Чомски: Западот ја предизвика бегалската криза | Свет | DW | 05.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Чомски: Западот ја предизвика бегалската криза

Американскиот лингвист и филозоф Ноам Чомски е икона на левичарската интелектуална сцена. За порталот quantara.de на ДВ кој води дијалог со исламскиот свет, Чомски говори за блискоисточната политика и грешките на Западот

ДВ: Наскоро истекува мандатот на американскиот претседател Барак Обама. Што останува зад него на Блискиот Исток, со оглед на говорот кој го одржа во Каиро а кој се сметаше за историски?

Чомски: Говорот на Обама уште тогаш го доживеав како содржински празен. Не очекував многу и мислам дека тоа чувство се потврди. Позитивно во неговото владеење беше тоа што не употребуваше екстремно насилство и агресија, како што неговиот претходник со инвазијата врз Ирак го стори најголемото злосторство во овој век. Од друга страна, договорот со Иран мора позитивно да се оцени. Тоа можеше и порано да се случи. Сепак сметам дека е подобро да се има договор одошто да се нема никаков. Обама на Блискиот Исток остава глобализирана војна со дронови, која означи почеток на нова ера на меѓународниот тероризам. Мислам дека таа ќе се рашири. Нема да се шири само технологијата на дроновите, туку ќе се покаже дека таа е употреблива и за акции на разни терористички групи. Што се однесува до Арапската пролет, Обама, исто како и неговите сојузници, најпрво ги поддржуваа постојните диктатури сѐ додека можеа. По превратите, сторија сѐ за да се воспостави стариот систем.

ДВ: Во Египет, но и во Сирија постојат многу жилави арапски диктатури. Дали Арапската пролет дефинитивно пропадна?

Чомски: Тоа не го знаеме. Постоеја одредени достигнувања, но сега има назадување. Постоеја значајни промени кои можеа да бидат основа. На пример, во Египет значаен успех постигна работничкото движење кое беше водечко во Арапската пролет. Верувам дека диктатурата на Ал Сиси не е во состојба да ги реши огромните проблеми на Египет. Арапската пролет беше само една од бројните фази на патот до слобода и демократија. Сепак, во Сирија е во сила поинакво сценарио. Земјата тоне во самоуништување. Сите чекори кои досега беа преземани за да се спречи катастрофата само го зголемија хаосот. Она што ни е потребно во Сирија е помалку насилство.

ДВ: Што се однесува до Иран, некои во договорот за атомската енергија гледаат голем успех на администрацијата на Обама, а други сметаат дека тоа ќе доведе до атомско наоружување на арапско-сунитските држави. Зошто вие сметате дека тој договор е добар?

Syrien Anschlag in Homs

Војната ја опустоши Сирија

Чомски: Мислам дека тоа е успех. Но, сметам и дека севкупната тематика не се претставува коректно. Вистинскиот посакуван чекор би бил да се земе во предвид расположението во иранската, арапската, па и глобалната јавност и да се создаде регион без атомско оружје. Тоа Обама и го вети. Договорот е чекор напред. Ние не знаеме, но ни американската тајна служба не знае, дали Иран навистина планирал да развие атомско оружје. Па дури и доколку било така, треба да се биде чесен и да се каже дека таков потенцијал имаат многу држави на планетава, всушност, во основа тоа го може секој кој располага со атомска технологија.

ДВ: Дали американската администрација имаше било каков успех во политиката кон израелско-палестинскиот судир?

Чомски: Никаков, доколку ја занемариме декларацијата за намери. Освен тоа, мора да се констатира дека администрацијата на Обама спаѓа во оние американски влади кои дури и најмногу ја поддржуваа израелската експанзија. Додека остатокот од светот го критикува Израел поради изградбата на населби на окупираните територии, САД го поддржуваат во тоа. Во Вашингтон постои воена, дипломатска, стопанска, дури и идеолошка поддршка за продолжување на изградбата на тие населби. Во моментов Вашингто преговара со Нетанјаху за зголемување на финансиската поддршка. Таа фактички води кон зголемување на обемот на изградба на тие населби. Од друга страна во случајот со Појасот Газа истовремено имавме безобзирни напади на Израел кои САД ги поддржуваа.

ДВ: Во Европа се во подем национализмот и десниот екстремизам, пред се поради бегалската криза и приливот на мигранти. Сметате ли дека тие општествени сили ќе зајакнуваат?

Der US-amerikanische Globalisierungskritiker Avram Noam Chomsky wird beim GMF 2013 wie ein Popstar gefeiert

Чомски на Глобалниот медија форум на ДВ во 2013

Многу е интересно да се анализира одблиску таа ткн. бегалска криза. Во Австрија, на пример, еден неонацист е на чекор до целосен политички успех. Притоа Австрија не прими толку бегалци како другите земји. Шведска покажа најголемо разбирање за бегалците, примајќи околу 160 илјади луѓе на десет милиони жители. Тоа значи дека 1,5 проценти од населението го сочинуваат бегалци. Но, состојбата е далеку поинаква во земји како Либан, каде бегалците достигнуваат 40 проценти од севкупното население. Дури 25 проценти од тие луѓе се од Сирија. Истото се однесува и на Јордан. Во споредба со нив, Европа едвај и да стори нешто.

Секако се поставува и прашањето од каде бегаат тие луѓе. Воглавно потекнуваат од Блискиот Исток, но и од Африка. Европа има своја долга приказна во Африка. Последните векови беа одбележани со искористување и ограбување на африканскиот континент. Последициите се чувствуваат до денес и спаѓаат во причините зошто многу Африканци бегаат во Европа. На Блискиот Исток има многу причини кои доведоа до бегалскиот бран. Еден од најважните е американската и британска инвазија на Ирак, која целосно ја разори државата. Ирачаните и натаму бегаат од својата земја пред секташките судири кој пред инвазијата не постоеше на тој начин. Кога сето ќе се погледне подобро се гледа дека постојат одредени држави кои со својата политика предизвикаа бегалски бран во регионот- меѓу тие држави се САД, Велика Британија и други европски земји.

Реклама