџдемон се врати во Каталонија му се заканува апсење. Тој заедно со други членови на разрешената каталонска влада е соочен со обвинувања за предизвикување немир, бунт и злоупотреба на јавни средства, за што следува долга затворска казна.

Шпанската централна влада ја контролира Каталонија два месеца. Принудната управа би требало да остане во сила сѐ додека на власт не дојде новата регионална влада. Во случај на тешки коалициони преговори, тоа би можело да потрае.

DW.COM

Реклама