Човекот и роботот како колеги | Економија | DW | 23.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Човекот и роботот како колеги

Фабриката на иднината е вмрежена и интелигентна. На најголемиот светски индустриски саем во Хановер, кој синоќа го отвори Ангела Меркел, може да се видат најновите технологии. Учествуваат околу 5.000 излагачи од 75 земји

Добри вести стигнаа уште пред официјалниот почеток на саемот: ЕУ и Мексико во голема мера се согласни околу новиот договор за слободна трговија. Новиот трговски пакет предвидува со речиси сите стоки да може да се тргува без царини. Моментот на објавување не може да биде поповолен: Мексико е земја-партнер на годинешниот саем во Хановер. Мексиканците сакаат да се покажат во најдобра светлина и бараат нови пазари, откако од север им дува прилично ладен ветер, поради протекционистичките мерки на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Мексико сака да се покаже како исклучително занимлива локација, а исто така и извозник, и тоа не само во САД, туку и во другите делови од светот“, изјави директорот на саемот, Јохен Кеклер за Дојче веле. Најголемата економија во Латинска Америка ита на светските пазари и е голем поборник на слободна трговија.

прочитајте: 

Човекот и роботот на средба во Хановер

Иднината на живеењето - роботизирано и вмрежено

На отворањето на саемот синоќа во Хановер (22.04) германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието исто така го истакнаа значењето на слободната трговија. Нието во Хановер доведе делегација од 450 луѓе, вклучувајќи пет министри и шефови на 30 водечки фирми. На самиот саем се присутни 150 мексикански компании.

Hannover Messe 2018 | Angela Merkel mit dem mexikanischen Präsident Enrique Pena Nieto (picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte)

Ангела Меркел и Енрике Пења Нието

Човекот како средиште на модерна фабрика

Сите сакаат да покажат што е ново во поглед на најсовремените производни методи. Станува збор за машини кои самостојно учат, користејќи вештачка интелигенција. Тоа се дронови или роботи- асистенти кои ќе ги променат логистичките процеси. Но, се работи и за луѓето, истакнуваат во Хановер - фабриката на иднината не е без луѓе.

„Основната порака на годинешниот саем е дека луѓето се во средиштето на модерната фабрика“, вели Кеклер. Во наредните денови може да се види „дека со роботот на работното место ќе се однесуваме како како што приватно ракуваме со својот паметен телефон, така што не мораме да бидеме стручњаци за ИТ за да можеме да користиме најмодерна технологија.“

Кеклер притоа мисли на т.н. колаборативни роботи кои им помагаат на работниците во фабриката, роботи кои веќе не работат оградени, туку така да се каже - рамо до рамо со луѓето. Челичните момци во меѓувреме се толку сензибилни што го перципираат своето опкружување. Паметните машини се преполни со електроника, известуваат за тоа кога треба да бидат сервисирани или кога се оштетени.

Hannover Messe 2017 (picture-alliance/dpa/F. Gentsch)

Производство со допир на прстот - така можеби ќе изгледа иднината

ИТ доаѓа на саемот за индустрија

Онаму каде има толку софтвер и податоци, не се далеку ни големите ИТ-компании: во меѓувреме Мајкрософт, Оракл, САП и дури и Амазон имаат големи штандови на индустрискиот саем. Клаус Мителбах, директор на Здружението за електроника вели: „Сведоци сме дека големите ИТ-концерни од САД доаѓаат на индустриски саем, а не како што се случуваше во минатото - ние (индустријата) да одиме на саеми за ИТ. Тоа е новина.“

Значи, дигиталните информации стигнаа во претпријатијата и зборот кој тоа го означува е креиран на саемот во Хановер пред неколку години: Индустрија 4.0.

Во дизајнирањето на вмрежената индустрија „Германија е прилично добра“, изјави канцеларката. А германските фирми сега го планираат следниот чекор: „Сега е возбудливо, зашто во прашање се деловни модели кои станаа возможни благодарение на дигитализацијата“, вели Тило Бродтман, генерален директор на инженерското здружение ВДМА во разговор за Дојче веле.

Во Хановер се видливи првите знаци во кој правец ќе се движат работите. Следниот чекор би бил комуникација на претпријатијата со своите партнери на пазарот: „Не мора сите кои сакаат да бидат успешни за десет години да ја пеат песната на дигитализација, но 80 проценти од средно големите претпријатија тоа го прават зашто се надеваат на нешто и затоа што тоа можат да го обликуваат.“

Зашто, и другите нации умеат да се дигитализираат. Според сегашната прогноза, 40 проценти од сите продадени роботи во 2020 година ќе отидат во Кина. Поради тоа, првенствено средно големите претпријатија кои се занимаваат со производство на машини и постројки мораат да се потрудат ако сакаат да ја одбранат својата позиција на најдобри во светот. Тоа би требало да биде можно, имајќи ја во вид технологијата која овие денови се прикажува во Хановер.

 

DW.COM

Реклама