Човечноста и отпорот на Тони Морисон | Панорама | DW | 09.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Човечноста и отпорот на Тони Морисон

Контрадикцијата е што и покрај автори и и сведоци на 20. век-таа најкрвава и најниска епоха на човештвото- како Тони Морисон, не сме научиле ништо за тоа како да бидеме подобри и пошироки луѓе. Колумна на Ивор Мицковски

И должам благодарност на моја драга пријателка, која преку својата професија и љубов кон книжевноста ме запозна со Тони Морисон. Доста касно се запознав со овој брилијантен автор и нејзиното прво монументално дело „Најсиното око“, но како утеха за мојата доцна оплеменета свест го земав фактот дека Морисон првото дело го пишува речиси на 40 години.

Има нешто особено кај авторите кои доцна почнуваат да се пробиваат или во повозрасни години создаваат некое ремек-дело. Тони Морисон е дефинитивно дел од таа мала група, а тоа што особено ја истакнува е нејзината архитектура на човечноста, како со чеканот на зборовите удира по металот на поимите, како со неверојатна сила и луцидност ни објаснува дека расизмот и нетрпеливоста се една заедничка, општа инклинација на човештвото, спонтана потрага на човекот да се осети нешто повеќе од само индивидуа, и како во напорот да ја изведе оваа елевација на себеси, всушност одлучува да ги исклучи, мрази или отфрли другите.

Ете тука е магијата и неверојатната политичка и ментална сила на Тони Морисон, тука лежи нејзиниот гениј, настрана книжевниот, кој испраќа, гради, развива, една универзална и соопшта идеја за што е човечноста, како погрешно се развива, како сите сме способни за зло, и како општото зло, омразата на човек според бојата на неговата кожа, или од која друга причина, може да го зарази, повреди или уништи и најубавото и најранливото во нашето општество, односно, нашите деца.

Деновиве по смртта на Морисон, во Галвстон, Тексас двајца полицајци монтирани на коњи, со јаже влечеа афроамериканец, подоцна правдајќи се дека немале патролно возило и не можеле поинаку да го спроведат уапсениот. Веројатно не помислиле на опцијата да се симнат од коњите?! Секако оваа слика е само мал пример, доста симболичен, покрај бројните и растечки насилни примери на расизмот кој повторно е во подем, и тоа не само во САД, туку и во Европа.

Literaturnobelpreisträgerin Toni Morrison ist tot (Getty Images/AFP/F. Fife)

Американската писателка, Тони Морисон

Се запрашав, лесна ли ќе и биде земјата на Тони Морисон,тешката земја на овој свет повторно втурнат во стапицата на омразата?! Веројатно оваа брилијантна дама, инаку првата афроамериканка која освоила Нобел, да беше се уште жива би прснала од смеење на вакво прашање.

Зошто ние луѓето сме навикнати пречесто да ја егзалтираме драмата на човековата глупавост, правејќи ги глупаците посилни од добрите и паметни луѓе. Оваа лекција Тони Морисон ја научила уште како многу мала, едуцирана преку трагедија и маките на нејзините родители. Кога била многу мала, незјините родители немале пари да платат кирија, па сопственикот на станот решил дека може да ги запали своите кираџии. Но, повеќе од криминалниот гест, тоа што ја едуцира Морисон е реакцијата на нејзините родители откако се спасиле од пожарот: прснале од смеење. Немале ништо вредно освен своите животи, не изгубиле речиси ништо, си ги спасиле животите додека сопственикот си го изгубил станот, и во исто време и покажале на својата ќерка колкав идиотизам постои во тврдоглавоста на суровите, колкава суровост постои кај луѓето. Животот доаѓа пред се друго, а потоа заштитата на сопственото достоинство, е лекцијата која Морисон ќе ја научи.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

-Демек комедијанти, за демек сериозни

-Канибализмот на Заев

Морисон не учи на нешто што се почесто се губи и заборава на овој свет, а тоа е културата на отпор. Не можеме да чекаме и да очекуваме дека светот ќе стане правичен за ние да пронајдеме некаква си димензија на среќа и правда. Како што вели самата: „судовите и понатаму ќе судат невини, но ние можеме да одбереме да им веруваме на жртвите, властите и понатаму ќе крадат и лажат, но ние можеме да одлучиме да не бидеме дел од будалите кои ќе им веруваат"; односно, дека можеме да се обидеме да живееме со многу поинакви правила и вредности од оние со кои живее светот. Затоа – отпор, отпор, отпор! Ликовите од нејзините романи се токму такви, тие пружаат отпор. Не чекаат помош, туку бираат да се борат.

Нејзиниот морал во суштина е крајно иманентен и императивен, Морисон не паѓа во трансцеденталности или можеби во потрагата по божји спас. Ропството не те прави подобра личност, предрасудите не ти помагаат мудро да живееш. Ништо не е полесно од тоа да се најде криминалност, грешки и мани кај оние кои живеат на маргините на општеството, можеме да најдеме милиони грешки во животот на оние кои се обесправени. Воедно, смета Морисон, дека не е невиноста или скромноста тоа што ја прави жртвата вредна за глофирицирање, или ја издигнува како симбол кој треба да се следи. Нејзината мудрост оди многу подалеку од таа еднодимензионалност. Ако очекуваме да го пронајдеме добриот афроамериканец, оној среќниот, верниот, посветениот работник, со цел да го претставиме како модел на човек кој заслужува правда, тогаш нема никогаш да го најдеме. Морисон е сурово контрадикторна како и самиот живот. Неправдата создава само болка и омраза, не создава модели и примери за подобар живот. Затоа и е комплициран патот до правдата. Затоа што правдата не зависи од квалитетите и одлуките на поединецот.

Сите заедно, или во доволно голем број, можеме да ја оштетиме и најчистата душа, е сржта на мислата на Морисон. Како во романот „Најсиното око“, каде Пекола, малото црно девојче мисли дека ако има сини очи како Ширли Темпл би можело да и помогне да се ослободи од тој ужасен и прекорувачки поглед на општеството. Но, не постои сино око кое може да ги смени предрасудите. За Морисон, ништо не треба да се смени во бојата на нашата кожа за да го добиеме она што веќе сме – луѓе!

Во своите понови романи и во нејзините илуминирани интервјуа Морисон ни раскажува како во дваесетиот век самите афроамериканци почнуваат да одлучуваат според градацијата на темноста кое црно е поцрно од другите. Црно „полноќ“ е дефиницијата за најтемната градација и гаранција дека афроамериканец со таква боја на кожа не може никогаш да биде прифатен во општеството на белците. Морисон сака да ни каже дека расизмот не им припаѓа само на белците.

„Расизмот е измислица која служи да се засили нашето чувство на безбедност и припадност: во рамки на афроамериканската заедница, премногу луѓе се уште размислуваат во рамки на колоризмот“, ќе нагласи Морисон. Овие искуства и се од кога била мала и кога се мерело кој е посветол, а кој потемен. Некои дури посветлите нијанси на црно ги сметале за убавина, други пак спротивното. Морисон раскажува како нејзината прабаба, кој имала многу темна кожа, додека разговарала со нејзината мајка, гледала со тотален презир на нејзе и нејзината сестра: „Твоите ќерки се контаминирани“. Според Морисон, таа и нејзината сестра биле „нешто друго“ и во рамките на нивното семејство.

Сите овие животни контрадикции потоа се претвораат во една неверојатна интелектуална енергија со која Морисон се обидува, и успева, да ни отвори еден нов говор, една нова логика, која не се базира на дефинициите базирани на бојата на кожата, на сексуалниот избор, на родот, на етнијата. Човекот како човек, само тоа е важно за Морисон. Нејзината големина лежи токму во тоа што сите проблеми и сите зла ги сведува на човековата димензија. Оттука Морисон го презира и милитантниот феминизам, иако феминизмот игра важна улога во нејзните дела. Според Морисон, треба да се саботира секој затворен систем. Ниеден матријархат не може да биде подобар од патријархатот, ниеден национализам, дури и оној на афроамериканците, не може да биде подобар од кој било друг национализам. И додека Морисон смета дека расизмот можеби и може да биде надминат, таа беше огромен скептик дека може да се победи мизогинијата. И таа потекнува од ропството, од жената сфатена како објект за употреба.

Повторно се враќаме со Морисон на универзалноста, таа сеопфатна и фалична човечност која успева да ни ја претстави толку силно пред очи. Поларизацијата во однос на црниот човек всушност и нема врска со бојата на кожата, но и тоа како има врска со потребата за исклучивост.

Без црниот човек, кај белците би се вратиле поделбите на богат и сиромашен, убав и грд, привлигиран и искористен, неписмен или талентиран. Во однос на црниот човек, белецот станува само белец, станува победник, станува активниот дел од светот и човештвото. Целта на се ова, според Морисон, е многу проста: да се убие идејата за заедничко човештво.

Затоа и расизмот на Морисон има толку многу колорит, крв, лиги и човечко ткиво, затоа што расизмот не е семантичко страшило. Расизмот е големата стапица во која постојано паѓаме секој пат кога не ни останува поинаква дефиниција за самите себеси, освен во спротивставеност со другиот. Идентитетот на белиот човек се создава преку исклучување на црниот човек.

Живееме во време во кое расизмот и ентичката нетрпеливост се во опасен подем низ светот. Контрадикцијата е што и покрај вакви автори и сведоци на 20-иот век, таа најкрвава и најниска епоха на човештвото, не сме научиле ништо за тоа како да бидеме подобри и пошироки луѓе. Но, зборовите, идеите и книгите на Морисон, како и зборовите на многу мудри луѓе, остануваат запишани и да постојат, а идеите и книгите не можат да бидат игнорирани, освен од неписмените и крволочните. Запомнете, првата работа што ја направија нацистите е да ги запалат книгите: книгите се оружје, тие ни припаѓаат, исто како што може да ни припадне и човечноста на мудриот автор.

 

DW.COM

Реклама