„Шарената револуција“ е шанса за нова, граѓанска Македонија | Северна Македонија | DW | 26.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Шарената револуција“ е шанса за нова, граѓанска Македонија

Ќе биде потребно многу работа за да се обнови демократијата во Македонија по долготрајната политичка криза, пишуваат во заедничка анализа Лура Положани и Дане Талески. Протестите се и шанса за идна, граѓанска Македонија

Долготрајната политичка криза ја еродира демократијата во Македонија и ги нарушува меѓуетничките односи. Губењето на демократските вредности создава можности за политичка инструментализација на етничките идентитети. Многу работа ќе биде потребна за да се обнови демократијата. Воедно, ќе биде потребна и јасна стратегија за интегрирање на различните етничките групи и надминување на етничката поделба на моќта.

Во 2016 година, додека државата ја живее втората пролет, надежите за системски промени се зголемени. Политичката криза нуди можност да се надминат етничките поделби во Македонија и да се зајакне општествената кохезија. До сега, најголем дел од политичките партии користеа етно-национална мобилизација и стимулираа емоции за да добијат гласови, додека ги занемаруваа прашањата како што се невработеноста и одливот на мозоци, корупцијата и постојаното влошување на демократијата. Прашањето е дали партиите на етничките Македонци и на етничките Албанци се спремни да им понудат алтернатива на нивните граѓани или поединците, со нивните активности, можат да стимулираат нови меѓуетничките односи?

Mazedonien Protest der albanischen Minderheit BESA

Протести на партијата Беса во јуни 2015 година

Етничките поделби и политичката криза

Натпреварот меѓу политичките партии главно се води во рамките на етничките блокови, со бледа сива зона во средината каде се прават обиди за надминување на етничките поделби. Иако се создадоа нови албански партии со раслојување на двете големи албански партии, како на пример Унитети (со расцеп на ДУИ) или Движењето за реформи во ДПА (со расцеп на ДПА), тие ја задржуваат нивната критика во рамките на албанскиот блок и само повремено го критикуваат премиерот. Дополнително, постои силна поделба во јавниот дискурс помеѓу интересите на етничките Албанци и интересите на етничките Македонци, што ја зголемува етничката поделба. На пример, поделбата според етнички интереси посебно доаѓа до израз во актуелната политичка криза.

Österreich Graz Lura Pollozhani

Лура Положани

Двете главни албански партии не сакаат да ги поддржат протестите, додека Движењето за реформи во ДПА организираше засебен албански протест, и со тоа одлучи да дејствува одделно од другите албански опозициски партии. Овие партии сметаат дека протестите ги организира опозицијата и дека Зоран Заев и СДСМ не успеаа да им се обратат на Албанците и да ја добијат нивната доверба. Кампањата “Вистината за Македонија” се обиде да ги информира Албанците со превод на материјалите, но таа не покажа дека го разбира албанскиот електорат или нивните грижи. Сепак, треба да се потенцира дека протестите се граѓанска иницијатива и дека господинот Заев повеќе пати ги повикуваше Албанците да се приклучат на протестите. До сега, само мал дел од партиите (на пр. Движењето Беса, НДП) официјално ги поддржаа протестите, и некои истакнати членови на Унитети зедоа учество на протестите. Но, бојкотот на главните албански партии, засебните протести и половичната поддршка од помалите партии покажуваат дека албанските партии и нивните поддржувачи сеуште немаат доверба во опозицијата. Од друга страна, албанските партии не успеаја да сфатат дека нивната улога и позиционирање во оваа криза ќе има влијание за иднината на оваа етничка група во Македонија.

Загрижувачки е трендот, протестите да бидат нарекувани „протести на Македонците“, по социјалните мрежи, од страна на членови на албанските политички партии и нивните поддржувачи. Тоа покажува дека има длабоко недоразбирање за состојбата што е последица на етничките поделби. Како да постојат разлики помеѓу македонски и албански проблеми. Протестот на Движењето за реформи во ДПА многу јасно го илустрира тоа. Без оглед на тоа што има разлики во проблемите кога се работи за дискриминација и претставување на малцинските групи; тоа не се однесува на широко распространетата корупција и намалувањето на демократијата, што се главните работи против кои се протестира. Фактот што Албанците во Македонија сметаат дека ова не се нивни проблеми покажува дека имплементацијата на Охридскиот Рамковен Договор и многуте рефоми кои го следеа имаат постигнато малку за интеграцијата на Албанците. Всушност, реториката на партиите на етничките Албанци се доказ дека сегрегацијата продолжува и дека имплементацијата на Охридскиот Рамковен Договор е само вежба на штиклирање на зацртаните точки.

Идни перспективи: Да се протестира или не?

Ако партиите на етничките Албанци не се приклучат на протестите и не дадат силна поддршка за владеење на правото и обновување на демократијата, тогаш тие ќе го намалат нивниот иден политички потенцијал. Тие ќе бидат вклучени во поделбата на моќта; но тоа ќе биде про-форма и многу слично како што е сега. Иако до сега албанските партии ги задоволуваа желбите на меѓународната заедница, тие го прават тоа со ризик да ги оттуѓат нивните поддржувачи. Заедницата која тие тврдат дека ја претставуваат е второстепен фактор и на периферијата во нивниот процес на одлучување. Најлошо од сѐ е што на самите граѓани им се одзема можноста сами да одлучуваат. Граѓаните се ставаат во подредена позиција во однос на политичките партии. Граѓаните чекаат партиите да им ги решат проблемите, во средина каде партиите го покажуваат спротивното.

Ако Албанците, како поединци, одлучат да се приклучат кон протестите во голем број, тогаш ќе имаат две големи придобивки за нивната позиција во иднина. Прво, со присуство на протестите Албанците подобро ќе разберат како политичката криза влијае на нивните животи; и второ, тоа ќе им даде политичка моќ за во иднина. Ако учествуваат на протестите, тогаш Албанците ќе можат да речат дека и тие биле на улиците барајќи подобрување на демократијата и политички промени. Ќе можат да речат дека биле еднакви партнери. Тоа можеби нема да го промени раководството во партиите на етничките Македонци, или пак нивните политики, но ќе је промени позицијата на Албанците. Тие ќе се здобијат со поголема сопственост во политичките процеси и ќе ги зголемат нивните капацитети да влијаат на политичката агенда во иднина. Ако Албанците се приклучат на протестите, тогаш нивните главни партии, ДУИ и ДПА, ќе ја преиспитаат нивната улога и позиција во моменталната криза. На пример, ДУИ може да одлучи да ја напушти владата, или алтернативно, ДУИ и ДПА може да објават дека нема да учествуваат на изборите во јуни, или може да одлучат и тие да се приклучат на протестите. Тоа ќе ги зајакне силите кои се борат за демократски промени во Македонија. Тогаш кризата ќе се промени. Главната поделба ќе биде помеѓу политички сили кои се борат да го одржат корумпираниот авторитарен режим и политички сили кои се борат да ја обноват демократијата и да го зајакнат владеењето на правото. Во овој момент, ДУИ и ДПА тврдат дека седат на средина, но во суштина соработуваат со режимот.

Личен влог во протестите

За Албанците секогаш било важно да бидат сметани како еднакви граѓани. Сега имаат шанса самите да го добијат тој статус без политички посредници. Личното учество во политичките процеси е моќ. Чувството дека се има личен влог во политичката состојба покажува припадност кон државата, која не може повеќе поединците да ги третира како граѓани од втор ред. За Албанците најважно е да имаат глас на масата што ќе бара нивна интеграција во идното општество во Македонија, а не продолжување на етничката поделба на моќта.

Тука доаѓа сивата зона каде етничките поделби се или можат да бидат надминати. Овој простор исто така може да ги подобри етничките односи, но досега тој е само привремено пополнет од политичките партии. Новите партии на етничките Албанци, кои сеуште не се провериле на избори, имаат потенцијал да ги надминат етничките поделби ако не превземаат отворени националистички или етнички политики. Но, за овие партии изгледа дека е поблиска логиката на големите партии за задржување на важноста на етничките поделби. За жал, овие партии стануваат лоши копии на нивните „партии-мајки“. На пример, во последните интервјуа лидерот на Движењето за реформи во ДПА често застапува тези кои се понационалистички од ДУИ, што е идентично со политиката на ДПА. Во македонскиот блок, ново-формираната Левица, се чини дека е сензитивна кон претставувањето на етничките разлики, а СДСМ имала повеќе обиди во минатото да ги надмине етничките разлики, но со ограничен успех.

Polen EU Diskussion zur Transformation in Warschau Dane Taleski aus Mazedonien

Дане Талески

За сега, иднината на меѓуетничките односи во Македонија е нејасна; тие можеби ќе се подобрат или ќе се влошат. Има две опции и два актери. Едната опција е дека етничките поделби ќе продолжат, а втората е дека тие ќе се надминат. Актерите се граѓаните и политичките партии. Во овој момент, се чини дека граѓаните ја имаат моќта да создадат нови меѓуетнички односи и да го променат јавниот простор и реториката. Начинот да се направи ова е да се учествува во протестите и барем да се создаде сегашност каде сите граѓани на Македонија ја споделуваат судбината на државата и работат заедно да ја изградат демократската иднина како рамноправни поединци.

Лура Положани е докторант по политички науки и работи како асистент на универзитетот во Грац, при Центарот за југоисточно европски студии. Има магистрирано политички науки на London School of Economics and Political Science (LSE).

Дане Талески е доктор на политички науки и работи како визитинг истражувач на Центарот за југоисточно европски студии на универзитетот во Грац и како истражувач на Центарот за напредни студии за Југоисточна Европа на универзитетот во Ријека.

Реклама