1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Швајцарците гласаа против алчните менаџери

ЖА/дв/дпа/апд/ртре3 март 2013

Астрономски суми за отпремнини, бонуси во милионски износи-тоа веќе нема да го има во Швајцарија. На референдум мнозинството граѓани се изјасни против претераните плати на менаџерите.

https://p.dw.com/p/17pXO
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Претерано високите надоместоци за менаџерите во Швајцарија во иднина ќе бидат само минато. Околу 68 проценти Швајцарци се изјасниле денеска за забраната на т.н. „златни падобрани“, односно високите отпремнини за менаџерите на референдумот против „претераните надоместоци“ наречен уште и иницијатива Миндер, според името на деловен човек кој ја покрена, покажуваат првичните податоци на институтот за испитување на јавното мислење Gfs.Bern.

Траењето на мандатот на членовите на управен одбор ќе биде скратено на една година, а некои облици на надоместоците, како и претераните отпремнини популарно наречени „златни падобрани“ или, пак, премиите за купување претпријатие, ќе бидат забранети. Наградите на управните одбори и управите задолжително ќе мора да бидат одобрени од собранијата на акционерите. Конкретно, акционерите секоја година на собранието ќе го гласаат износот за надоместокот кој ќе биде на располагање на членовите на управните одбори. Непочитувањето на соодветните законски правила ќе треба да биде казнувано со до три години затвор и високи парични казни. Топ-менаџерите во Швајцарија спаѓаат во најдобро платените раководни лица во Европа.

Schweizer Volksentscheid Minder-Initiative Manager Gehalt
Фотографија: picture-alliance/dpa

Против предлогот кој денеска е усвоен, граѓанските партии и сојузот на економијата водеа милионски скапа кампања. Тие предупредуваа дека тоа ќе и‘ донесе неповолности на меѓународната конкурентност на Швајцарија и на концерните со седиште во неа. Политичката левица напротив го поддржуваше предлогот.

Независниот пратеник и иницијатор, Томас Миндер изрази задоволство од успехот:

„Радосен сум што борбата заврши“, изјави тој за швајцарската телевизија СРФ.