Шекеринска: Во 2008 пропуштивме, сега добивме историска шанса | Македонија | DW | 13.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шекеринска: Во 2008 пропуштивме, сега добивме историска шанса

Македонија е реално обединета за заедничката цел- членство во ЕУ и во НАТО, вели во интервју за ДВ македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска, порачувајќи дека земјата сега има за што да се радува.

Министерката за одбрана во интервјуто направено во Брисел веднаш по официјалното потпишување на поканата за членство во НАТО за Македонија, меѓу другото се осврнува на поделените реакции со кои овој чин беше дочекан во земјата: 

„Факт е дека одредена група на луѓе во ВМРО-ДПМНЕ, не сите, се будат и легнуваат со помислата за амнестија, тие губат кога Македонија добива, тагуваат кога Македонија добива. Сега е моментот кога треба да ги тргнеме на страна тие емоции, тие квази аргументи, лажни аргументи и да ја погледнеме вистината:  Во 2008 пропуштивме, а сега добиваме историска шанса. И тогаш и денес сѐ зависи од нас“. 

Гледај видео 10:37
Now live
10:37 минути

Шекеринска: Имаме за што да се израдуваме

Според министерката ако се  искористи шансата Македонија ќе може да престане да се грижи за безбедност, за стабилност, за можности за агресија и дестабилизација. „И затоа сега ние сите заедно како граѓани на Македонија имаме за што да се израдуваме“, порача Шекеринска во интервјуто за ДВ.

Таа натаму во интервјуто ги поддржа пораките на премиерот Зоран Заев, за помирување и обединување за заедничките цели на земјата истакнувајќи: „Ние во Македонија сме реално обединети околу заедничката цел- членство во ЕУ и во НАТО...Факт е дека тоа е мнозинската волја на граѓаните и затоа сме сигурни дека овој повик на обединување ќе функционира кај сите, освен кај оние, кои не мислеа на Македонија, и не мислеа на  нејзините интереси, кога лажеа, крадеа, манипулираа и ја злоупотребуваа власта“, вели меѓу другото Шекеринска. 

Повеќе на темата:

-Поканата за НАТО потпишана, следуваат критични месеци

-Заев повика на славје по поканата од НАТО

-Вилсон: НАТО е гаранција за иднината на Македонија

За тоа како натаму ќе тече постапката од поканата до конечниот прием во Алијансата, министерката за одбрана појасни: „Следува релативно кус период од неколку месеци во кој заедно со експертите од НАТО ќе се дискутираат некои главно технички прашања кои мора да се затворат пред Македонија да почне да функционира како дефакто членка. Откако Македонија ќе го потпише Протоколот за пристапување, дури и пред тој да биде ратификуван од страна на сите земји-членки, Македонија ќе учествува на сите состаноци и дебати во НАТО по сите клучни прашања, ќе има пристап до сите класифицирани документи на Алијансата. За да се добие таков пристап, мора да се покажат гаранции дека тие информации нема да бидат злоупотребени, а дел од претстојните експертски разговори ќе бидат насочени кон тие системи кои гарантираат безбедност. Не се очекува покренување на големи политички прашања, бидејќи во тој дел Македонија покажа резултати: избори, владеење на право, медиуми, меѓуетнички односи. Се очекува експертите тимови да дојдат во Македонија до крајот на овој месец и да се почне работата, а се очекува до крајот на годината, со завршен референдум, завршена собраниска процедура на уставни измени овој процес да заврши, да се потпише Протоколот за пристапување. Потоа ќе следува давање зелемо светло од страна на сите парламенти. Ќе направиме сѐ оваа процедура да биде брза и ефикасна и Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО“, изјави Радмила Шекеринска во интервјуто за ДВ

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама