Шефот на германската БНД предупредува од Русија и миграциите | Свет | DW | 18.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шефот на германската БНД предупредува од Русија и миграциите

Дали руската војска не се сфаќа доволно сериозно како опасност - или пак е преценета? Експерти за безбедност не се сложни како треба да се разберат зборовите на шефот на БНД Кал за амбициите на Москва.

Невообичаено јасни зборови на челникот на германските тајни служби Бруно Кал: „Наместо партнер за европската безбедност во Русија имаме потенцијална опасност. Светскиот политички актер Русија е назад на сцената и ќе остане непријатен сосед." 

На предавањето за фондацијата Хајнц Зајдел во Минхен, Кал на почетокот на неделава говореше за "изненадувачката" модернизација на руската војска. Тој предупреди: „Да се изразам јасно: наместо партнер за европската безбедност во Русија имаме потенцијална опасност. Светскиот политички актер Русија се врати на сцената и ќе остане непријатен сосед." Дополнително, Кал предупреди и од опасноста од миграциите. Според него, една милијарда луѓе во светот имаат рационална причина да мигрираат. 

Говорот на Кал ги изненади експертите за безбедност, невообичаен чекор е за човек кој своите мисли и анализи ретко јавно ги споделува - работата на тајните служби како што и името веќе кажува, се одвива зад кулисите.

Реалистично и прагматично

За Себастијан Шулте, дописник за Германија за воениот неделник Jane's Defense Weekly, изјавите на Кал се „реалистични, прагматични и го отсликуваат она што и други набљудувачи веќе го забележале."

„Ние не зборуваме доволно за односот на Русија спрема Западот, Европа и пред се кон источноевропските земји, премалку јавна дебата има за таа тема", вели Шулте. „Во моментов се одвиваат воени дејствија меѓу сили поддржани од Русија и Украина и едвај се наоѓаат анализи за тоа кои одат преку чисто инфпрмативното известување во медиумите, што всушност е изненадувачки."

САД како сила заштитник

Како противтежа на Русија и опасноста од неа за Европа, Кал ја претстави соработката со тајните служби на САД и пред се со американската војска. „Тие располагаат со десет носачи на авиони кои во најкус можен рок може да ги распределат во меѓународни конфликтни зони", вели Кал. „Само со САД Европа може во претстојните години да успее на истокот на Европа да создаде кредибилна противтежа на Русија." Треба да се спречи Кремљ да успее „да ја ослабне ЕУ и да ги истурка САД и да направи бездна меѓу двете страни."

Опасноста од руската војска преценета?

Марк Галеоти смета дека забелешките на Кал се во еден дел точни, но сека севкупно се премногу „црно обоени". Галеоти е експерт за руската безбедносна политика и го води Центарот за европска безбедност на Институтот за меѓународни релации во Прага.

„Дали е јасно дека Русија настапува многу посамоуверено и агресивно и се обидува да ја исплаши Европа? Да, тоа е така", вели Галеоти. „Но, мора да кажам дека ме изненади колку силно ја нагласи Кал воената димензија и со тоа сугерираше дека Русија е директна воена закана - оти тоа не е точно."

Галеоти посочува дека Кремљ и покрај наоружувањето има уште многу пат за одење за да се изедначи со НАТО. „Барем половина од руската војска уште не е вистински модернизирана", вели тој. „И освен тоа, ако ги земеме европските НАТО држави, без САД и Канада, и тие самите имаат повеќе копнени сили од Русија."

Миграциска опасност

Исто толку драматични се предупредувањата на Кал и во однос на миграциите. Шефот на БНД проценува дека „над една милијарда луѓе“ во светот имаат „рационална причина“ за миграција: насилство, недостаток на храна, климатски промени... Бројот на луѓе кои мигрираат поради животната средина ќе достигне стотици милиони. „Миграцискиот притисок врз Европа ќе порасне. Прашање е дали европските влади ќе успеат да го одржат или да го засилат контролниот потенцијал, за да влијаат врз ваквиот развој“, вели Кал. Миграциското сценарио кое го претстави шефот на БНД се должи пред сѐ на проценките дека населението во Африка ќе се зголемува за околу 30 милиони луѓе годишно. „Прашање е“, вели тој, „дали битката против причините за иселувањето може да се држи со оваа динамика“. 

DW.COM

Реклама