Шаленберг: С. Македонија е подготвена за долга трка кон ЕУ | Северна Македонија | DW | 07.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Шаленберг: С. Македонија е подготвена за долга трка кон ЕУ

Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг од Скопје порача дека Виена дава целосна поддршка за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ и најави дека ќе се лобира и кај другите земји тоа да се случи.

Австрија нема дилеми дека Северна Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ и ќе дава активна поддршка за тоа да се случи следната недела на состаноците на Унијата. Случајно или не, шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг почетокот на преговорите го ЕУ го спореди со познатата велосипедска трка „Тур д’Франс“ и рече дека „не треба да има дилеми кој треба да застане на почетокот на трката“.
„Австрија има многу јасна позиција: Веруваме дека вашата земја заслужува да го направи следниот чекор. Скопје испорача резултати, сега е ред на Брисел да испорача. Ќе бидат тешки дискусиите, но јас сум оптимист и уверен сум дека ќе постигнеме позитивни чекори и ќе биде дадено зелено светло“, рече Шаленберг во Скопје на заедничката прес-конференција со домаќинот, македонскиот МНР, Никола Димитров.
Според информациите од Брисел, Франција останува неодлучна во однос на одлуката која треба да се донесе следната недела. Париз се уште има дилеми дали Скопје и Тирана треба да добијат зелено светло за почеток на преговорите, а конечната одлука се очекува да ја донесе претседателот Емануел Макрон.
Шаленберг денеска рече дека неговата земја е во контакт и со другите земји-членки на ЕУ „за да се убеди дека во Брисел ќе биде донесено правилното решение."
„Тоа е како Тур д'Франс: има многу етапи, и патот е долг, но не треба да има дилеми кој треба да стои на почетокот на трката“, рече Шаленберг. 


Поголеми резерви во главните градови има во однос на Албанија, но Шаленберг и Димитров одбиваат да прогнозираат дали двете земји ќе бидат одвоени од процесот како што се споменува во некои кругови.
„Ние имаме државен интерес Албанија да направи чекор напред. Тоа е добро за нас, но и за вкупната атмосфера и геополитичка ситуација на Балканот“, вели Димитров, но притоа предупредува дека „процесот е индивидуален, и ако правите групи од земји се руши логиката на условеност на процесот."
„Најдобро е за нас двете земји да одат напред, но не смееме да дозволиме една да биде жртва на другата. Два е подобро од една, но една е подобро од нула и може да ја сруши и самата политика на проширување на ЕУ,“ заклучи Димитров. 
Поддршка за позитивна одлука на ЕУ минатата недела дадоа и водечките луѓе на институциите на Унијата во заедничко писмо. За преговорите ќе решаваат министрите за надворешни работи на ЕУ на 15 октомври, а потоа и лидерите на земјите-членки. 

 

DW.COM

Реклама