Чулев го активира ВМРО во МВР(О) | Северна Македонија | DW | 02.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Чулев го активира ВМРО во МВР(О)

Нова предизборна стратегија на Христијан Мицкоски е за жртвите од епидемијата и загубите од економската криза да ја обвини власта, а МВР, по диктат на Чулев, да поднесува кривични пријави против носители на јавни функции

Едно мало потсетување на блиското минато е неопходно за разјаснување на денешната хаотична ситуација околу неизвесноста кога ќе се оди на предвремени парламентарни избори. Пред да стаса коронавирусот во Македонија, кога врвот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беа сигурни во својата победа под силна импресија на француското вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и оставката на премиерот Зоран Заев поради неочекуваната блокада,  на 14 јануари објавив колумна во nezavisen.mk со наслов „Чулев глуми апсење на Заев“.

Денеска тоа веќе не е ни глумење ни партиска пропаганда, туку сериозна најава дека ВМРО- ДПМНЕ ја активира вмровската структура во МВР со јавно објавена обзнана дека се подготвуваат кривични пријави за носители на власта како последен адут во битката за изборна победа и освојување на власта. Од кога тоа МВР почна да најавува со фанфари и тапани кривични пријави наместо да ги поднесува?

Разликата е во тоа што сега нема да им се суди на предавниците, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ го прифати целосно Преспанскиот Договор и членството во НАТО, додуша тоа го направи прилично премолчено. Едноставно ги стави ад акта националните и идентитетски предавства, фаќајќи се цврсто за многу попримамливата актуелна пандемија и нејзините трагични последици во човечки животи и драматични загуби во економијата, гарнирана со изменети закани дека ќе им се суди на носители на организираниот  криминал и висока корупцијата. Така осудените и обвинетите од судската клупа ќе станат обвинители во изборна кампања. Добро осмислена политичка пропаганда во земјата во која владеењето на правото е директно поврзано со владеење со државата.

Предизборни партиски трикови

Тогашните закани на Мицкоски  дека ќе им се суди веднаш по изборите на 12 април на потписниците на Преспанскиот договор со Грција, беа сфатени повеќе како само вербална предизборна закана за придобивање гласачи. Денес, само по неколку месеци, таквите обвинувања, во новата реалност на добиен датум за преговори со ЕУ и членство во НАТО, изгледаат наивно и бесмислено, дури и да е кажано само на зборови.

Тогаш напишав: Техничкиот времен  министер, Наќе Чулев гради имиџ божем е во интензивна потрага по обвинител, доволно голем патриот,  кој ќе потпише налог за апсење на премиерот во оставка Зоран Заев. Плаши мечка со дајре. По драматичните повици на Христијан Мицкоски, дека по освојувањето на власта ќе им се суди на предавниците, брзо и ефикасно, без застарување на предметите, високиот партиски професионалец Чулев ја разбра пораката да крева тензии дека е готово, победата е извојувана.

Претходни колумни од авторот:

Сто години чекаме датуми

Мицкоски и Заев знаат што е консензус

Избори на Видовден

Изборите како прво, или последно гајле

Притоа го напишав и тоа дека ништо не прават во ВМРО-ДПМНЕ додека вистински со едно 20- тина полицајци со качулки на главите не го уапсат Заев пред камери. Тоа се тие партиски предизборни трикови кои сега имаат ново пакување со веќе испробана партизација на полицијата.

Како некои жешки теми наеднаш станаа неважни

Не сум поборник на дополнителна памет и немам обичај да цитирам новинарски текстови, особено не свои, но кога се во прашање вакви спектакуларни промени на содржината на предизборната кампања, но со исти методи и цели, навистина човек не може да одолее да не ја сподели со своите читатели. Значи, наеднаш  повеќе не се важни предавствата со договорите со соседите Грција и Бугарија, со двојазичноста во земјата, со Специјалното јавно обвинителство и  аферата „Рекет“. Не е битен ни датумот за преговори со ЕУ кој уште не е одреден и кој според предвидувањата на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ  немаше ни да се одреди годинава. Уште помалку е битно  членството во НАТО. Тоа се бајати, преџвакани теми препуштени на партиските медиуми да се сервираат како предјадење.

Ниту еден функционер на ВМРО ДПМНЕ веќе не ги спомнува високотензичните теми за загуба на идентитетот, за смена на уставното име, изгубеното славно античко минато и слични веќе за изборите небитни работи бидејќи и онака од поодамна челниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат намера ништо од тоа да менуваат, ниту пак да се обидат да направат нешто на тој план. Тоа не го кажуваат гласно, но јасно ги информираат и соседите и странските дипломати дека нема да чепкаат ништо во тоа што е потпишано од владата и ратификувано во парламентот. Се разбира, ако ја освојат власта.

Најголем губитник граѓаните

Се дигна неколкудневна ѓурултија за договорот со Бугарија за јазикот и припадноста на историските дејци и предци и сето тоа преку ноќ стана споредна тема, мала предигра пред главниот настап со поднесување на кривични пријави на криминалците во власта за МОЖНИ кривични дела, што би рекол надежниот министер во техничката влада Наќе Чулев.

Дури и датумот за избори станува сѐ помалку значаен откако големата трогателна грижа за здравјето на луѓето се потроши како крокодилски солзи со неминовноста државата и нејзините суштински функции на парламентарна демократија да работат непречено. Не само Брисел и меѓународната заедница, и домашната јавност сѐ повеќе притиска да се најде што побрзо излез  пред налетот на целосно блокирање на институциите на системот во држава која со месеци нема политичка влада, нема парламент, а има повеќемесечна вонредна состојба поради пандемија, има економска криза и неизвесност за излез од тешката ситуација, има два милиони граѓани кои живеат во страв.

Престана наеднаш и непродуктивното и партиски навивачко толкувањето на уставот како да е алваџиски дефтер. Се изредија и уставниите судии и уставотворците и нивните ученици жестоки  партиски активисти, разни експерти и аналитичари, остана речиси незабележана анализата за уставните и законски можности и европски практики изготвена во МАНУ од академиците и универзитетски професори. Како и во секој судир на политиката и правото , загуби правото со катастрофален пораз. Во суштина најголем губитник е Македонија, односно нејзините граѓани. 

Што ќе им е власт ако нема држава

Човек со здрав разум не може да поверува во толкавата неодговорност на нашите политичари кои толку многу ја сакаат на зборови својата татковина и везден се колнат во неа. Како може да не им им светне во глава најлогичната помисла- што ќе им е власта ако останеме без држава, или ако останеме да живееме во држава која ќе потоне во длабока сиромаштија, беда, меѓусебна омраза и изолација.

Активирањето на датумот за избори во почетокот на јули по сила на законска уредба со консензус, или без заеднички договор, сеедно, ја отвора сезоната на лов на вештерки со новата главна доктрина која ќе ја спроведе ВМРО во МВР(О) поднесувајќи во предизборната кампања  серија кривични пријави против високи фукционери за злоупотреба на должноста, за организиран криминал и за висока корупција. И се разбира втората клучна пропагандна тема е дека здравствената и економската криза не се предизвикани од пандемијата, туку од неспособноста на власта. Чинам дека оваа тактика во која ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го вложуваат својот најсилен и последен адут ќе го одреди скорешниот датум за избори.

Клучното прашање останува дали во еден ваков амбиент на нарушена парламентарна демократија, без Собрание, со ограничени граѓански права и слободи, при техничка влада за сосема друга намена, при партизирана полиција и Државна изборна комисија, при економска криза и страв од зараза, при пандемија, можат да се одржат скандинавски избори кои се неопходни за да го означат почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Веќе е сосема очигледно дека ниту членството во НАТО, ниту преговорите со ЕУ не се доволен мотив да се најде заеднички договор и да се демонстрира повисока политичка и општа култура која ќе покаже дека навистина државните интереси се поважни од партиските.

Стравот од пораз го зема здравиот разум

Кога се сака, сѐ се може. Со политичка волја можни се безбедни и веродостојни фер избори на  почетокот на јули. Добра е идејата изборите да бидат во работни денови и да траат два дена од 7 часот наутро до 21 часот. Тоа ќе овозможи гласање со безбедна дистанца и без страв од коронавирусот.

Само стравот од пораз може да биде причина да се одбие ваков разумен предлог, кој е подобро да се прифати со консензус, отколку со законска уредба. Избори мора да има час поскоро, не брзи како што се нарекуваат погрешно, туку задоцнети оти беа договорени за 12 април. Изборот на одговорна и политичка влада, враќање во функција на сите институции на системот, пред сѐ непречената работата на парламентот и правосудниот систем, санација на економијата, се најголемата гаранција за подобро и поуспешно справување со епидемијата и за санирање на економската криза, одржување на меѓувладината конференција со Брисел и почеток на преговорите за членство во ЕУ. Тоа се најзначајните државни интереси за кои мора да има консензус. Секое бегање од ваков историски договор меѓу релевантните политички партии и лидери јавноста треба да го препознае и да го казни на избори.

На овие избори најважна ќе биде довербата на јавноста во политичките сили кои можат и имаат храброст да ги остварат најзначајните државни интереси. Учинокот што го направија владите во изминатиот период е најдобро мерило за успехот.

 

Реклама