Широкопојасниот интернет - виза за иднината
2 април 2012„Тие ги развиваат нашите можности, помагаат во општиот развој и достапноста до информациите, ги скратуваат трошоците во средства и време и овозможуваат градење свет со потенцијал и креација. Тие се битни за демократијата, слободата, бизнисот и за секоја општествена сфера или, едноставно, ни помагаат како заедница да го смениме светот на подобро“, истакна Груевски.
Развојот на информатичките и комуникациските технологии, посочи тој, се наоѓа во листата со приоритети на владата на Македонија. Утврдувањето такви амбициозни цели паралелно, според Груевски, го следи и нивна успешна реализација, за што е формирано и Министерството за информатичко општество.
„Во 2006 година само еден процент од домаќинствата во Македонија користеа широкопојасен интернет, додека на крајот на минатата година имавме речиси 46,35 отсто корисници на фиксен широкопојасен интернет по домаќинство“, истакна Груевски.
Проектот на Владата на Република Македонија за поставување интернет-киосци во руралните средини ќе биде дел од глобалната агенда на Меѓународната комисија за широкопојасен интернет, како позитивен пример за активности во насока на развој на информатичкото општество.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во обраќањето пред учесниците на Состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој во Охрид ги презентираше проектите кои ги спроведува Владата на Република Македонија од областа на информатичко општество, акцентирајќи го оној за поставување интернет-киосци во руралните средини.
„Со овој проект на 680 локации се опфатени 32 илјади граѓани, со брзина на интернетот до еден мегабит во секунда, што е многу повеќе од она што го бара Комисијата за развој на широкопојасен интернет“, рече Ивановски.
Интернетот во функција на развој на стопанството
Мексиканскиот бизнисмен Карлос Слим, кој според магазинот „Форбс“ е најбогатиот човек во светот, како копретседавач со Комисијата пред учесниците ги истакна појдовните заложби утврдени од формирањето на ова тело за промоција на широкопојасниот интерент, како базична инфраструктура за остварување на целите на Светската агенда за развој 2015.
„Денешната средба овде во Македонија е добра можност да се увериме како таа агенда се спроведува на регионален контекст“, рече Слим.
Тој го потенцираше влијанието на широкопојасниот интернет и новите технологии за развојот на малите и средните претпријатија и бизниси, како двигатели на светскиот економски развој и, уште поважно, во отварањето нови работни места.
Според Слим, широкопојасниот интернет во значајна мера им помага на тие бизниси во подобрување на продуктивноста, овозможува проширување на дејностите и им отвара нови пазари. Иако тоа е светски тренд, се’ уште постојат држави во кои ограничениот пристап до широкопојасниот интернет претставува отворена пречка за нивниот развој, забележа Слим.
Токму промовирањето на широкопојасниот интернет како светска агенда ќе им помогне на малите и средните претпријатија да отворат нови работни места, да ги прошират своите производни активности и услуги, да донесат нови иновации и конечно да ја постават основата за идните бизниси кои ќе бидат носители на светскиот економски развој, порача Слим.
Да не се маргинализираат придобивките
Работниот дел од состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој го отвори претседателот на Уганда, копреседавачот Пол Кагаме.
„Убедени сме во големите можности што ги нуди широкопојасниот интернет, како стабилна основа за успешен и одржлив економски развој. Нашите активности сега треба да ги насочиме понатаму кон вклучување на сите глобални играчи, за да осигураме таквите придобивки да не бидат маргинализирани или единствено препуштени на голата борба за профит“, рече Кагаме.
Престојниот Самит на ОН посветен на одржливиот светски развој, според Кагаме, претставува можност за Комисијата да работи на мобилизација на светското лидерство за поголема достапност и раширеност во светски рамки и на тој начин кон исполнувањена целите на Самитот, односно развојната агенда 2015.
На состанокот во Охрид, што е првпат надвор од вообичаената практика на Комисијата да заседава во канцелариите на ОН во Женева, Париз или Њујорк, присуствуваат и извршните директори на најголемите светски компаниии кои се двигатели на информатичкото општество како „Интел“ „Ериксон“, „Телефоника“, „Циско“, „Алкател лусент“, „Хуавеј“ и многу други.
Инаку Карлос Слим престојува во Македонија од петокот и во изминатите денови во Скопје и во Охрид оствари средби со највиокиот македонски државен врв, на кои му беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија.
Тој имаше средба во Скопје со премиерот Груевски како и работен состанок со економскиот тим на владата, додека синоќа во Охрид се сретна со претседателот Ѓорге Иванов.