Шидер за ДВ: Изборите на 12 април се клучни за европската иднина! | Северна Македонија | DW | 18.01.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Шидер за ДВ: Изборите на 12 април се клучни за европската иднина!

С. Македонија направи значајни реформи и тоа ЕУ мора да го валоризира, порачува австрискиот европратеник Андреас Шидер. Тој е оптимист дека датумот за преговори е можен уште во март.

Европратеникот Андреас Шидер, кој е копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на С. Македонија и ЕУ, гледа евидентен напредок во реформскиот процес во земјата. Тој се надева дека Европа тоа и ќе го валоризира преку датум за старт на преговорите кој смета дека може да се очекува уште во првиот семестар од годинава.

ДВ: Господине Шидер, изминативе два дена во Скопје разговарате со повеќе политички претставници. Како гледате на состојбите во  државата?

Шидер: „С. Македонија е пред решавачки избори, кои се клучни за европската иднина на земјата. Сведоци сме дека во изминатиот период беа спроведени повеќе важни реформи. Мислам дека наша задача е овој реформски пат да го поддржиме и да го наградиме“.

ДВ: Што очекувате од претстојните парламентарни избори?

„Мојата најголема желба е парламентарните избори на 12 април да бидат силен сигнал за демократијата во земјата, дека граѓаните на земјата ќе испратат сигнал кон ЕУ дека сакаат да бидат во Европа, дека сакаат реформите да продолжат и дека сакаат да ја поддржат и да ја направат државата посилна. Тоа значи дека по изборите Македонија треба да излезе посилна, а не поделена и да го продолжи патот кон Европа како што тоа го прави во последниов период“

ДВ: Зборувате за направени реформи, каде гледате најголем напредок?

Шидер: „Договорите со Бугарија и Грција се одлична база за надминување на проблемите и во овој дел е направен напредок. На внатрешен план направени се важни реформи во делот на економијата и социјалата. Како на пример зголемувањето на минималната плата што е многу важен чекор, но и поттикнувањето на економскиот раст што секако дека е позитивен развој. Значајна тема е борбата против корупцијата и мислам дека на овој план исто така има одреден напредок, иако недостасуваат неколку закони кои се надевам дека ќе се донесат пред изборите во април. Многу е важно оваа фаза на реформи да не се напушти и да не запре“.

ДВ: Сепак, реформите се покажаа како недоволни земјата да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Франција не даде поддршка на овој процес. Го чувствувате ли разочарувањето во земјата?

„Да, тоа направи сите да бидеме тажни и фрустрирани. Во вашата земја, но исто така и во Европскиот парламент кој гласаше за почеток на преговорите за членство. Исто така и Европската комисија беше за старт на преговорите, но и мнозинството европски држави. Но искрено кажано, мислам дека ставот на Франција беше помалку во однос на Македонија, а повеќе заради внатрешните политички случувања во оваа земја. Се надевам дека во текот на годинава ќе се надминат овие задршки и ќе се отвори патот. Мислам дека отворањето на преговорите за членство во ЕУ е многу важнo за вашата земја, како поддршка дека постои европска перспектива, дека граѓаните на земјата се добредојдени во Европа“.

ДВ: Дали можеме да се надеваме на пробив веќе во март? Ги слушнавме пораките на германската канцеларка Ангела Меркел и еврокомесарот Оливер Вархелји кој неделава беше во Скопје. Го делите ли нивниот оптимизам дека во овој период може да има позитивна одлука?

Шидер: „Би рекол во првиот семестар од годинава во секој случај, или што порано толку подобро“.

ДВ: Македонската влада до изборите ја предводи технички премиер. Зоран Заев се повлече од функцијата до изборите, како ја оценувате работата на досегашниот премиер?

Шидер: „Сметам дека Зоран Заев направи многу важни, историски постигнувања за вашата држава. Тој е сигурно гарант дека со него патот кон Европа ќе продолжи. Тој е човек кој не се грижи само за натамошен пат на земјата кон Европа, туку исто така и за нејзин економски развој. Затоа е тој многу важен за вашата држава во Европа“.

ДВ: Мотото на вашата партија е силна Европа, дали може тоа се оствари без земјите од Западен Балкан?

Шидер: „Не, за нас и за мене како европски пратеник Балканот значи дел од Европа, а исто така и за Австрија“.

ДВ: Како тогаш гледате на иницијативите од типот на „Мини Шенген“, дали таа може да биде алтернатива за членство на земјите од регионот во ЕУ?

Шидер: „Не, мислам не. Кога сите ќе бидеме на став дека Балканот е дел од Европа и кога ќе препознаеме дека луѓето кои што живеат овде во С. Македонија, но исто така и во Србија, Албанија и другите земји сакаат да бидат дел од Европската унија, да ги почувствуваат предностите на Европската унија, можностите за образование, вработување, едноставно припадноста на Европа, заедништвото, тогаш „Мини Шенген“ не е одговорот, туку тоа е само членството во Европската унија. Но тоа не значи дека не е потребна зголемена соработка во регионот помеѓу земјите од Западен Балкан“.

ДВ: Кои се клучните предизвици за регионот, гледате ли можеби некои закани?

Шидер: Национализмот, се уште има политичари и партии во регионот кои веруваат дека  социјалните и економски проблеми можат да ги користат и да играат на картата на национализмот. Тоа го среќавам често при анализите на медиумите каде гледам вакви изјави, сега но исто така и во минатото“.

 

Реклама