Чувството на несигурност лаже | Свет | DW | 08.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чувството на несигурност лаже

Поради последните напади и убиства во Германија расте несигурноста меѓу населението. Но бројките упатуваат во друга насока: насилниот криминал опаѓа со години, исто како и криминалот извршен од млади или од странци.

Крвопролевање во Минхен, терористички напади во Ансбах и Вирцбург, напад со нож во Ројтлинген- голем број луѓе во Германија не се чувствуваат безбедно. Дотолку повеќе што масовните сексуални напади во келнската новогодишна ноќ веќе го поткопаа чувството на сигурност и земјата оттогаш се бори со прашањето дали Германија со приемот на повеќе од еден милион бегалци увезе и насилство и злосторства.

Веројатно спротивно на перцепцијата за безбедноста која имаат голем број луѓе, криминологот Кристијан Фајфер го застапува следниот став: „Германија континуирано станува посигурна“. Долгогодишниот раководител на Институтот за истражување во Долна Саксонија упатува на полициска статистика: Убиствата и смртоносните удари, на пример, според наводите на Фајфер, се намалени од 2000. година за 40 отсто. И сексуалното насилство, вели овој криминолог, е на најниско ниво како што не било веќе долго. „Силувањата во 2015. година исто така се намалени во споредба со претходната година и покрај доселувањето пред се' на голем број млади мажи. Нема ниту еден акт на насилство кој е во пораст“, вели Фајфер.

Опасноста е преценета

Спектакуларните кривични дела се однесуваат на криминал и насилство од млади мажи. Но тие статистички сочинуваат само мал дел од целокупниот криминал. Зачестеноста и опасноста од тешки кривични дела е масовно преценета од страна на населението, напиша криминологот Кристијан Валбург во својата експертиза „Миграција и малолетничка деликвенција“ во 2014. година. Од друга страна за другите области на криминалот Валбург забележа пораст: „Има пораст во обивањето станови. Еден друг деликт, кој многу порасна, е синтите кражби од џепчии.“ Валбург вели оти тоа нема врска со актуелниот пораст на доселување предизвикан од бранот на бегалци: Овие бројки во крајна линија растат со години, вели тој.

Кражби во продавници и возење на црно

Секако дека не се сите доселеници ангели. И меѓу бегалците се забележани злодела. Така, според наводите на Сојузната служба за борба против криминалот, изминатата година се регистрирани 84.000 осомничени подносители за барање азил. Во споредба со 2013. година оваа бројка е сепак помалку драматична. Таа година, имено, се регистрирани 160.000 осомничени подносители за барање азил. Во прв план се кражби во продавници со 39 насто удел и возење на црно со 18 отсто. Кога станува збор за силување и сексуално изнудување станува збор за 0,5 насто случаи.

Криминологот Фајфер не сака со своите податоци да ја ублажи ситуацијата, тој само сака да води дебата која се темели на факти. Во поглед на доселениците Фајфер признава дека младите мажи од Сирија и од Ирак се израснати во култура на машка доминација и оти тоа ги обликувало. Но тоа, вели тој, било и порано со Турците и Југословените. Фајфер се залага за процес на запознавање со културата. Меѓутоа : „Тоа значително зависи од тоа овие луѓе да не останат изолирани, туку да можат да станат дел од општеството“. Фајфер смета оти голем ризик за безбедноста специјално постои од младите мажи од арапскиот културен круг, кои тука немаат перспектива за добивање дозвола за престој и со тоа немаат што да загубат. Поради тоа тој вели дека бројот на овие губитници мора да се држи што е можно помал и да се „делува на тоа за да се осигура тие доброволно или со депортација да бидат вратени во нивните татковини“.

Добро обезбедена држава

Ова веројатно би го потпишал Улф Ких. Како раководител на криминалистичката полиција во Брауншвајг тој секојдневно има работа со криминалци, меѓу кои има и странци и посебно бегалци. Ких зборува специјално за две групи сторители: „Тоа се прво оние кои доаѓаат од источна Европа и луѓе кои доаѓаат од земјите на Магреб. Но тие не се сметаат во кругот на лица кои дошле минатите години со бранот бегалци“, вели Ких за ДВ. Тоа што нему му е важно е следново: Делувањето мора да има консеквенци. Тој смета оти е тешко подносливо тоа што судските постапки често траат со години. Поради тоа во Брауншвајг тој, во соработка со државното обвинителство и судовите го користи инструментот на т.н. притвор. „Ако е сторено кривично дело државниот обвинител испитува дали ќе побара притвор“, вели Ких. „Тогаш судијата за лицето одредува притвор во траење од 2-3 дена. Потоа доаѓа пресудата.“ Благодарејќи на таа екстремно забрзана итна постапка сторителите на кривични дела се осудуваат во рок од една недела. За еден подносител на барање за азил тоа би можело да биде многу непријатно: Имено, доволна е и само условна казна да се одбие барањето за азил.

Реклама