Широки консултации на Хајндл пред доаѓањето во Скопје | Северна Македонија | DW | 09.05.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Широки консултации на Хајндл пред доаѓањето во Скопје

Специјалниот германски пратеник во Македонија, амбасадорот Јоханес Хајндл неделава ќе изврши широки консултации, најпрво во Берлин, а потоа и со САД, ЕУ и Грција, пред да пристигне во Скопје

Можно е специјалниот пратеник на шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер до крајот на неделава да пристигне во Скопје, откако ќе изврши широки консултации, најпрво во Берлин, а потоа и со меѓународните партнери во врска со неговата мисија во Македонија.

Со сигурност се знае дека амбасадорот Јоханес Хајндл до средината на неделава ќе престојува во Берлин, а потоа заминува во САД, потврди за ДВ, портпаролот на германското МНР, Мартин Шефер.

„Амбасадорот Хајндл во вторник и среда доаѓа во Министерството за надворешни работи во Берлин, а потоа заминува на консултации во Вашингтон, Хаг и Атина. Кусо потоа ќе отпатува за Скопје“, вели Шефер.

Притоа нема да има промени во статусот на Хајндл, бидејќи тој ќе остане и натаму да ја врши својата примарна функција како германски амбасадор во Австрија.

„Во Берлин, Хајндл ќе има средба со експерти во Министерството за надворешни работи, со цел да ја развие и прошири својата активност. Тој ќе работи заедно со Европската комисија, САД, и другите кои имаат интерес за смирување на тешката внатрешно-политичка состојба во Македонија. Најпрво ќе се завршат неопходните консултации, а потоа Хајндл ќе замине во Скопје“, дополнува Шефер.

Во германското МНР не можеа точно да одговорат на прашањето, дали е ова прв случај Германија да испраќа свој специјален претставник во една европска земја, но портпаролот вели дека „во секој случај не се работи за вообичаен процес“.

„Но тоа и не може да биде вообичаено затоа што состојбата во Македонија, од повеќе аспекти, ни предизвикува голема загриженост“.

Јоханес Хајндл (1956) во Скопје доаѓа од Виена. За германскиот амбасадор во австриската престолнина, Македонија не е непознат терен. По многу турбулентни години и настани, денес малкумина се сеќаваат дека Хајндл во периодот од 2001 до 2004 година беше чест гостин во Македонија. Во богатата дипломатска кариера секогаш бил на високорангирани позиции, а упатените во неговите резултати го опишуваат како „дипломатски тешкаш“!

Аналитичарите кои ги консултираше ДВ, ангажманот на Хајндл го оценија како добра вест за Македонија.

Реклама