Шарената револуција „на штрек“ и покрај партискиот договор | Македонија | DW | 21.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Шарената револуција „на штрек“ и покрај партискиот договор

Од Шарената револуција порачуваат дека остануваат на своите барања: правда за граѓаните, казна за криминалците, демократизацијата на нашето општество, ослободување на институциите и надминување на кризата.

Шарената револуција денеска преку соопштение порача дека нема да биде нем набљудувач на состојбите во државата и покрај Договорот кој вчера го постигнаа четирите најголемите политички партии.

Кај „шарените револуционери“ останува сомнежот дека партиите од власта и натаму ќе ги користат сите средства за спречување на имплементацијата на договореното.

Поради тоа, не смееме да се откажеме од сржта на барањата на сите ние кои со месеци протестиравме по улиците - правда за граѓаните, казна за криминалците, демократизацијата на нашето општество, ослободување на институциите и надминување на оваа криза“, се наведува во соопштението.

Оттаму уште порачуваат дека Македонија има системски проблеми кои се таложеле со години, и дека тие нема да бидат надминати ниту со предвремените парламентарни избори, ниту преку брз, површен и неинклузивен процес.

„Во Владата и низ институциите се уште имаме криминалци и луѓе под истраги за тешки кривични дела и изборни манипулации. Тој проблем нема сам по себе да се реши со изборите. За да има правда СЈО треба да може непречено да си ја врши својата работа“, порачуваат од Шарената револуција и остануваат на барањето за формирање на Специјален Кривичен суд.

„Мора да продолжиме да вршиме притисок врз злосторничкото здружение, врз власта, врз институциите и врз домашната и меѓународната јавност. Конечно, сите да се заложиме и да не да дозволиме корумпираниот и автократски режим, олицетворен во Груевски и Ахмети, да продолжи да го блокира секој обид за ненасилно надминување на кризата. Ќе бидеме будни, на штрек, ќе се вмрежуваме и уште поцврсто ќе застанеме позади потребата од итно демократизирање на Македонија!“, порачуваат во соопштението членовите на Шарената револуција.

Левица незадоволна од договорот

И од партијата Левица го искажаа незадоволството од, како што велат, договорот Пржино 2. Според нив, овој договор не гарантира фер и демократски избори и излез од политичката и економска криза.

„Склучен е договор кој ги изневери барањата и принципите на протестното движење, на најголемиот дел од сите оние граѓани кои масовно и секојдневно излегуваа на улиците изминатите 3 месеци“, оценуваат од Левица.

Од партијата, одговорноста за разочарувањето од видно лошиот договор го лоцираат во опозициската СДСМ.

Американскиот амбасадор во земјата, Џес Бејли, кој директно учествуваше во преговори, преку својот Твитер профил соопшти дека договорот е „шанса за демократијата“.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, пак, оцени дека договорот е важен чекор за ставање крај на политичката криза. Според Хан, сега е потребен импулс за да се сочува договореното и целосна имплементација на реформите.

DW.COM

Реклама