Човекот и роботот на средба во Хановер | Економија | DW | 24.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Човекот и роботот на средба во Хановер

Каде има најмногу роботи во светот? Во моментов најверојатно во - Хановер! Отворен е индустрискиот саем, кој покажува како луѓето и роботите фунцкионираат заедно.

Роботи до каде што стигнува погледот: тие се во функција насекаде во огромните саемски хали во Хановер. Некои ви точат пиво, други прават шеќерна пена, ви нудат еспресо или градат со лего-коцки. Сето тоа нема многу врска со реалноста, но малку шоу е нормално на секој саем. Конечно, 6500 излагачи од 70 земји мора да го привлечат вниманието на посетителите кои од денеска на саемот се информираат за најновите индустриски трендови.

А трендовите може да се сведат пред сѐ под поимот - дигитализација. Фабриката на иднината е вмрежена, машините комуницираат меѓу себе и самите пријавуваат кога има потреба од поправка. Или, уште подобро: даваат сигнал пред нешто да се расипе, за да може да се нарача резервен дел.

Роботот како колега

Она што звучи како „Ѕвездени патеки“ е сѐ друго само не „science fiction“. Сето набројано веќе постои. Саемот во Хановер, кој патем одбележува 70 години постоење, во изминатите години беше во знакот на поврзување на машини или фабрики, а годинава се концентрира врз робот „кој соработува“, значи - роботот како колега на човекот. Клаус Мителбах, раководител на Здружението за електротехника ЗВЕИ, објаснува како тоа може да изгледа: „Мора да се подготвиме на тоа дека ќе мора да учиме цел живот, а соработката со роботите тука нуди многу повеќе можности.“

Тој наведува пример: „Наутро сум посвеж и можам самиот да завршам повеќе работи, додека по ручекот сум малку уморен, па би можел да добијам поддршка од роботот. Ако навечер повторно сум во подобра форма, роботот може да прави помалку.“ На тој начин соработката добива нова форма, ќе има нови предизвици. „Мислам дека токму во Германија, со население кое постојано старее, тоа е огромна шанса за напредување на економијата.“

Deutschland Hannover Messe 2017 (Getty Images/AFP/T. Schwarz)

Германската канцеларка Меркел и нејзината полска колешка Шидло во обиколка на саемот во Хановер

Фабриките нема да бидат без луѓе

Саемот во Хановер не сака само да прикаже што сѐ можат роботите денес. Тој сака на луѓето и да им го одземе стравот дека колегата од челик, полн со електроника и вештачка интелигенција, би можел да им го земе работното место. Напротив, од овој саем „произлегува пораката дека човекот е во средиштето и дека фабриките нема да бидат без луѓе“, тврди шефот на саемот, Јохен Кеклер.

Земја-партнер на саемот годинава е Полска. Источниот сосед на Германија со својот робустен економски пораст одамна не се гледа себеси само како работилница за концерните од Западна Европа. Полската влада сака пред сѐ да ги унапредува дигитализацијата и автоматизацијата на процесите, а Хановер е вистинско место за размена на искуства, нагласи полската премиерка Беата Шидло, која вчеравечер го отвори саемот заедно со германската канцеларка Ангела Меркел.

Гледај видео 01:08

Фудбал со роботи

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама